Христос е блиску!
 
 
 
 
 

Христос е блиску! (09.05.2012)

Секој ден слушам како христијаните зборуваат: „Да живеевме ние во времето на апостолите и да Го имавме видено Господ Исус, и ние ќе бевме светители како нив“.

Така си замислуваат во своето незнаење. Бидејќи Оној Кој беседеше во времето на апостолите и сега му беседи на целиот свет. Не само во зборови, туку и преку Своите дела Тој е ист како и во апостолското време, зашто нè уверува велејќи ни: „Отецот е секогаш во Синот и Синот е секогаш во Отецот, и како што Отецот секогаш дејствува така и Синот секогаш е делотворен“.

Можеби некој ќе рече дека е голема разликата да Го гледаш Господ телесно и само да ги слушаш Неговите зборови – како што сега ние слушаме од други и читаме во Евангелието. И јас кажувам дека има разлика и додавам дека денешниот начин на спознавање на Христос е неспоредливо попогоден од првобитниот. Бидејќи, тогаш Господ им се покажал на луѓето во облик на обичен човек, смирен и понижен – тоа и самите Евреи ги збунувало – додека денес Тој нам ни Се проповеда како вистински Бог. Тогаш им приоѓал на луѓето како човек, седел на трпеза со грешници и митници додека денес Тој седи од десната страна на Бога Отецот и го храни целиот свет, и без Него ништо не се случува. Во времето на апостолите дури и простите Го понижувале и велеле: „Нели е овој дрведелецот, синот на Марија?!“ (Мар. 6, 3) додека сега Му се поклонуваат кнезови и цареви како на Божји Син и Бог. А Тој ги прославува оние кои вистински Му се поклонуваат со духот.

Во апостолското време Го почитувале како еден од нив луѓето, како смртен и било вистинско чудо кога некој можел во таков облик да Го признае како Творец на небото и земјата, и на сè што постои. Затоа, кога св. ап. Петар исповедал: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“, Христос го пофалил, велејќи му: „ Блажен си ти Симоне, сине Јонин! Зашто тоа тело и крв не ти го открија, туку Мојот Отец, Кој е на небесата“ (Мат. 16, 17). Денес нема ништо невообичаено околу тоа, бидејќи денес Христос проповеда облечен во Слава. Зашто кога денес би било невозможно да внимаваме и да го исполнуваме она што говорат Бог и сите светители – кои прво исполниле, а потоа напишале и нам ни оставиле свои поуки – тогаш зошто тие се труделе и пишувале?! Поради што денес сето тоа се чита по црквите?!      

Кој го одрекува тоа го заклучува небото, кое Христос нам ни го отвори со Своето слегување на земјата, и спречува издигнување кон небото, кое, исто така, Христос ни го покажа. Бог стои покрај вратите небесни и гледа кон земјата, и Него Го гледаат верните души и слушаат како ги повикува преку Евангелието: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11, 28). А богоборците и нововерците извикуваат: „невозможно, невозможно е во овој век!“ Таквите Самиот Господ одлучно ги изобличил велејќи: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, слепи кои водат слепци, зошто го одземате Царството небесно од луѓето; бидејќи ниту вие влегувате, ниту им давате на другите да влезат“ (Мат. 23, 13).

Како се отвораат портите на Царството небесно? – Со плач и покајание. Тогаш темнината не може да опстане, бидејќи светлината има особина да ја прогонува. Гревот е полош од темнината – Господ е посветол од секоја светлина. А кој од нас е без грев?! „Ако кажеме дека не згрешивме, од Христос правиме лажливец, и Неговите зборови не се во нас“. И зошто да е невозможно за човекот да се кае?! Па со што друго блескале светителите во светот, ако не со длабокото внатрешно покајание? Ако тоа не е така, тие не би си ги присилувале своите души за признавање на гревовите и оплакување на навредите кои смртниот човек Му ги нанесува на вечниот Бог.

Кој вели дека е невозможно да се каеме, се одрекува од очистувањето. Не сме чуле дека некој може да се исчисти без солзи за гревовите направени после крштевањето. Светите Отци не залудно ни говорат дека гледале многу примери како незнабожците плачат токму за време на примањето на Светата Тајна Крштение. Благодатта, небесната сила на Светиот Дух, слегува на нивните души и ја прогонува гревовната темнина, како што ветрот го чисти небото од облаци.

Кој тврди дека не е грешен затоа што не направил кривични дела, тој истиот тврди дека не може да се кае и дека Христос е далеку. Во времето на апостолите на Христос Му приоѓале два типа на луѓе: питомиот народ, кој со задоволство Го слушал и Му верувал, и тешко болните и големи грешници, кои Му приоѓале со солзи како на Чудотворец и Бог. Христос сакал да ги прима и да им угодува, и едните и другите, а овие последните ги поставил за пример на целиот човечки род, како Му се приоѓа на Божјиот Син. Па Нему светителите токму така и Му приоѓале! И Тој ги просветлил и поставил за учители на Црквата и за пример на народот.

Солзите и покајанието биле мост преку кој се доаѓа до Христос во времето кога Тој лично проповедал и исцелувал. Солзите и покајанието се мост кон Него и сега кога Тој седи во Славата на Бога Отецот. Тој, Господ Христос, им разделил на светителите животни крстови, за носејќи ги изморени, да се одморат во Царството небесно. Бидејќи, кој не ги гледа маките на Синот Божји и не ги гледа своите гревови, како може да влезе во Царството небесно?!

Синот влегол после страдањата, зарем смртниот човек да влезе без страдања, без плач, без покајание, без да се познае самиот себеси! Христос не е далеку. Христос е сосема блиску. Поблизок е од родителите и пријателите, поблизок од дишењето и од секоја помисла. Родителите можат да умрат, дишењето може да отежне, мислите можат да лутаат и да не донесат никакви утехи. Христос слезе до секој човек; до просјак, до разбојник. Христос се спушти до смртта, до адот и сите ги повика во Своето Царство. И подеднакво ги повикува: „Дојдете при Мене!“

Зарем е далеку Оној Кој така говори?! 

     

Свети Симеон Нов Богослов