Свети Симеон Нов Богослов
 
 
 
 
 

Свети Симеон Нов Богослов (21.04.2012)

1. Браќа и отци, како што гледате, ете помина Пасхата, радосниот ден на Христовото воскресение, причината за секоја веселба и радост која со години, а поточно, се случува секојдневно и вечно во оние кои ја познаваат неговата тајна. Таа со неискажлива радост и веселба ги исполни нашите срца, разрешувајќи го воедно и трудот на сечесниот пост или, подобро кажано, утешувајќи ги нашите души и повикувајќи ги сите верни на починка и благодарење. Тогаш, да Му заблагодариме на Господ, Кој нѐ пренесе преку морето на постот и нѐ воведе со радост во пристаништето на Своето воскресение. Да Му се заблагодариме и ние кои правилно и ревносно, со топла усрдност и во подвизи за добродетелите го поминавме патот на постот, а нека заблагодарат и оние кои во меѓувреме изнемоштеа поради невнимание и слабост на душата, бидејќи ист е Оној Кој и на ревносните во изобилие им дава венци и достојна плата за нивните дела, и Кој, повторно, на послабите им дарува простување, зашто е милостив и човекољубив. Всушност, Тој повеќе гледа на расположението и намерите на нашите души отколку на телесните подвизи со кои се вежбаме во добродетелите, било преку волјата на душата зголемувајќи го подвигот, било намалувајќи го тоа добро поради слабоста на телото, па според нашиот избор секому му возвраќа со награди и дарови на Духот, така што или некој ако е ревносен го прославува и го истакнува, или го остава како оној кој е сѐ уште слаб и на кој му е потребно дополнително очистување.

2. Да погледнеме тука, ако е угодно, и добро да испитаме која е тајната на воскресението на Христос нашиот Бог кое таинствено секогаш се случува во нас, ако го посакуваме, како во нас Христос се погребува како во гроб и како, соединувајќи се со нашите души, Тој повторно воскреснува, со Себе и нас воскреснувајќи нѐ. Тоа е, значи, целта на оваа беседа.

3. Христос нашиот Бог, бидејќи беше издигнат на крст, приковувајќи го на него гревот на целиот свет и вкусувајќи ја смртта, слезе во длабочината на адот. И откако стана од адот, влезе во Своето непорочно тело, од кое, слегувајќи долу, никако не се одвои, и веднаш воскресна од мртвите, а потоа со голема слава и сила се искачи на небесата, така и сега, кога ние излегуваме од светот и вподобувајќи се на Господовите страдања влегуваме во гробот на покајанието и смирението, Тој Самиот, слегувајќи од небесата, како во гроб влегува во нашето тело и, соединувајќи се со нашите души, несомнено ги воскреснува мртвите, а потоа, на оној кој така воскреснал со Христос, му дава да ја види славата на Неговото таинствено воскресение.

4. Значи, Христовото воскресение е наше воскресение, на нас паднатите... Воскресението и Христовата слава, како што е речено, е наша слава, која се пројавува во нас и која ние ја покажуваме и гледаме со Неговото воскресение. Бидејќи еднаш, Тој, нашето го направи Свое, она што Тој го прави во нас, Нему Му се припишува. А воскресението на душата е единство на животот. Имено, како што мртвото тело, ако не прими во себе жива душа и не се соедини со неа несмешано, ниту живее, ниту може да живее, така ни душата не може да живее сама по себе, ако неискажливо и несмешано не се соедини со Бога, вистинскиот вечен живот. Зашто пред свесното, видливо и чувствено соединување таа е мртва, иако е умна и по природа бесмртна. Имено, ниту постои знаење без гледање, ниту гледање без чувствување. А смислата на ова што го зборувам е следнава – гледањето, а преку него знаењето и чувствувањето (овде зборувам за духовни работи, бидејќи телесното чувствување постои и без гледање). За што зборувам? Слепиот чувствува кога со ногата ќе удри во камен додека мртвиот не. Меѓутоа, во духовните работи, ако не се достигне надумно созерцување, умот не го чувствува таинственото дејство. Значи, кој пред созерцувањето на она кое го надминува умот и смислата и поимањето рече дека има чувство за духовните работи, сличен е на слепиот кој, иако чувствува кога ќе му се случи нешто добро или лошо, не знае што му се наоѓа под нозете или во рацете и дали тоа  претставува опасност за неговиот живот или не. Зашто он воопшто не распознава дали е во прашање нешто лошо или добро, бидејќи е лишен од моќта и сетилото за вид, па така често се случува кога ќе земе стап за да се одбрани од непријателот, наместо него прво да го удри сопствениот пријател додека непријателот му стои пред носот и му се смее.

