Внатрешниот живот (01.06.2012)
Внатрешниот живот е темел над темелите во православната вера и тој мора да биде составен дел од животот на православниот христијанин. Доколку не бдееме над себе, над својот разум и помислите, нема да се спасиме. Мораме да внимаваме сите настроенија на срцето да бидат насочени кон прославувањето на Господ и нашите мисли да се стремат само кон Него.
Преку самопознание и бдеење над себе добиваме благодат и сила за стекнување на бесмртниот живот.
Понекогаш гледаш човек – на прв поглед по ништо не се разликува од другите, а по внатрешниот живот е голем пред Господ и често прави големи добродетелни дела.
Без внатрешниот живот, без бдеење над себе човекот лесно паѓа во грешки и беззаконија. Доколку надворешниот човеков живот преовладува над внатрешниот, доколку тој е преокупиран само со земните работи и не се грижи за духовното, односно за своето спасение, порано или подоцна ќе почувствува незадоволство од животот, празнина, мрак и тоа неизбежно ќе го одведе кон униние, па дури и очај.
Да, страшно е да се живее без Бога. Со други зборови, без внатрешниот живот, ваквиот човек никогаш нема да се заблажи со мирот и духовната радост, радоста во овдешниот земен живот, а уште помалку во животот на идниот век.
Труди се, мој пријателе, да му дадеш на внатрешниот живот првостепено значење. Немој да мислиш дека тој е возможен само за поединци, избрани. Тој е прифатлив за сите луѓе со која било титула, која било состојба, кои живеат во кое било време, кои извршуваат која било должност, која било работа, па дури и најтешката. Нема причина поради која човекот не би можел да влезе во себе и да го следи секое движење на срцето, секоја помисла. Не може само оној кој не сака да се занимава со внатрешниот живот, кој повеќе сака да си посвети време на самиот себе отколку на Господ. Меѓутоа, благодатта не може да живее во душата која е преокупирана со себе, само со надворешниот живот.
Моли Го, мој пријателе, Господ наш Исус Христос, да ти ја даде онаа чиста светлина на самопознанието, која ќе те научи никогаш да не се одвојуваш од Господ. Кога ќе ја вкусиш благоста на внатрешниот живот, повеќе никој и ништо нема да може да те спречи во побожноста. На оној кој се занимава со самосозерцување, Господ му дарува таква способност, истовремено да може и да се моли и да работи најкомплицирана и најтешка работа. Еве, на пример, уметникот, музичарот, скулпторот, па дури и писателот можат истовремено внатрешно да се молат и да се занимаваат со својата работа, па дури и да учествуваат во разговор.
На многумина тоа им изгледа недостижно, невозможно, но во стварноста, така е. Овие луѓе постојано ја вкусуваат блажината од беседењето со Господ, наситени се и изобилуваат со духовна радост. И ти стреми се кон тоа.
Свети Нил Сорски