За љубовта
 
 
 
 
 

За љубовта (15.02.2012)

Ние страдаме, бидејќи немаме љубов. Оној кој не љуби нема да има ни мир, дури и во рајот да го повикаат – рекол еден старец.

 

Преподобниот старец, првиот жител на скитот Света Ана, Пресвета Богородица го поучила за преголемата љубов на Нејзиниот Син. Така тој, со посредство на Божјата љубов, достигнал скрушеност, смирение и безгрижност. Имал само една грижа, за Бога, за својата душа и за тоа како да им биде пример на своите чеда.

 

Еден старец рекол: Се нарекуваме христијани, а никој од нас не се придржува до заповедта за љубов кон ближните.

 

Старецот Н. давал сè што имал. Бог го љуби верниот кој дава, било мотото на овој незаборавен монах.

 

Некои поклоници го затекнале отец Авакум како плаче во својата келија. Кога го прашале за што се работи, им раскажел дека пред нивното доаѓање некои посетители му зборувале за слепите деца кои страдаат во светот и дека не може да ги задржи солзите. Беше пример за вистинска, несебична и дејствувачка љубов.

 

Еден старец рекол: Оној кој вистински Го љуби Бога, не го љуби само ближниот, туку и сите созданија: дрвјата, тревата, цвеќињата. Тој сите ги љуби со иста љубов.

 

Постоеле херои кои биле смели со телото и душата, кои биле обземени со љубов и кои поседувале добродетели над добродетели. Ништо не можело да ги сопре: ни напорниот ден, ниту опасноста негувајќи ги болните браќа и самите да заболат од заразна болест каква што е туберколозата. Еден од таквите херои на љубовта бил и отец Пантелејмон од скитот Света Ана. Тој се грижел за болните од туберколоза и ги хранел изгладнетите за време на германската окупација. Се упокоил во 1948 г. откако и самиот се разболел од туберколоза и притоа никој не го чул да негодува. Напротив, секогаш Го прославувал Бога.

 

Еден старец велел: Ќе плачеме над срушените остатоци од нашиот скит, бидејќи овде нема љубов. Толку пари... Дајте му нешто на сиромавиот за да си соѕидате колипка на небесата!

 

Отците од Новиот скит ја чистеле костурницата. Старецот Данаил, кој живеел во скитот и секому му служел без приговор, помагајќи во костурницата им се обратил на упокоените: Сте се подвизувале додека сте живееле на земјата, така сте ги примиле своите венци и живеете на небесата. Свети Отци, молете се за нас. – Тогаш се чул глас кој доаѓал од мноштвото коски: Мора да имате љубов, бидејќи без љубов никој нема да се спаси.

 

Од Светогорскиот старечник