Мерило на љубовта
 
 
 
 
 

Мерило на љубовта (04.05.2012)

Кога човек е богат и дава милостина, ти не можеш да знаеш дали тој има љубов или не зашто, можеби, не дава од љубов, туку просто од потреба да се ослободи од некои работи. Љубовта се гледа во тоа кога човек нема, а сепак дава. Да речеме, јас верувам дека во себе имам љубов. За да ја испита таа моја љубов, Бог ми испраќа некој сиромав. Ако имам два часовника -– еден добар, и еден малку расипан, а на сиромашниот му го дадам расипаниот, тоа значи дека мојата љубов е – љубов од втора класа. Кога во себе би ја чувствувал вистинската љубов, на сиромашниот би му го дал подобриот часовник. Но овдека се меша расипаната логика што ми нашепнува: „Зошто би му го дал добриот часовник; сосема добар би му бил и овој стариов!“ и така му го давам стариот. Но кога даваш старо, тоа значи дека стариот човек сè уште живее во тебе, кога даваш ново, ти си препороден човек. А кога за себе го задржуваш и старото и новото и ништо не даваш – таа состојба е пеколна.

 

Старче, како да се избавиме од таа состојба?

 

Помисли: „Кога наместо овој сиромав човек пред мене би стоел Самиот Христос, што би Му дал? Секако, најдоброто.“ Така човек сфаќа што е тоа вистинска љубов, донесува цврста одлука /да се промени/ и другпат го дава најдоброто. Во почетокот, можеби, ќе му биде малку тешко, но ако се бори на тој начин, ќе дојде до состојба да го дава и старото и новото за да им помогне на ближните. Ќе сака самиот да остане без часовник, но во себе да биде со Христа и го слуша слаткото чукање на своето срце што ќе потскокнува од божествена радост. Ако ти ја земат облеката, а ти им ја дадеш и кошулата /види Лука 6, 29/, ќе те облече Самиот Христос! Ако страдаш заедно со некој сиромашен човек и му помагаш, замисли каква жртва би поднел ако на неговото место би бил Самиот Христос. Така се полагаат испитите. Човекот што верува во својот ближен Го гледа Христос. А Христос рекол: Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле атеј 25, 40/. Се разбира, секому треба да му се оддаде честа што му прилега /види Рим. 13, 7/, но љубовта треба да биде еднаква кон сите. Во срцето на верниот човек на исто место се наоѓа и министерот и сиромавиот, генералот и војникот.

 

Старец Паисиј Светогорец