За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (16.05.2012)

Молитвата напредува заедно со степените на развиток на човечкиот дух. Првата промена на умот е насочена кон надворешноста, втората е враќање кон самиот себе, а третата е стремење кон Господ преку внатрешниот човек. Единствено третиот вид на молитва се смета за нормална духовна состојба, додека претходните два вида се само преодни облици и скалила кон него. Третиот вид на молитва или соединувањето на умот со срцето му се дава на човекот од горе. Плачот со умилението за време на молитвата е сигурен знак дека умот се соединил со срцето и дека вистинската молитва се наоѓа на првото скалило од качувањето кон Бога.

  

Душата која го изгубила смирението, ја изгубила и благодатта и љубовта кон Бога. Тогаш се гаси пламенот на молитвата. Меѓутоа, на душата која ќе се смири пред страстите и ќе стекне смирение, Господ ѝ ја дава Својата благодат. Тогаш таа се моли за непријателите како за самата себе, а за целиот свет се моли со врели солзи.

 

Ако твојот ум сака да се моли во срцето, а не може, тогаш изговарај ги зборовите од молитвата и држи го умот врзан за зборовите. Како што ќе поминува времето, Господ ќе ти даде срдечна молитва без помисли, па лесно ќе се молиш. Некои го повредија своето срце, па дојдоа до таму што веќе не можеа да се молат ни со усните. Знај го поредокот на духовниот живот: Даровите се даваат на простата, смирена и послушна душа. На оној кој е послушен и воздржан во сѐ: во храната, зборовите, однесувањето, Самиот Господ ќе му даде дар на молитва и таа лесно ќе се извршува во срцето. Непрестајната молитва доаѓа од љубов, а се губи заради осудувањето на другите, празните разговори и невоздржаноста.

  

Враќајќи се, после завршувањето на молитвата, во грубоста на психо-физичкиот живот, душата чувствува некаква меланхоличност заради несовршеноста на својата жртва, дури и некаков срам поради својата лажност, како што е речено: „Секој човек е лага“... Молитвата од навика, без покајание во срцето заради направените гревови не Му е угодна на Господ. Господ не го слуша оној кој се моли, а мисли на друго. Ако сакаш да се молиш чисто, биди смирен, воздржан, исповедај се често и ќе те засака молитвата... Кај оној кој се моли од навика, молитвата секогаш е иста, а кај оној кој усрдно се моли, постојат многу промени во молитвата: или има борба со лошиот дух, или со самиот себе, со страстите или со луѓето. А во сето тоа треба да биде смел и цврст. Ако нашата молитва Му е угодна на Бога, во душата ќе го имаме сведоштвото на Светиот Дух. Тој е пријатен и тивок.

  

Православниот подвижник сите проблеми ги решава преку верата и молитвата.

 

 

Преподобен Силуан Светогорeц