За молитвата (06.04.2012)
Нашите молитви не се услишуваат, затоа што не сме достојни. Треба да си достоен за да се помолиш. Не сме достојни, затоа што не го љубиме нашиот ближен како себеси. Тоа го вели и Самиот Христос: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот свој“ (Матеј 5, 23-24). Прво да одиш да се помириш со својот брат, за да бидеш достоен. Ако не си достоен, не можеш да правиш ништо. Кога ќе го средиш сето тоа и се подготвиш, тогаш оди да го принесеш својот дар.
Достојни стануваат оние кои посакуваат и копнеат да бидат Христови, односно оние кои Му се даваат на Христос. Голема вредност има доколку немаш своја волја. Робот нема никаква волја. Да немаме никаква волја, може да се случи на еден многу лесен и ненаметлив начин: со љубовта кон Христа и со исполнување на Неговите заповеди. „Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби, а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец, и Јас ќе го возљубам и ќе му се јавам Сам“ (Јован 14, 21). Потребна е борба. За противници ги имаме „кнезовите на темнината на овој свет“ (Еф. 6, 12). За противник го имаме „лавот што рика“ (1. Петар 5, 8). Не е дозволено во борбата да победи лукавиот.
Тоа претпоставува солзи, покајание, молитва, милостина и прозба во придружба со доверба кон Христа, а не со маловерие. Само Христос може да нè извади од оковите на празнината. Молитва и покајание и милостина. Дајте макар и една чаша вода, доколку немате пари. И да знаете дека колку што повеќе станувате свети, толку повеќе се услишуваат вашите молитви.
Да не Го принудуваме Бога со нашите молитви. Да не бараме од Бога да нè ослободи од нешто, на пример од болест и сл., или да ни ги реши проблемите, туку да бараме сила и поткрепа од Него за да имаме трпение. Како што Он благородно и ненасилно чука на вратата од нашата душа, така и ние на ист начин да го бараме она што го сакаме и доколку Господ не одговара, тогаш да престанеме да го бараме тоа. Кога Бог не ни дава нешто што упорно го бараме, тогаш Он има причина за тоа. И Бог има Свои „тајни“. Штом веруваме во Неговата добра промисла, штом веруваме дека Он знае сè од нашиот живот и дека секогаш го сака доброто, тогаш зошто да немаме доверба? Да се молиме едноставно и ненасилно, без страст и присила. Знаеме дека и минатото и сегашноста и иднината пред Бога се познати. Ние да не настојуваме, затоа што упорноста прави лошо наместо добро. Да не трчаме по она што го сакаме за да го стекнеме, туку да го препуштиме на Божјата волја. Колку што ние трчаме по него, толку тоа се оддалечува. Значи, трпение и вера и мир. Ако ние нешто заборавиме, Господ никогаш не заборава и доколку е за наше добро, тогаш ќе ни го даде тоа што треба и кога ќе треба.