За постот
 
 
 
 
 

За постот (13.03.2012)

За постот и за тоа дека ползата од постот не треба со ревност да ја чуваме

и прифаќаме само во првата недела од постот,

туку, неопходно е, во иста мера да се покаже ревност и стремеж

во текот на сите недели од постот

 

 

 

     1. Браќа и отци, ова што сега ќе ви го кажам требаше на вашата љубов да ѝ го кажам претходните недели. Но, бидејќи знаев дека целото христијанско племе, односно монасите и мирјаните и секој од нас верните, во светата и прва недела на постот ревносно и подготвено го дочекува доброто од постот и дека секој на својот врат своеволно го поставува неговиот јарем, и нема никој ниту од оние кои целосно кренаа раце од своето спасение и живеат без страв од Бога и Го пренебрегнуваат Бога, а во текот на таа недела го отфрлуваат законот на постот и не се воздржуваат со останатите, колку е во нивна моќ, денес ќе ви кажам нешто малку и кратко за тоа, бидејќи сега е моментот.

     2. Бидејки, како што реков, сите трудољубиво ја поминаа првата недела од постот, кога таа ќе пројде и ќе дојде сабота, кога Божјата Црква по преданието го слави празникот на светиот великомаченик Теодор или, подобро кажано, чудесното спасение кое се случило од Бога врз Неговиот најверен народ, и додека во недела сите правиме спомен на православната вера и Му пееме на својот седобар Бог благодарни химни, а лукавиот кој секогаш му завидува на доброто влегува кришум во секој од верните и, невидливо го спречува со невнимание и мрзливост, го наговара со презир да го отфрли од себе јаремот на спасоносниот пост и да се врати на претходната навика. Затоа денес потсетувам и ја молам вашата љубов, а воедно и вашето татковство, по никоја цена да не го послуша непријателот, ниту да подлегне на лошата навика на незаситното стомакоугодување, ниту да се врати на претходното и старо исполнување на лукавите желби, туку да покажеме почитување и кон следната недела на постот, а потоа и кон сите останати.

     3. Да, отци и браќа мои, така постапувајќи ќе си направиме добро и да не дозволиме сега да го изгубиме она, што го собравме, туку подобро да бидеме уште поревносни, кон сѐ тоа да додадеме уште добрини и да ги зголемиме, а, исто така, да не посакаме ни она што претходно добро сме го изградиле, сега со зло да го срушиме. Секој од вас нека се потсети на користа од постот и дарот од Бога во кој уживаше овие денови, и во иднина нека биде уште поподготвен. Бидејќи, Лекарот на нашите души умее кај некој да го сопре распалувањето и раздвижувањето на плотта, кај друг да го скроти гневот, на трет да му го избрка сонот, кај четвртиот да предизвика внимание, кај петтиот чист ум – ослободувајќи го од лоши помисли, кај шестиот го скротува нескротливиот јазик и со Божјиот страв управува со него како со некоја узда, воопшто не допуштајќи му да изговори празни и лоши зборови, а површниот невидливо го штити и му ги запира очите, не допуштајќи им да блудничат на сите страни, туку секого го наведува да се гледа самиот себеси и го учи да се сеќава на сопствените гревови и недостатоци. Постот постепено ја распрснува темнината на умот и го истенчува и прогонува покровот кој лежи над грешната душа, како сонцето маглата. Постот прави во себе умно да го видиме духовното небо во кое не заоѓа, туку секогаш свети сонцето, нашиот Господ Христос. Постот здружен со бдеењето влегува во срцето и ја омекнува неговата тврдост, па прави низ поранешиот пијаница да потечат извори на покајание. Ве молам, браќа, секој од нас да се потруди тоа и со нас да се случи, бидејќи тогаш лесно, со Божја помош, ќе го поминеме целото море на страсти и, поминувајќи низ брановите на искушенијата на оној кој брутално нѐ злоупотребува, да пристигнеме во пристаништето на бестрастието.

     4. А тоа, браќа мои, не може да се случи за еден ден, ниту за една недела, туку потребни се многу време и труд и напор, согласно со подготвеноста и желбата, а со тоа и по мера на верата и презирот кон видливите и замислените работи, и не само тоа, туку тоа, со Божји дар и благодат, брзо или полека се достигнува во согласност со трудот во непрекинато покајание и непрестајно дејствување во скриената визба на душата, но без постот никој никогаш, ниту од тоа, ниту од другите добродетели, ништо не успеал да достигне. Бидејќи постот е почеток и основа на секое духовно дејство. Значи, сѐ што ќе изградиш на тој темел не може да падне и да се разруши бидејќи е изградено на цврста карпа. А ако го отстраниш тој темел и на негово место ја поставиш ситоста на стомакот и неумесните желби, сѐ тоа како песок ќе го однесат лошите помисли и реката на страстите и ќе се разруши целиот објект на добродетелите. Значи, за тоа да не ни се случи и на нас, радосно да застанеме на цврстиот темел на постот, да застанеме добро, браќа мои, да застанеме доброволно. Бидејќи, оној кој спротивно на волјата се присилува да се искачи на карпата на постот, секако ќе пости оттаму, повлечен од желбата за тајнодејствие, а јадејќи, тој неосетно станува и храна на лукавиот. Тоа е Божјиот закон, и оние кои си дозволуваат да го крашат, ѓаволот како крвник ги превзема и казнува, иако не веднаш ниту во истиот час, бидејќи Господ е долготрпелив кон нас и го очекува нашето покајание, но ние во секој случај нема да избегаме од неговата рака ниту овде, ниту во идниот живот ако непокаено живееме во грев, туку, така постапувајќи, со него и од него ќе примиме осуда и на праведниот Божји Суд заедно со него ќе бидеме осудени на бесмртна казна. Дури и ако се скриеме од вниманието на нашиот духовник, ние не можеме да се скриеме од Владиката и Господ на сите настојатели.

