Христос е нашиот пријател
 
 
 
 
 

Христос е нашиот пријател (26.05.2012)

Христос треба да Го чувствуваме како свој пријател. Тој и е наш пријател. Во тоа и Самиот нѐ уверува кога вели: „Вие сте Ми пријатели“ (Јован 15, 14). Гледаме на Него како на пријател и така Му пристапуваме. Паѓаме ли духовно, грешиме ли? Со интимно пријателство, љубов и доверба да побрзаме кон Него, не со страв дека ќе нѐ казни, туку со верба која ни ја дава чувството дека во Него имаме пријател. Да Му речеме: Господи, згрешив, паднав; прости ми! Но истовремено треба да чувствуваме дека Тој нѐ љуби, дека нѐ прима нежно и со љубов и дека ни простува. Гревот нека не нѐ одвојува од Христос! Кога веруваме дека Тој нѐ љуби и кога се трудиме и ние Него да Го љубиме, тогаш нема да се чувствуваме туѓи и одвоени од Него, дури и кога грешиме. Ние ја обезбедивме Неговата љубов кон нас: како и да се однесуваме, знаеме дека Тој нѐ љуби.

Ако навистина Го љубиме Христос, тогаш не постои страв дека ќе го изгубиме чувството на стравопочит кон Него. Соодветни на ова се зборовите на апостолот Павле: „Кој ќе нѐ одвои од Божјата љубов: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност или меч?... Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од Божјата љубов во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8, 35; 38-39). Овде станува збор за највозвишениот, единствен однос на душата со Бога, однос кој ништо не може да го прекине и кој ништо не може да го поколеба.

Евангелието, служејќи се со симболични зборови, всушност вели дека неправедниот ќе се најде таму каде што има „плач и чкрипење со заби“, бидејќи тоа навистина е така кога човекот е далеку од Бога. И меѓу Отците на Црквата, кои биле подвижници и учители на духовната трезвеност, има многу кои кажуваат за стравот од смртта и пеколот. Тие велат: Имај во себе постојано сеќавање на смртта. Овие зборови, ако не ги проучиме длабоко, во нас создаваат страв од пеколот, страв од казната. Обидувајќи се да го избегне гревот, човекот не се препушта на овие мисли, чија последица е со неговата душа да завладее страв од смртта, пеколот и ѓаволот.  

Сѐ има свое значење, свое време и своја соодветна прилика. Стравот е добар за првите духовни чекори. Тој е за почетниците, за оние во кои сѐ уште живее стариот човек. Таквиот човек, почетник, кој сѐ уште не е духовно зацврстен, со помош на стравот во себе го совладува стремежот кон злото. Стравот ни е неопходен додека сме приврзани за материјата и додека духовно ползиме по земјата. Но рековме, тоа е почетниот стадиум, тоа е низок степен на однос со Божественото.

Тоа е како да одиме во трговија, на некоја размена на услуги, за да го заслужиме рајот или да се избавиме од маките во пеколот. Ако малку подобро размислиме, таквиот однос во себе содржи извесна самодоволност, извесен интерес. Мене не ми се допаѓа таквиот пристап. Кога човекот духовно напредува и влегува во Божјата љубов, тогаш што ќе му е стравот? Што и да прави, тој тоа го прави од љубов, а тоа има многу поголема вредност од стравот. Да се биде добар заради стравот од Бога, а не од љубов кон Него – во тоа и нема некои вредности.

Ако продолжиме понатаму, откриваме дека и Евангелието ни дава до знаење дека Христос е радост и вистина, дека Христос е рајот. Како кажува евангелистот Јован? „Во љубовта нема страв; совршената љубов го брка стравот надвор, бидејќи во стравот е маката. Кој се плаши, не е совршен во љубовта“ (1 Јован 4, 18). Трудејќи се на патот кон спасението со стравот од Бога, постепено влегуваме во Божјата љубов. Тогаш исчезнува пеколот, исчезнува стравот, исчезнува смртта. Нѐ интересира само љубовта кон Бога. Правиме сѐ за таа љубов – како младоженецот за невестата.

Ако сакаме да одиме по Христос, со Него овој живот на земјата ќе ни биде радост, без оглед на тешкотиите. Во врска со тоа апостолот Павле вели: Се радувам во своите страдања. Тоа е нашата вера. Во тој правец треба да одиме. Таа не се состои толку во формалните обврски колку во решителноста да живееме со Христос. Кога тоа ќе ти појде од рака, што друго би посакал? Сѐ си добил. Живееш со Христос и Христос живее во тебе. Потоа сѐ е лесно – послушанието, смирението, мирот во душата.

 

Старец Порфириј Кавсокавилиски