Беседа на Педесетница (03.06.2012)
Еве го празникот, браќа, којшто ни кажува што е човекот, што е духот човеков, што е умот човеков, што е човековата мисла.
Денешниот голем празник ни ја кажува таа голема тајна. Господ, создавајќи нè како луѓе, ни даде дух, ни даде душа — зошто? Ни кажува денешниот празник: затоа, за ние нашиот дух да го усовршиме со Светиот Дух, да се развиваме со Духот Свети, со Светиот Дух да одиме низ овој свет и низ целата вечност. Човекот не е шега! Бог не се шегувал кога го создавал човекот. Човекот е мошне сериозна тајна, и голема и најголемата тајна Божја во овој свет.
На Спасовден што прославувавме? Го прославивме Господа Христа Којшто со телото воскресна и се вознесе на Небесата. Што кажа Господ со тоа? Господ со тоа кажа дека нашето тело, моето и твоето и секое тело, ќе воскресне од мртвите и ќе се вознесе над сите Небеса. Господ стана човек за да му го покаже на човекот патот низ овој свет. И тоа што се случи со неговото тело, ќе се случи со секое тело, со телото на секој човек.
Ние одиме, галопираме кон гробот, затоа што тоа е завршетокот на нашиот живот. Дали црвливиот гроб е крајот на нашиот живот? Ако е така, тогаш Бог се потсмевал со човекот кога го создавал.
Напротив, Бог му го створил телото на човекот за телото да го победи гревот, телото да ја победи смртта, телото да го победи ѓаволот и да воскресне од мртвите и да се вознесе над сите Небеса. Тоа е патот на човековото тело. Тој пат го пропатува Господ Христос. Никој друг освен Него! Он го покажа патот по кој ќе оди и твоето и сечие човечко тело.
Денес, на Духовден, на денот на Светата Троица, што славиме? Го славиме најголемото чудо на овој свет. Го славиме роденденот на Црквата Божја. Што е тоа роденден на Црквата Божја? Слегувањето на Духот Свети на Светите Апостоли, на Црквата Христова, и водење на Црквата од страна на Светиот Дух, низ овој свет, и низ сите светови. Денешниот свет празник покажува каква е силата и моќта на Господа Христа и во што е нашата вера. „Нашата вера е во Силата и Светиот Дух“ — како што вели светиот Апостол.
Ете, дванаесет галилејски рибари, дванаесет прости селани тргнуваат во светот после денешниот ден да проповедаат. Кого и што да проповедаат? Најголемото чудо, најмилото чудо: Господа Исуса Христа, Воскреснатиот од мртвите! И со Неговата сила, со силата на Светиот Дух прават чудеса какви што луѓето никогаш не можат да направат без Божествената Сила Божја. Дванаесет прости рибари тргнаа после овој велик и славен празник во свет. Зошто? За да го проповедаат воскреснатиот Господ Христос. Тоа значи: да Го проповедаат Победникот над смртта, Победникот над гревот, Победникот над ѓаволот. Од никого не се плашеа во овој свет. Целата тогашна Римска Империја, целото Римско Царство се крена против нив. Станаа факели коишто незнабожците ги палеа. До 313 година постојано бива гонето Христовото име, Христовите следбеници. И кој победи? Дали оружјето на Римската Империја? Не! Победија дванаесетте прости рибари од Галилеја. Со што? Со силата Христова! Исцелуваа болни, воскреснуваа мртви, правеа безбројни чуда, изгонуваа демони. Светот беше вџашен и зачуден. Ги гонеа, ги приморуваа да се откажат. Не! Никој од нив не се откажа од Господа Христа, сите со радост одеа во смрт, сите одеа во погибел за Господа Исуса Христа.
...Да не се плашиме од смртта, да не се плашиме од нашите гонители. Нека знаат, ние имаме сигурно оружје за победа, а тоа е смртта на Господа Христа. Ние со тоа победуваме! Кога големиот светител Божји, светиот Григориј Богослов, им се обрати на гонителите на христијаните во IV век, им рече: Знајте дека ние христијаните имаме оружје за сигурна победа, а тоа е смртта за Господа. Ние со радост одиме и гинеме за Господа Исуса, затоа што пред нас е отворена вечноста, пред нас е отворен вечниот живот, пред нас е отворено Царството Небесно.
Да, ние сме повикани како христијани да се усовршуваме со Светиот Дух, со Духот Којшто е во Црквата Христова, Духот Којшто Апостолите ги направи маченици и сите безбројни маченици, и безбројни исповедници на Господа Христа и денес и вчера и засекогаш. Што треба да правиме со својата душа? Тоа што го правеа светите Апостоли со душите на сите верни: да ги наполниме со вера во Господа Христа, со непоколеблива вера, да се исполниме со љубов кон Господа Христа и кон нашите браќа, да се исполниме со молитва, пост, со сите евангелски добродетели. Така ние Го стекнуваме Светиот Дух, така растеме со својот дух, ја онебеснуваме нашата душа, ја правиме бесмртна и вечна, во неа Го внесуваме Светиот Дух.
Што е целта на нашиот живот? Целта на нашиот живот е да стекнеме што повеќе Дух Свети, та да можеме да го победуваме секој грев, секое зло, секој демон во овој свет. А тоа се стекнува со помош на молитвата, постот, милостината, милосрдноста и сите останати евангелски добродетели. Целта на нашиот живот е да го стекнеме Светиот Дух, а кога Него ќе го стекнеме — што ќе ни направат луѓето? Нашата радост е во тоа што сме посилни од смртта, и не само од смртта, туку посилни сме од секој ѓавол, од секој грев. Затоа слушате на Светата Литургија: Горе да ги имаме срцата! Да не се плашиме од нашите гонители, да не се плашиме од оние коишто сакаат да ни ја земат душата, туку со вера во Господа Христа ние ќе ги победуваме сите непријатели на нашата вера. И со нашата смрт, ако треба.
Нека Благиот Господ на денешниот ден ни даде сила и моќ да се родиме духовно, затоа што на денешниот ден е родена Црквата Божја, а штом денес е Нејзин роденден, тогаш е роденден на секој христијанин, на сите христијани воопшто. Роденден во Господа Христа, роденден во нашата Вечност, роденден за сè што е Небесно и Наднебесно.
Денес е, како што се вели во прекрасните црковни песни, конечниот празник, се заврши спасението. Бог и Господ Исус Христос му кажа на човекот, зошто е човекот во овој свет. Му ги даде сите средства за спасение, му ги даде сите средства за обожение, му ги даде сите средства за вечен живот. Затоа, да не престануваме смело и храбро, јуначки да го исповедаме Господа Христа — тој единствен Победник над гревот, смртта и ѓаволот. И Нему да му се поклонуваме, да живееме со Него, и во овој, и во оној свет. Амин.
Преподобен Јустин Ќелиски