Блескавата далечина на оној свет (28.05.2012)
Дејството на Исусовата молитва е покриено со најголеми тајни. Молитвата нe се состои само во изговарањето на зборовите „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“, туку таа доаѓа до срцето и таинствено се вселува во него. Преку таа молитва ние општиме со Господ Исус Христос, Му се молиме, се соединуваме со Него во една целина. Оваа молитва ја исполнува душата со спокој и радост за време на искушенијата, тешкотиите и животните суети.
Добив писмо: „Старче, се гушам! Од сите страни ме притискаат неволји, не можам да дишам. Не гледам радост во животот, се губи целата негова смисла“.
Што ќе ѝ кажеш на таквата многустардална душа? Дека треба да трпи? А неволјите како воденички камен ја мелат душата и таа се губи под неговата тежина. Јас не зборувам за луѓето кои не веруваат, за луѓето кои тагуваат, а Го изгубиле Бога – не мислам на нив. Не, смислата на животот ја губат верните души, кои тргнале на патот за спасение на душите, кои се наоѓаат под дејство на Божјата благодат. Тие не знаат дека таа состојба е привремена, минлива и дека треба да се почека за таа да пројде. Велат: „Паѓам во тага, нешто темно ме опколува“.
Јас не велам дека таквата неволја е законска, дека таа тага е удел на секој човек. Тоа не е казна, тоа е крст и тој крст треба да се поднесе. Но, како да се поднесе? Каде е поддршката? Некои таа поддршка и утеха ја бараат кај луѓето, мислат дека ќе најдат спокој во светот, а не наоѓаат. Зошто? Затоа што бараат таму каде што не треба. Мирот, светлината и силата треба да се бараат во Бога, преку Исусовата молитва. Ако ти стане многу тешко, ако те опфати мрак, застани пред иконата, запали го кандилото ако не е запалено, ако можеш клекни и речи: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Речи еднаш, двапати, трипати; не само устата да ја изговара молитвата, туку таа да проаѓа покрај срцето. Впрочем, најслаткото Господово име ќе дојде до срцето и малку по малку, тагата и страдањето ќе се оддалечат, душата ќе се просветли и радоста ќе се зацари во неа.
Ова чудно дејство на Исусовата молитва може да го сфати само оној кој преку опит го спознал. Ако некој човек, кој никогаш не пробал мед, почне да се распрашува – што е тоа – како да му се објасни? Ќе му речеш: „Тој е сладок, го прават пчелите, се вади од кошниците, саќето се сече на делови...“ а тој, и покрај тоа, нема да сфати.
„Ако сакаш да дознаеш што е мед – пробај.“
Дали е потребно да се прибегнува кон некои научни објаснувања? Човекот ќе проба и сам ќе сфати. Така е и со Исусовата молитва. Многумина, откако ја спознаа нејзината благост и значење, ѝ го посветија целиот свој живот за да се соединат со неа и со најслаткото име на Господ Исус Христос.
Преподобен Варсануфиј Оптински