За Светиот Дух
 
 
 
 
 

За Светиот Дух (17.05.2012)

Светиот Дух, како Бог и трето Лице на Света Троица, исто така е семоќен, како и Отецот и Синот. Тој оживува, продуховува и им дава сили на созданијата. На животните им дава живот, на луѓето ум, а на христијаните возвишен духовен живот. Значи, Светиот Дух го просветлува човекот и му дава да влезе во Царството небесно.

Светиот Дух не се дава според нашите заслуги, туку како слободен дар на Божјата милост се праќа заради спасение на луѓето. Светиот Дух ни помага на следниве начини:

1. Кога ќе се всели во човекот, Светиот Дух му дарува вера и светлина. Без Него никој не може да има вистинска, жива вера. Без просветлувањето од Светиот Дух дури и најмудриот и најучениот човек потполно е слеп за делата и Божјите патишта. Од друга страна, Светиот Дух може внатрешно да ѝ се открие и на најпростата и нејнеука личност, директно да ѝ ги покаже Божјите дела и да ѝ овозможи да ја почувствува благоста на Царството небесно. Човекот кој е исполнет со Светиот Дух во својата душа чувствува чудесна светлина, која претходно му била сосем непозната;

2. Кога ќе дојде Светиот Дух и ќе се всели во човекот, Тој со Себе носи вистинска љубов. Вистинската љубов во срцето е како оган или топлина која го вдахновува човекот и го прави огнен; таа е коренот кој го поттикнува на секое добро дело. За личноста вдахновена со вистинска љубов нема ништо тешко, страшно или невозможно; за неа нема закони или заповеди кои не можат да се извршат и сѐ и станува лесно.

Верата и љубовта кои ги дарува Светиот Дух претставуваат толку големи и моќни средства, така што оној кој ги поседува се леснотија и радост може да оди по патот по кој одеше Исус Христос;

3. Покрај тоа, Светиот Дух му дава на човекот сила да им се спротивстави на светските прелести: употребувајќи ги земните добра, христијанинот ги користи како привремен посетител на земјата, неврзувајќи се за нив со срцето. А човекот кој не Го примил Светиот Дух, и покрај тоа што ги поседува својата ученост и разумност, секогаш во поголема или помала мера останува роб и му се поклонува на светот;

4. Светиот Дух му дава мудрост на човекот. Ова многу јасно можеме да го видиме во примерот на светите апостоли кои биле прости и неуки луѓе, но после слегувањето на Светиот Дух врз нив, никој не можеше да се спротистави на нивната мудрост, ниту да одолее на силата на нивните проповеди. Светиот Дух им даде мудрост како и каде да делуваат. Така, оној кој во себе Го има Светиот Дух секогаш ќе најде средства и вистинско време за спасение на својата душа. Среде светската врева, со целата своја ангажираност, таквата личност ќе умее да ја сочува внатрешната собраност, да се задлабочи во себе и да Му се помоли на Господ, додека недуховниот човек, дури ни во Божјиот храм нема да може да се сосредоточи и од срце да Му се помоли на Бога;

5. Светиот Дух му дава вистинска среќа на човекот, радост во срцето и непоколеблив мир. Оној, пак, кој во себе Го нема Светиот Дух, никогаш не може вистински да се радува, ниту да се здобие со душевно спокојство кое го прави животот пријатен. Тој понекогаш се весели и чувствува задоволство, но од каква природа е тоа негово задоволство? Краткотрајно и нечисто. Неговата радост секогаш е празна и несигурна, а после неа го обзема уште потешко незадоволство. Исто така, таквата личност може понекогаш да се чувствува спокојно, но тој спокој не го претставува вистинскиот мир на душата, туку нејзината поспаност или безнадежност. Тешко на човекот ако нема време да се разбуди од сонот и не почне да се труди околу спасението на својата душа; 

