Надежта во Бога е карпа несоборлива
 
 
 
 
 

Надежта во Бога е карпа несоборлива (11.02.2012)

На сите патишта по кои одат во светот, луѓето нама да најдат мир, додека не се приближат до надежта во Еднствениот Бог.

Кој се надева во Бога, стамен е во срцето, и сите луѓе ја гледаат неговата чистота и неговата пофалба е секогаш пред непријателите.

Кој ја воздржува својата уста од клевети, тој го чува своето срце од страстите.

А кој го чува своето срце од страстите, тој непрестајно Го гледа Бога.

Кој постојано размислува за Бога, тој ги брка од себе демоните и го искоренува семето на нивните злоби.

Кој непрестајно ја надгледува својата душа, во неговото срце се населуваат откровенија.

Кој го восредоточува умот внатре во себе, тој во себе ја созерцува муграта на Духот.

Кој се гнаси од блудот на умот, тој Го созрцува својот Владика, внатре во срцето свое.

Ако ја сакаш чистотата во која може да се созерцува Владиката, тогаш никого не клевети и не го слушај оној кој го клевети својот брат. Ако пред тебе другите се препираат, затвори ги ушите и бегај од таму за да не ги слушаш гневните изрази и да не умре твојата душа, одземајќи си го животот. Раздразнетото срце не ги прима во себе Божјите тајни, а кроткиот и смиреноумен човек е источник на тајната на новиот век.

Кој е болен и ја знае својата болест, тој е должен да бара лек за себе. Кој ќе дознае од што е болен, тој веќе е блиску до своето оздравување и лесно ќе го пронајде. Со стврднување на срцето се зголемуваат неговите болести; и ако болниот се противи на лекарот, се зголемува неговото мачење. Нема грев кој нема да се прости, освен непокајаниот.

Секогаш држи го во себе сеќавањето за оние кои се пред тебе во добродетелите, за секогаш во себе да ги согледуваш своите недостатоци во споредба со нив. Секогаш имај ги во умот најтешките неволји на несреќните и огорчените, за  и самиот да принесеш должно благодарење за малите и никакви неволји низ кои поминуваш, и за да бидеш во состојба со радост да ги поднесуваш.

Тешко ѝ е на младоста без вежби да се впрегне под јаремот на светињата. Почетокот на помрачувањето на умот (кога знаците ќе почнат да се појавуваат во душата), пред сè се гледа во мрзливоста за служба на Бога и за молитва. Зашто, на патот кон душевната соблазна, по правило му претходи отпаѓањето на душата од гореспомнатото.

Кога пак, душата се откажува од Божјата помош, таа лесно паѓа во рацете на своите противници. А исто така, штом ќе почне да ги занемарува добродетелните дела, душата неприметно се вовлекува во она што ѝ е спротивно на добродетелта.

 

Свети Исаак Сирин