5. Иако повеќето луѓе веруваат во Христовото воскресение, малкумина се оние кои јасно го гледаат, а оние кои не го виделе не можат ни да Му се поклонат на Исус Христос како на Свет и Господ. Зашто, речено е: „Никој не може да Го нарече Исус Господ, освен преку Светот Дух“. А на друго место: „Бог е Дух и оние кои Му се поклонуваат треба да се поклонуваат со дух и со вистина“. Ниту светите зборови кои секојдневно со устите ги произнесуваме не велат: „Верувајќи во Христовото воскресение“, туку: „Гледајќи го Христовото воскресение, да Му се поклониме на Светиот Господ Исус, единствениот безгрешен“. Како тоа сега Светиот Дух нѐ поттикнува да кажуваме (како да сме Го виделе, а не сме), „гледајќи го Христовото воскресение“, иако Христос воскресна еднаш пред илјада години, а ни тогаш никој не Го виде додека воскреснуваше? Зар Божественото Писмо сака да нѐ наведе на лага? Никако. Тоа, многу повеќе, ни заповеда да ја кажуваме вистината дека воскресението Христово се случува во секој од нас верните и тоа не еднаш, туку, може да се каже, секој час Самиот Владика Христос воскреснува во нас, блескајќи и сјаејќи со зраците на непропадливоста и Божеството. Зашто светлоносното присуство на Духот ни го покажува воскресението на Владиката кое се случило наутро, а поточно е да се каже дека ни дава да Го гледаме Самиот воскреснат. Затоа ние и велиме: „Бог е Господ и ни се јави“, а најавувајќи го Неговото второ доаѓање го додаваме и ова, и велиме: „Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово“. Значи, на оние на кои ќе им се јави, воскреснатиот Христос, секако, духовно ќе им се објави преку самите духовни очи. Бидејќи кога со Духот ќе се појави во нас, Тој нѐ воскреснува и оживува од мртвите и ни дава во себе да Го видиме цел и жив, бесмртен и вечен, и не само тоа, туку јасно ни дава да спознаеме како со Себе нѐ совоскреснува и сопрославува, како што сведочи целото Божјо Писмо.

6. Значи, тоа се Божјите тајни на христијаните, тоа е скриената сила на нашата вера која неверните и малкуверни или, подобро кажано, полуверните не ја гледаат, ниту воопшто можат да ја видат. А неверни, малкуверни и полуверни се оние кои не ја покажуваат верата во дела. Зашто без дела и демоните веруваат и исповедаат дека Христос е Бог. Знаеме, велат, дека си Син Божји. А на друго место: Овие луѓе се Божји слуги. Но таквата вера нема да им е од корист ни на демоните, ни на луѓето. Нема ништо полезно во таквата вера, зашто таа е мртва, согласно со божествениот апостол кој вели: „Верата без дела е мртва“, како што се и делата без вера. А како тоа е мртва? Затоа што во себе Го нема Господ Кој оживува, бидејќи во себе не Го стекнала Оној Кој рекол: Кој Ме љуби и ги исполнува Моите заповеди, Јас и Отецот ќе дојдеме при него и во него живеалиште ќе направиме, за со Неговото присуство да го воскресне од мртвите и да го оживее оној кој ја има таа вера и да му даде во себе да Го види и воскреснатиот Воскресник.

Значи, затоа таквата вера е мртва, а подобро е да се рече дека се мртви и оние кои имаат вера без дела. Зашто верата, верата во Бога, секогаш живее и, живеејќи, ги оживува оние кои ѝ пристапуваат со добра намера и ја примаат, а многумина пренела од смрт во живот и пред исполнувањето на заповедите, покажувајќи им Го Христос и Господ. И на таквите може да им се случи, да останеа верни на Неговите заповеди и до смрт да ги сочуваа, и тие нив да ги сочуваат онакви какви што станале само со вера. А кога се претворија во искривен лак и се вратија на своите претходни дела, со причина веднаш претрпеа и бродолом на верата и, за несреќа, самите себеси се лишија од вистинското богатство, кое е Господ Христос.

За и нам да не ни се случи тоа, ве молам, со сите сили да ги исполнуваме Божјите заповеди за да вкусиме и од сегашните и идните добра и да Го гледаме Христовиот лик, што нека сите ние го достигнеме, со Божјата благодат на нашиот Исус Христос, Кому Му прилега сета слава и чест во сите векови. Амин.

 

Свети Симеон Нов Богослов