     5. Тогаш, да се пазиме браќа, не само од тајнојадењето, туку и од наситувањето од јадењата поставени на трпезата. Да, ве молам и не престанувам да ве молам, сетете се на минатата света недела. Сетете се, како што реков, на ползата од постот и бденијата, молитвата и псалмопеењата, но и на жалосливоста, побожноста и молчанието. Манастирот тогаш ми изгледаше како во него да живеат не луѓе, туку самите ангели, бидејќи не слушнав ниту еден изговорен збор освен славословијата кои Му ги вознесувавме на Бога, тоа што и ангелите го прават. А верувам дека, како што вие го извршувавте ангелското дело, исто така, и ангелите невидливо со вас живееле и пееле. Затоа не посакувајте со многусловие и празнословие да се одделите од општењето со нив и немојте со недолични зборови или викање да ги натерате да избегаат од вас, а на демоните да им дозволите да ви се приближат, како порано, туку секој нека пази на самиот себе и совесно нека го извршува своето ракоделие и послушание, како оној кој Му служи на Бога, а не на луѓето. Бидејќи, напишано е: „Проклет е секој кој невнимателно ги извршува делата Господови.“

     6. Немојте, браќа, да престанете едни со други да се поттикнувате на служење на она што се чита на Божествените собори. Бидејќи, како што на сетилната трпеза ги поттикнуваме ближните и им нудиме да јадат, а оние кои ги сакаме повеќе од другите дури и ги молиме да јадат, така сме задожени и за оваа трпеза со душевна храна, да внимаваме на ближните и да ги поттикнуваме за да не бидеме осудени како оние кои не се сакаат едни со други и да не го загубиме името на Хистови ученици. Бидејќи, вели: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13, 35). И кој на сетилната трпеза не го присилува својот пријател често да јаде, многу му користи, а кој тоа го прави за духовната трпеза, а притоа мислам на слушање на Божји зборови, на оние кои ќе се најдат во негова близина, му нанесува голема штета. Бидејќи, наситувањето со телесните јадења често им пакости и штети и на душата и на телото додека она што тука светителите го зборуваат и умот го просветлува и душата ја осветува, а преку неа секако и на самото тело му предава осветување, правејќи го здраво и крепко.

     7. Затоа секој нека внимава при читањето. Бидејќи, зборовите на светителите се Божји зборови, а не чевечки. Нека ги вметне во своето срце и добро да ги чува бидејќи се Божји зборови на животот и кој во себе ги има и чува ќе има вечен живот. Односно, кога би седнале на богата трпеза никој од вас никогаш не би покажал невнимание, ниту би задремал и не само што би земал колку што му треба, туку би се трудел да земе храна и за утрешниот ден или да ја раздаде на пријателите или на сиромашните. А таму каде што се нудат зборовите на животот, кои што ги прават бесмртни оние кои од нив се хранат, кажи ми, зар е можно некој да спие и да биде невнимателен или да дреме и крчи, како жив мртовец? О, пропаст! О, нечувствителност и мрзливост! Кој седи на трпеза, а не сака да земе од она што се наоѓа пред него, јасно е дека нема природно здравје. Така и оној кој го слуша Божјото читање, а не ужива со душата со неискажливо задоволство во невештествените и Божји зборови, неисполнувајќи ги мислено со нивната сладост сите сетила, слаб е во верата и не ни вкусил од духовните дарови бидејќи умира од глад и жед, иако е опкрушен со богатсво. Бидејќи, како што мртовецот не чувствува кога го мијат со вода, така и тој не чувствува кога го замиваат струите на живите и Божествени зборови.

     8. Значи, сите вие кои во себе имате збор на животот, кои сте побрзале да се нахраните со овој леб, кои не сте станале мртви, туку од мртви живи, вкусувајќи го вистинскиот живот и стекнувајќи семилост кон ближните, примајќи ја од семилостивиот Бог, не престанувајте да ги поттикнувате и молите и советувате ближните, ако е можно, и сите, и потрудете се како сопствени делови, а поточно како Христови делови и Божји синови, да ги карате, казнувате и разобличувате, не за да ги разжалостите, туку да ги ослободите од Татковиот гнев и негодување, и не да им наштетите, туку да им донесете голема полза, поттикнувајќи ги да ја исполнуваат волјата на својот Бог и својот отец. Ако така правите и ако сите од вас на тој начин го поттикнете својот брат на љубов и добри дела, набрзо сите ние ќе се искачиме на височината на добродетелите и ќе се покажеме како оние кои ги исполнуваат Божјите заповеди, и така сите ќе го достигнеме Царството небесно во самиот Христос нашиот Бог, Кому Му доликува секоја слава во сите векови. Амин.

 

 

Свети Симеон Нов Богослов