Трпение во исполнувањето на правилото
 
 
 
 
 

Трпение во исполнувањето на правилото (31.05.2012)

Незаобиколен фактор во борбата против промените и непостојаноста е правилото, кое е неопходно за покајние. Правилото ја раѓа навиката, а навиката ослободува од тешкиот напор. Правилото најлесно го исполнува оној кој не го намалува, туку постојано се држи до него. Бесцелното фантазирање присутно во неисполнувањето на правилото, како и невтемеленоста, се отстрануваат со трпеливо исполнување на правилото, што се продолжува во слободното исполнување на покајанието, како задача. Ако и пред падот, кога првосоздадените биле безвремени (вечни, бeсмртни), добиле заповед, која всушност претставува правило, колку повеќе тоа исполнување на правилото е непоходно после падот?

Мудро крадејќи од дваесет и четирите часа, кои вообичаено ги користиме за задоволување на нашите биолошки потреби, тоа време го посветуваме на правилото заради нашата душа и така се покоруваме на Писмото во исполнувањето на нашите должности, давајќи го „Божјото на Бога, а царевото на царот“ (Матej 22, 21). Мораме да водиме сметка за својот биолошки опстанок, зашто ако не го правиме тоа, ќе умреме. Зошто тогаш сме незаинтересирани за нашите духовни потреби, кога ни се заканува страшна опасност, а штетата, до која доаѓа поради таа незаинтересираност е непоправлива? Ако и мал дел од денот почувствуваме дека треба да го исполнуваме нашето правило, заради нашата душа, ќе се здобиеме со голема добивка во нашата борба. Таа добивка е спасение, соединување со Бога и наследство на Божјите ветувања.

Нашето волево исполнување на правилото не е дело на некој Божји закон, туку тоа е израз на нашиот поглед на работите. Опитот ни наредува да не се врзуваме за она што е недозволено, за она што го прави светот, кој нѐ опкружува. Кога го извршуваме правилото, станува очигледно дека зависиме од Бога, а тоа е видливо сведоштво дека навистина сме верни. На овој начин, Божјата благодат секогаш живее во нас, и се исполнуваат Павловите зборови „Сѐ можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи“ (Фил. 4, 13).

Најважен дел во исполнувањето на правилото е постојаното внимание (будност). После ова доаѓа времето на сосредоточеноста, каде ќе го пронајдеме она што навистина сме. Тогаш одново сведочиме за нашата намера да ја поправиме штетата до која дошло, или да пораснеме во она што е корисно, помагајќи си со нашиот поранешен опит.

Особено, за оние кои живеат во светот, неизбежно дело на нивната христијанска побожност е молитвата пред спиење и молитвата пред започнување на некаква работа. Исто така, неопходно е изучувањето на духовните списи на искусните свети писатели, чиј опит е препознаен и несомнителен заради тоа што подоцна станаа светители. Заради нашите гревови, во нашето време, Господ допушти отсуство на опит од свети мажи. „Ќе дојдат денови, вели Господ, кога ќе пратам глад на земјата, не глад за леб и жед за вода, туку глад за слушање на Божјите зборови“. Проучувањето на духовните дела станало обврска, бидејќи така се отстранува нашето незнаење и се исполнува нашата празнина, што е и причина за пропаста на оние кои се лажат и катаклизма за сатанските идеи, кои не ги опфаќаат само оние кои се надвор од Црквата, туку и верните. Точно ни е откриено дека во последните времиња „ако е можно, ќе бидат излажани и избраните“ (Матеј 24, 24).  

 

Старец Јосиф Ватопедски