За Исусовата молитва
 
 
 
 
 

За Исусовата молитва (13.05.2012)

Имало, а има и сега, молитвеници кои особено сакале некоја кратка молитва и истата непрестајно ја повторувале. Св. Касијан кажува дека во негово време вообичаена била молитвата: Боже, побрзај да ме избавиш, Господи, да ми помогнеш! (Пс. 70, 1). Во житието на св. Јоаникиј пишува дека тој постојано ја повторувал молитвата: Надеж моја е Отецот, прибежиште Синот, заштита Светиот Дух. Оваа молитва тој ја додавал на секој стих од триесетте псалми кои ги учел напамет и кои му биле негово молитвено правило. На друг постојана молитва му била: Јас како човек згрешив, а Ти како милостив Бог прости ми! Други, пак, сaкале други молитвички. А од најстаро време многу ја користеле молитвата: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот. Неа ја спомнуваат: св. Ефрем Сирин, св. Јован Златоуст, св. Исак Сирин, св. Исихиј, св Варсануфиј и св. Јован, и св. Јован Лествичник. Подоцна таа станала сѐ поопшта и ја изговарале многу свети усти, па така влегла во црковниот Устав, кој ја препорачува како замена за сите домашни молитви и сите црковни Служби. Затоа од кратките молитви, кај нас таа првенствено се употребува. Потруди се и ти да се навикнеш на неа.

Таа се нарекува Исусова молитва, бидејќи Му се обраќаме на Господ Исус. Се нарекува и умна, кога не се извршува само со зборови, туку и со умот и срцето, а особено кога после долга и правилна употреба едноставно се поврзува со дишењето. Секоја кратка молитва може да дојде до тој степен, но на Исусовата молитва ѝ припаѓа првото место зашто таа ја соединува душата со Господ Исус, Кој претставува единствен пат за заедница со Бога, што е и цел на молитвата. Тој Самиот рекол: Никој нема да дојде до Отецот, освен преку Мене. Затоа, кој ќе ја добие таа молитва, во себе ја прима целата сила од искупителниот подвиг, во што и се состои нашето спасение. Сега разбираш зошто ревносните во спасението не се жалеле од трудот потребен за навикнувањето на оваа молитва. Тие нека ти бидат пример.

Навикнувањето на Исусовата молитва, надворешно се состои во тоа, таа молитва сама од себе непрестајно да се наоѓа на јазикот, а внатрешно, во сосредоточување на умот во срцето и постојано стоење пред Бога со соодветна срдечна топлина и особено со покајничко припаѓање кон Господ Спасител. Темелот на оваа навика се поставува со што е можно почесто внимателно повторување на оваа молитва во срцето. Кога честото повторување ќе се втемели, умот се собира пред Господ, а со тоа доаѓа загревањето на срцето и отфрлувањето и на обичните, а не само на страсните помисли. Кога во срцето ќе почне непрестајно да гори огнот на љубовта кон Господ, тогаш заедно со тоа, а со помош на Божјата благодат, во човекот се вкоренува мирно удостојување на срцето со покајничко и смирено припаѓање кон Бога.

Колку повеќе од ова се достигне преку молитвата, тоа ќе биде, единствено, дар од благодатта. Кај светите Отци ова се спомнува, само заради тоа оној кој ја достигнал оваа состојба да не помисли дека нема што повеќе да посакува и да не се возгордее дека стои на врвот на молитвеното или духовното совршенство.

 

 

Св. Никодим Агиорит