Сеќавање на смртта и иднината
 
 
 
 
 

Сеќавање на смртта и иднината (24.05.2012)

Првиот почеток и основа на тихувањето е престојувањето на едно место и точно, со трпение, придржување до начинот на живот, кој соодветствува.

На почетокот, сосредоточи го умот и постојано, на прво место, сеќавај се на смртта. Не некоја невидлива смрт, општо. Сеќавај се на конечниот, последен час, кога душата се одделува од телото. Мисли на тоа како ангелите и демоните се борат, кој ќе ја приграби душата која трепери и се плаши.

Размислувај за лагата и празнината на овој живот овде и колку е бесцелна заробеноста на душата со световните работи. Плаши се од Судот и Божјата праведност, која веднаш стигнува и која на секого му дава во согласност со неговите дела. Бог е милостив, полн со сожалување и човекољубие за време на овој живот. Меѓутоа, Тој е и „Бог на праведноста“ и судот и затоа „во адот, нема покајние“.

А нашиот пат не би бил правилен ако нашето покајние не е потполно и ако сме исфрлени од  бројот на оние кои се спасуваат. Она што нѐ чека и на што ќе бидеме осудени е страшно и секој нека гледа тоа да го избегне. „ Пеколот, огненото езеро, црвот кој не спие, чкрипењето на забите“ и останатите страшни и ужасни несреќи, кои траат вечно.

Созерцанието (согледувањето) на сето ова, многу често предизвикува спасоносни солзи, кои го бришат ова страшно зло.

Спротивно на ова, сеќавањето на Судот, сосема на друг начин го созерцуваат праведните. Тие, со помош на благодатта и Христовата милост, живеат во побожност и внимание. Во нивните сетила престојува Божествената добрина, која ги прифаќа и ослободува од маките и болката од нивниот сегашен труд. Колкава, о колкава ќе биде нивната радост, кога ќе чујат како кон Себе ги вика, Оној Кој Го љубат: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11, 28).   

 

 

Старец Јосиф Ватопедски