За исповедта и духовната пресметка
 
 
 
 
 

За исповедта и духовната пресметка (19.05.2012)

1. Оваа твоја исповед ја исполни мојата душа со радост, бидејќи се радуваат и Господ и ангелите, кои ја очекуваа секој миг. Успеа да го посрамотиш ѓаволот, кој многу се радува кога некој ги крие своите помисли од духовниот отец.

Кога змијата ќе го напушти своето легло, таа брза да се скрие некаде, зашто претчувствува дека може да биде удрена. Истото се случува и со демонската помисла, која е слична на змијата отровница. Кога таквата помисла ќе излезе од човековата уста, таа се развејува и исчезнува, бидејќи исповедта значи смирение. Ѓаволот не може да го поднесе дури ни мирисот на смирението, и зар тогаш е можно тој да остане и после искрената и вистинска исповед?

Чедо мое, ти посакувам добар почеток и внимателно напредување. Немој да се срамиш пред мене. Не ме гледај како човек, туку како Божји претставник. Кажи ми сѐ, дури и ако си имал некоја лоша помисла поврзана со мене. Јас сум опитен во поглед на демонските влијанија и знам како ѓаволот се бори со човекот. Знам дека духовните чеда имаат едноставни срца. Доколку во нив влезе нечиста помисла, тогаш тоа се случува заради ѓаволската злоба и егоизмот на тоа духовно чедо, кое допуштило да падне и да се појави таква помисла за неговиот старец. Тоа значи дека духовното чедо мора да има повеќе смирение.

Според тоа, не се јадосувај. Јас секогаш ќе се радувам кога со мене ќе разговараш слободно и искрено, затоа што без искрена исповед не може да има духовен напредок.

2. Чедо мое, не се грижи. Јас го земав твоето бреме и само те молам да безмолствуваш. Твоите зборови можат да бидат напишани на ливче, но јас ја чувствувам силата, значењето и суштината на она за што пишуваш, и проникнувам во духот на твоите зборови. Те молам од сега да безмолствуваш. Сѐ ти е простено откако се исповеда. Ѓаволот го сфатил твојот карактер и те вознемирува, иако ништо сериозно не се случило. Сѐ што си напишал, односно помислите кои те измачуваат, е само вештина на ѓаволот кој сака да очајуваш, да тагуваш и сл. Сѐ што се случило фрли во морската длабочина и постави нов правец во својот живот.

Ако размислуваш на ист начин како порано, знај дека ќе им бидеш за потсмев на демоните. Те преколнувам да ми бидеш послушен. После твојата исповед, сѐ ти е простено и минатото, нека биде навистина минато. Немој да ја гребеш раната која многу болеше. Нека не те залажува помислата дека тоа е твоја грешка. Да не го однесеше на лекар и сл. тогаш таквите помисли оправдано ќе војуваа со тебе. Меѓутоа, како што сега стојат работите, ти ја изврши својата должност. Бог сакал да го земе од причини кои ѝ се познати само на Неговата бесконечна мудрост, а ти мислиш дека си го убил! Биди внимателен со таа помисла, зашто би можела да постави замка во твоето срце. Тоа е ѓаволска итрина со која тој сака да ти наштети, бидејќи знае како да го направи тоа. Тој со посредство на очајот повлече безброј луѓе во пеколната длабочина.

Кога ќе се случи нешто и ѓаволот ќе види дека тоа го вознемирува човекот, неговата способност се состои во тоа да ги зголеми мноштвото помисли кои се навидум оправдани, за на тој начин да го заведе бедниот човек во бурата и таа да го удави. Како што вели изреката: лисицата сака збрки. Кога, пак, ќе помине бурата, човекот гледа дека бил во опасност да се удави во чаша вода!

3. Биди смирен и во иднина редовно исповедај се. Во исповедта се наоѓа најсветото смирение, без кое, никој не може да се спаси. Ѓаволот многу се радува кога ќе успее да го убеди човекот да ги крие демонските помисли. Тоа се случува затоа што на тој начин тој ја постигнува однапред поставената, душепогубна цел.

4. Исповедај се често, побожно и со чиста совест. Да ги почитуваме духовните заповеди. Непрестајно да се молиме. Да се сеќаваме на смртта и сесилниот Бог нека нѐ удостои во другиот живот да бидеме во Негова близина, за со сите свети да се радуваме во победничката Црква.

5. Ти пишував за совеста. Потребно е да бидеме внимателни и да не правиме ништо заради што таа би нѐ прекорувала и осудувала.

Имај на ум дека Бог гледа сѐ и дека ништо не е скриено од Неговите очи. Како тогаш можеш да лажеш пред Бога? Зар не знаеш дека лагата е од ѓаволот и дека таа, ако не бидеме внимателни, најнапред ќе ни стане обичај, потоа навика и на крајот страст? Зар не знаеш дека лажливците нема да го наследат Божјото царство?

Плаши се од Бога. Нему не Му се угодни приноси, ако притоа ја занемариш внатрешната ревност на срцето. „Ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“ (Мат. 23, 23).

Погрижи се за својата совест, бидејќи не ни е познат смртниот час. Ако на својот повереник, односно на својата совест не ѝ исплатиме сѐ што ѝ должиме, таа одлучно ќе нѐ осуди и ништо нема да преќути. Тогаш, оф, нашата уста ќе биде запечатена и нема да имаме никакво оправдување.

6. Секоја ноќ проверувај како поминал денот, а наутро потсети се како изминала ноќта додека не дознаеш каква е сметката за твојата душа. Ако приметиш загуба, пробај да ја надокнадиш со внимание и принудување, а ако пак видиш добивка, заблагодари Му на Бога, на својот невидлив помошник.

Не дозволувај совеста долго да те мачи, туку побрзај да ѝ го дадеш она што го бара, за да не те одведе кај судијата и во затвор (Мат. 5, 25). Дали твојата совест сака повеќе да ревнуваш на своето молитвено правило и на молитвата? Тоа и ќе ѝ го дадеш и, ете, ќе бидеш спасен од одењето кај судијата. Немој да го задушуваш спасоносниот глас на својата совест, така што ќе го занемариш, бидејќи подоцна бескорисно ќе жалиш.

7. Посвети внимание на тоа да бидеш искрен и во своите дела и во своите зборови, а посебно на исповед, зашто Бог „го испитува срцето и внатрешноста“ и ништо не е затемнето пред погледот на Неговото недремливо око.

Плашете се од Бога. „Бог не дозволува да биде излажан“ (Гал. 6, 7) и строго казнува ако види неискреност. Затоа, бидете внимателни. Кога сте непослушни и кога ги криете своите гревови, спротивставете се со тоа што отворено ќе ги признаете на исповед. Не дозволувајте да ве надвладее егоизмот, кој ќе направи да ја скриете вистина и да останете непоправени и острастени.

Бидете внимателни; времето одминува, тече, и смртта доаѓа во оној час кога не ја очекуваме. На тој начин заминуваме неспремни и со нечиста совест, која ќе нѐ осуди на страшниот Божји суд.

Поправете се во сѐ доколку сакате да ги видите добрите денови на бестрасноста и мирот.

 

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски