Беседа за свети великомаченик Георгиј (07.05.2012)
Христос воскресна! Навистина воскресна!
Момчето го победува суровиот цар Диоклецијан, семоќниот цар. Со што го победува? Не со оружје, туку со мачеништво. Тој со своето мечеништво покажа и докажа дека Христос навистина воскресна и дека навистина Вечната Вистина е во Него, Вечната Правда е во Него, Вечната Љубов е во Него. Царот ги гонеше сите христијани. Свети Георгиј го бараше римскиот Сенат и пред него ја бранеше таа страшна вистина. Свети Георгиј беше војник, војвода. Беше во дваесетите години и се одликуваше со своето јунаштво. Затоа царот го награди со тој чин, иако беше толку млад. Не се согласуваше со Сенатот, и рече: Ти гониш невини луѓе, ја гониш Вистината! Царот се запрепасти! Како може млад војвода тоа мене да ми го каже, во очи да ми го каже? Од каде тоа кај тебе, Георгиј? – Оттаму што Христос Е Вистина, Вечна Вистина. И јас сум христијанин. – Царот нареди веднаш да му се суди и да го погубат. Го поставија на страшно и ужасно тркало, а под него имаше клинци. Месото му отпаѓаше, така што останаа само коски. Георгиј не офкаше, туку во себе Му се молеше на Господ, Тој да Му помогне да ги издржи маките.
И тогаш, се јави ангел Господов, го сопре тркалото, го симна од него и му даде тело. Царот Диоклецијан се запрепасти, но во своето безумие не сакаше да му се поклони на тоа страшно чудо, на тоа необично сведоштво. Зашто, што покажа тоа? Тоа покажа дека навистина Христос воскресна од мртвите, дека Самиот Тој Е Вистинскиот Бог над сите суштества и над сите светови, дека ете, Тој како Семоќен Бог, прави чуда како што никој човек не може да направи. Свети Георгиј посведочи и стана голем сведок. Великомаченикот уште се нарекува, Велик Сведок, Мартир. Великомаченик, односно Велик Сведок – на што? Христовото воскресение! На Единствениот Вистински Бог, Господ Исус Христос.
Но царот во својата јарост нареди и понатаму да го мачат свети Георгиј. Тогашните бајачи му предложуваат на царот да му се даде на Георгиј од најстрашниот отров, за тој голем непријател на Римското царство. Царот му дозволи на бајачот со најстрашниот отров, и рече: Ова е нешто најјако, ова ќе го совлада. – Свети Георгиј се прекрсти и Му се помоли на Господ, го испи отровот, и ништо не му беше. Тогаш бајачот даде друг страшен отров, и рече: Ако овој отров не го отруе Георгиј, јас ќе станам христијанин. Свети Георгиј го испи страшниот отров и не му беше ништо. А бајачот падна пред нозете на светителот и поверува во Христос. Бесниот цар нареди свети Георгиј да се фрли во жива вар. Три дена помина во јама со жива негасена вар. И третиот ден безумниот цар нареди да го извадат мртвото тело на свети Георгиј. Кога ја откопаа варта, свети Георгиј го најдоа жив. Тогаш царот не знаеше што да прави и нареди и понатаму да го мачат.
Еден од слугите рече: Цару, овие христијани учат дека нивниот Христос воскреснува од мртвите. Еве, во близина има еден гроб, нека ја докаже вистинитоста на својата вера. – Царот му нареди на свети Георгиј. Тој, помолувајќи Му се во себе на Господ, рече: Господи мој, ако е Твоја волја, направи го тоа! И отидоа на гробот. И свети Георгиј се молеше на Господ да им ја покаже на незнабожците таа Своја сила, таа Своја вистина. И го повика мртвиот од гробот. Мртвиот се дигна и оживеа. Царот и понатаму остана лут и бесен на свети Георгиј, а неговата жена, царицата Александра, исповеда дека е христијанка. И кога царот го прати свети Георгиј на погубување, да му ја отсечат главата, и неа ја пратија. И таа Му се молеше на Господ Христос за него. Тоа е светата маченичка Александра. Бидејќи свети Георгиј го направи тоа големо чудо, царот увиде дека нема да има никакво значење тоа што ќе го погуби. Нареди да му ја отсечат главата.
Што покажа со тоа свети Георгиј? Покажа дека навистина Господ Христос воскресна. Тоа не е ништо друго туку сведоштво за Воскресението на мртвите. Господ Христос воскресна и со тоа покажа – што? Покажа дека навистина е појак од смртта, најсташното чудовиште и најголемиот непријател на човечкиот род. Тој прв му даде радост на човечкиот род. Како свети Георгиј победи? Ете, победи трпејќи и страдајќи за Господ Христос. Повторно ја посведочи Божествената Вистина, благата вест на Спасителот: дека Неговите следбеници одат како овци меѓу волците. „Ве праќам како овци меѓу волци. Мртви воскреснувајте, болни исцелувајте, трпете сѐ, во Мое име“. Навистина, еве Сведок кој сведочи дека поднесувањето страдања и Крстот на Господ Христос не се тешки.
Еден Маченик му рече на царот Диоклецијан, кој погубува дваесет илјади христијани и наредува секој да биде погубен со меч, ако не престане да верува во Христос, тоа беше светиот маченик Гликериј: Ние не се плашиме од смртта, ние победуваме кога нѐ убивате за Господ Христос. – А друг светител, Григориј Ниски, изјави и им пишуваше на оние кои ги гонеа христијаните: Нам ни е сигурна победата. Ние сигурно ќе ве победиме вас, преку смртта за Господ Христос. Зашто ние не можеме да се бориме со вас непријателите, но ете, Господ Христос се бори за нас, преку нашето страдање. – Такво е прекрасното слово и речиси невозможно... Не носат никакво оружје, ништо што може да се употреби како оружје. Само со трпение ја спасуваат својата душа (Лука 21, 19). Не се плашат оние кои се со вера. Плаши се од она што го убива човештвото...
Преподобен Јустин Ќелиски