За благодатта
 
 
 
 
 

За благодатта (22.05.2012)

Одлуката да се живее со благодатта не треба да биде ограничена само на желбата, туку таа треба да се спроведува со подготвеност за напори и борба и со стремеж, по секоја цена да се постигне она што се посакува. Кога ќе се донесе одлуката, истиот миг треба да се премине на дело и да се истрае во него со трпение и постојаност.

Прекрасна е состојбата на душата која целата блеска кога Божјата благодат ја проникнува како огнот железото. Слушајќи за таа состојба, секој би сакал да ја постигне. Претпоставувам дека и вие имате таква желба. И иако желбата покажува дека душата умее да го избере тоа што е добро, сепак таа не го изразува сето она, што во тој случај се бара. Човекот може нагло да тргне и да застане, па од желбата да не испадне ништо. Не, не е потребна само желбата, туку здрав поглед на работите и одлучност, тврда и непоколеблива, со свест за тоа колку труд е потребен, какви сѐ препреки и непријатности претстојат тука, и спротивставување со јуначки жар.

Да бараме Божјата благодат да проникне во целиот наш живот е исто што и да бараме Божјо царство, или да ревнуваме за спасение на душите, или да го засакаме и да го избереме едниственото кое е потребно. Различни се називите и изразите, но делото е едно. Јас ја земав онаа страна која е очигледна. Како и да го наречеш, тоа е нешто кое само по себе е највредно, затоа е невозможно да не го сакаш. Прашај кого сакаш: „Сакаш ли во рајот, во Царството небесно?“ – со духот ќе ти одговори: „Сакам, сакам!“ Но потоа речи му: „Добро тогаш направи го тоа и тоа“ – неговите раце веднаш ќе се тргнат. Би сакале во рајот, но немаат секогаш доволно цврста волја за да се потрудат околу тоа. Сакам да кажам дека не е потребно само да се посака, туку треба и труд околу тоа, и да се донесе цврста одлука посакуваното да се оствари на дело.

Свети Теофан Затворник