6. Светиот Дух дава вистинско смирение. Дури и најпаметниот човек, ако Го нема Светиот Дух, не може да се познава себеси доволно добро. Без Божја помош тој не може да ја види внатрешната состојба на својата душа. Кога им прави добро на другите или постапува чесно, тој за себе мисли дека е праведник, дури и совршен во споредба со другите, па затоа смета дека ништо повеќе не му е потребно. О, колку често луѓето гинат заради лажната увереност во сопствената чистота и праведност! Гинат затоа што се потпираат на сопствената добрина и воопшто не размислуваат во духот на христијанството, ниту бараат вразумување и помош од Светиот Дух, и во случаи кога таа помош им е крајно потребна. Бидејќи Светиот Дух им се дава на оние кои молат и бараат, а ваквите луѓе не само што одбиваат да Му се молат Нему и да Го бараат, туку и сметаат дека тоа не е неопходно, Тој не им се дава, па затоа тие остануваат во заблуда и пропаст. Како што светлиот сончев зрак, кога ќе навлезе во темна просторија, ги открива најситните детали во неа, така и Светиот Дух, кога ќе се всели во човековото срце, ја покажува целата внатрешна слабост и човечка беда, сета лошотија на неговото срце и душа, и одвоеноста од Бога; покрај целата праведност и сите добродетели кои некој ги поседува, Тој му ги покажува неговите гревови, неговата мрзливост, незаинтересираноста за спaсението и добронамерноста кон луѓето, потоа неговата себичност присутна дури и во добродетелите, како и грубиот егоизам, дури и тогаш кога тој воопшто не се сомнева во него. Накратко, Светиот Дух му покажува сѐ онака како што е. Тогаш човекот се здобива со вистинско смирение, престанува да се потпира на своите сопствени сили и вештини и почнува себеси да се смета за најлош од сите луѓе. Дури кога човекот ќе се смири пред Исус Христос, Кој е единствен Свет во слава на Бога Отецот, тој почнува вистински да се кае, одлучува повеќе да не греши и да живее повнимателно. А ако навистина има некои вештини, тогаш заклучува дека ги има само со Божја помош и така почнува да се потпира единствено на Бога.

7. Светиот Дух учи на вистинска молитва. Додека не се прими Светиот Дух, никој не може да се моли на начин кој навистина Му е угоден на Бога, зашто ако некој кој Го нема Светиот Дух почне да се моли, неговата душе не е собрана и лута од предмет до предмет и тој не може да ги сосредоточи своите мисли на едно. Поради тоа, тој не го познава доброто ниту самиот себе, ни своите потреби, ниту знае како и што да моли од Бога, всушност, тој и не знае ниту каков е Бог. А човекот во кој се вселил Светиот Дух Го познава Бога и гледа дека Тој е негов Отец, знае како да Му пристапи, како и што да бара од Него. Мислите на таквиот човек за време на молитвата се собрани, чисти и насочени единствено кон Бога. Тој преку молитвата буквално може сѐ да постигне, дури и планини да преместува.

Накратко ги наброивме даровите на Светиот Дух. Значи, без Неговата помош и содејство не само што е невозможно да се влезе во Царството небесно, туку не е можно ни да му се приближиме. Затоа ни е неопходно да се молиме со покајание и да бараме да Го имаме Светиот Дух во себе, исто како што Го имале и светите апостоли.

Треба да знаеме дека Светиот Дух може да Го прими само оној кој правилно верува, односно личност која ја исповеда светата православна и соборна вера, без додатоци, скратувања или измени, онака како што ни ја предале светите Апостоли и како што е дефинирана и потврдена од страна на светите Отци на Вселенските собори. Секој сомнеж или приговор на сметка на верата претставува непослушност, а душата која не е кротка не може да биде храм на Светиот Дух.

Вистински и признаени средства за добивање на Светиот Дух, според учењето на Светото Писмо и опитот на големите светии, се следниве:

- Чисто срце и целомудреност;

- Смирение;

- Послушност на Божјата волја;

- Молитва;

- Секојдневна пожртвуваност;

- Читање и слушање на Светото Писмо;

- Светите Тајни на Црквата, особено Светата Причест.

 

 

 

Свети Инокентиј Московски - апостол на Америка и Сибир