Стража над сетилата
 
 
 
 
 

Стража над сетилата (17.03.2012)

Кога човекот се повлекува од светот ги избегнува искушенијата кои можат да предизвикаат грешни зборови и световни слики. Живеејќи во светот, тој несвесно ги слуша и гледа работите кои, преку сетилата, ја валкаат неговата душа. Овие световни претстави и впечатоци, кои влегуваат во душата, со себе носат психолошко и духовно оптеретување. Тие ги будат сеќавањата на кои човекот повеќе не сака да се потсетува, создаваат непотребни духовни тензии и оставаат „отпечатоци“ – нечисти траги во неговиот духовен живот. Човекот кој живее во светот прифаќа, дури и делумно, некои од гревовите на светот. Старата поука вели: „Човекот е она што јаде“. Исто така, може да кажеме дека човекот е она што го живее во градот, селото или во својот дом. И како што неговото тело и телесното здравје зависат од намирниците кои ги користи во исхраната, така и неговата духовна состојба почнува да зависи од исте тие претстави и мисли, кои влегуваат во неговата душа, низ неговите сетила.

 

Св. Никодим Светогорец опширно пишуваше на оваа тема - стража над сетилата. Човекот мора да ги чува своите сетила, бидејќи тие се двери низ кои влегуваат пријателите, но и непријателите. Низ нив во душата можат да влезат и мрачни впечатоци. Тие постепено можат да ја обликуваат и целата структура на човековото битие. Во текот на нашиот живот, многу впечатоци и дела се впишуваат во душата, како во книга. А тоа се книгите кои ќе бидат отворени во последниот ден, на Старшниот суд.

 

Човекот до крајот на својот живот е во постојана трансформација преку она што го слуша, гледа и она што го живее. Тој е како вајар кој го обликува дрвото, дел од едната страна, дел од другата, и малку по малку, ете скулптура. На крајот од својот живот, човекот ќе се појави во својот конечен облик, обликуван од сѐ она што го чул и направил. Оваа трансформација понекогаш е јасно видлива на неговото лице и за време на животот. На пример, човекот пијаница, кој живеел грешен живот, ќе го покаже тоа. Неговата појава поприма одреден изглед, според гревот кој го направил. А ние, старците, можеме тоа да го приметиме и почувствуваме.

 

Но, овие лоши отпечатоци не остануваат само на надворешниот човек, туку се издлабуваат и во неговата душа. На Старшниот суд, кога ќе се отворат книгите, ќе се појави човекот – тоа е голема Божја тајна – обликуван со сѐ она што го правел и мислел. Светите Отци, а посебно св. Нифонт Дунавски вели дека луѓето, кои направиле страшни гревови и кои не се смениле или покајале, остануваат вечно разобличени – после смртта сите ќе ја видат својата душа, која ќе стане опиплива реалност. На Страшниот суд, состојбата на човековата душа, која ќе биде повидлива отколку неговото тело, ќе покаже сѐ што правел човекот. Грешниците ќе бидат изобличени и секое движење на лицето ќе ги покаже гревовите кои се направени. Тогаш – како што вели св. Нифонт – секој ќе ги види гревовите што сме ги правеле во текот на животот на земјата, бидејќи тие ќе бидат издлабени во нашиот изглед, тие ќе бидат како огледало на нашата душа, непоправливо оштетена од тежината на гревот. Сите наши гревови ќе бидат видливи, секој ќе ја види нашата расипаност.

 

А што се кажува во на нашите црковни боголужби за Старшниот суд: „О, кој може да го истрпи овој час?“

 

Ако не се срамам видливо му да грешам на мојот ближен, како ќе изгледам тогаш кога сите ќе ги видат моите гревови, кои сум ги направил во животот?

 

Старец Петрониј Светогорец – поранешен игумен на романскиот скит Падромос на Света Гора, упокоен на 22 февруари 2011