Крстот и крсната слика
 
 
 
 
 

Крстот и крсната слика (13.04.2012)

Крстот порано бил символ на пресуда и казна, а сега е благороден и виден знак; некогаш, крстот бил предмет на маки и срам, а сега е предмет на чест и слава! Дека крстот навистина е слава, послушај Го Христа, Кој вели: „И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане“ (Јован 17, 5), кога под слава Он го разбира и нарекува крстот! Крстот е глава на нашето спасение, крстот е причина за безбројни блага: преку него ние, некогаш отпаднатите и бесловесните, сега сме примени во бројот на синовите; преку него ние веќе не сме во заблуда, туку сме ја познале вистината; преку него ние, кои некогаш сме се поклонувале на дрва и камења, сега сме Го познале Создателот на сè; преку него ние, некогаш робови на гревот, сега сме приведени во слободата на праведноста; преку него, на крај, земјата постана небо! Крстот ни е ослободител од заблуда; тој нè вовел во вистината; тој го примирил човекот со Бога; тој нè извадил од тињата на порокот; тој ја уништил измамата; тој го истребил бесовското служење; тој нè искачил на врвот на благочеститето.

            Преку крстот се стави крај на чадот, смрдеата и проливањето на крв од бесловесни животни; преку крстот се воведоа духовните служби, молитви и песнопеења; преку крстот бесовите се прогонија и ѓаволот беше отстранет; преку крстот човечката природа почна да се срамнува на ангелскиот живот; преку него се всели и девството на земјата! Тој нè просветил нас, кои сме седеле во мрак; тој нè ослободил нас, кои сме биле во затвор; тој нè направил блиски нас, кои сме биле отстранети; тој нè направил нас граѓани на небото, кои бевме туѓинци; тој ги прекратил во нас непријателствата; тој ја поставил основата на мирот! На крстот е принесена жртва; а каде е жртвата – таму е искупувањето; таму е помирувањето со Бога; таму е празникот и радоста! Крстот го отвори рајот; го воведе разбојникот; му прости на Адама; го успокои светот – гледаш ли, колку блага и каква чест ни доставил чесниот крст?

            Затоа, секогаш усрдно да го изобразуваме во нашите домови, на ѕидовите, по вратите, на челата и посебно во срцата наши, зашто крстот е извор на нашето спасение, знак на слободата и милосрдието од Бога, Кој заради нас, како јагне на заколение, се принесе на крст. Ете зошто, кога се крстиш, секогаш претставувај си ја силата и заслугите на крстот и исполнувај се со нежност, гасни го гневот, искоренувај ги страстите, биди помирлив со ближниот, благоугодувај Му на Бога! Крстот е наша пофалба, почеток на сите добра, пат кон небото – неовенлива красота на земјата!

 

            Свети Јован Златоуст