„Господи, како што сакаш така направи со мене и во мене, само не ми ја одземај заедницата со Тебе“ (21.05.2012)
А зошто ви е, како што кажувате, страв од одењето на исповед? Тој страв, навистина се јавува кај многу, но зошто го има кај вас? Повелете, нека ви биде појасно.
Оној кој исповеда е само сведок, а гревовите ги прима Самиот Господ. Тој му заповеда на духовникот, да му ги разреши гревовите на оној кој се исповеда. А Господ, целиот е милост. Тој само чека некој да ги исповеда своите гревови, и штом ги соопшти, во истиот миг добива простување. Зар треба да се плашиме од таков Господ?
Делумно, тој страв потекнува и оттаму што не е објаснето што всушност треба да се каже. Но, кога ќе направите онака како што се бара од вас, сѐ ќе ви биде јасно и нема да има од што да се плашите.
Тој страв си доаѓа и оттаму што ретко се исповедаме. Кога почесто би се исповедале, не би се плашеле толку. Можеби ќе даде Бог, па отсега почесто ќе пристапувате на Господовата трпеза, а соодветно на тоа и ќе се исповедате.
Еве што треба секако да направите! Запишете сѐ што мислите дека е потребно да откриете кога ќе одите кај духовникот и тогаш, со помош на тие белешки, кажете сѐ. Вистинската исповед треба да биде своја, односно само оној кој се исповеда треба да каже во што погрешил, а не да чека духовникот да го прашува. Зашто исповедникот нужно прашува многу од она што е излишно, што нема врска со оној кој се исповеда, а се случува да не праша она што е потребно. И така тоа останува неисповедано. Кажете го она што ви лежи на совеста, ако мислите дека ќе се сетите на сѐ; можно е и тоа, но во секој случај сѐ сами кажете. Господ нека ви благослови да се исповедате со покајнички дух и со цврста одлучност, па после во сѐ да бидете праведни и да не оставите ништо зад вас.
Значи, ако се појави страв пред исповед – избркајте го. Стравот пред Бога е драгоцена работа, но тој детски страв кој постои кај вас е дело на ѓаволот. Всушност, нема никаков повод за таквиот страв, тој е предизвикан од ѓаволот. Спокојно и со покајничко срце одете кај Господ. Одете онака како што во приказната блудниот син отиде кај таткото. Таткото не го посрамоти и навреди синот кој се врати, туку го дочека со раширени раце и го целиваше. Истото и вас ве чека. Господ веќе ги рашири рацете кон вас. Останува на вас сами да Му пријдете. Направете го тоа со побожна љубов.
Во покајнието е битна болката во срцето заради својата грешност пред Господ и цврстата намера во иднина, во сѐ да се живее правилно. Вие веќе ја соопштивте вашата одлука дека сакате да Му угодувате на Господ, а Тој Кој гледа сѐ, секако веќе ја примил. Но, постои ли кај вас болка во срцето заради лошите дела? Потрудете се да ја разбудите. Колку и да се мали вашите гревови, и колку и да ви се гледаат лесни, сепак, тоа се гревови, и Бог на нив не гледа со благонаклонетост. Како, понекогаш пред луѓето, се срамиме заради некои невнимателни зборови и движења? А овде е Господ, и не е нешто неважно, туку гревови. Затоа бидете мудри па покајте се пред Господ. Потоа од тоа покајание ќе потече сила која нема да ви дозволи да скршнувате во неправилен живот.
Вие сте сакале сѐ одново подетално да преиспитате и преуредите. Можеби не сте успеале да направите сѐ или не сте направиле толку колку што сте сакале – не се вознемирувајте поради тоа. На Господ му е мила вашата главна намера и одлука во сѐ да бидете праведни пред Него. Заради неа ќе добиете и простување на гревовите и очистувачка благодат. Одете кај Господ со цврста намера да бидете праведни, наместо сите неправедности за кои сте свесни. Како сега, така и во иднина држете се цврсто до намерата да правите сѐ она што вашата совест смета дека треба да направите; останатото нека не ве вознемирува.
Што се однесува до исповедта, подобро е да се исповедате ноќта пред причест, за да можете во текот на ноќта и утрото потполно да се посветите на размислувањата за примањето на Господ. Во тоа време читајте проповеди за пред Светата Причест, седете и размислувајте за Господ молејќи Му се во срцето вака: „Господи, како што сакаш така направи со мене и во мене, само не ми ја одземај заедницата со Тебе“. Секогаш молете се со таа кратка молитва со поклони. А ако ја одложите исповедта до утрото, ноќта мислите ќе ви се намножат и ќе се вознемирите.
Кон Светите Тајни пристапувајте со просто срце, со потполна верба дека Го примате Господ во себе и со однесувањето кое му одговара на тоа. Што ќе се случи после тоа во душата, тоа оставете Му го на Самиот Господ. Многумина, однапред сакаат од Светата Причест да добијат тоа и тоа, а тогаш, кога тоа ќе го нема, се вознемируваат и дури се колебаат по прашање на верата и силата на Светите Тајни. Но, грешката не е во Светите Тајни, туку во нивните непотребни размислувања. Ништо не си ветувајте себеси, туку сѐ препуштете на Господ, молејќи од Него една милост: да ви даде сили за секое добро дело со кое Нему Му се угодува. Плодот од Причеста, во срцето најчесто се гледа како сладок мир; понекогаш тоа донесува просветлување во мислите и жешка предаденост на Господа; понекогаш, пак, речиси ништо нема, но подоцна на дело се покажува голема сила и истрајност кога е во прашање ветениот праведен живот. Овде ќе додадам и тоа, дека плодовите од Светата Причест не ги гледаме затоа што ретко се причестуваме. Причестувајте се што е можно почесто, па ќе видите колку утеха донесуваат плодовите од оваа Света Тајна.
Постојано се молам и ќе се молам Господ да ви помогне да им пристапувате на тие Тајни заради потполно обновување на вашиот дух и Господ ќе ви биде помошник во секое добро што ќе го посака вашата душа!
Св. Теофан Затворник