Придонесот на Пресвета Богородица за обожувањето на човекот
 
 
 
 
 

Придонесот на Пресвета Богородица за обожувањето на човекот (06.06.2012)

Господ Исус Христос ни овозможува одново да се соединиме со Бога и да се вратиме на првобитниот позив за кој Бог и го создаде човекот. Затоа Исус Христос во Светото Писмо се нарекува: Пат, Двери, Добар Пастир, Живот, Воскресение и Светлина. Христос е новиот Адам, Кој го исправа Адамовиот првороден грев. Првиот Адам со својата непослушност и егоизам нѐ одвои од Бога. Вториот Адам – Христос повторно нѐ соединува со Бога преку Својата љубов и Својата послушност кон Отецот, преку послушност до смрт – смртта на Крстот. Христос ја насочува нашата слободна волја кон Бога, за ние, принесувајќи Му ја на Бога нашата послушност, одново да се соединиме со Него.

Но, делото на Новиот Адам барало и дело на Новата Ева – Пресветата Богородица, Која го исправила гревот на Старата Ева. Ева го поттикнала Адам на непослушност кон Бога. Новата Ева дала одлучувачки придонес за Воплотувањето на Новиот Адам, Кој ќе го поведе човечкиот род кон послушност на Бога. Токму затоа нашата Владетелка Богородица, бидејќи прво беше човечко суштество кое – на посебен и единствен начин – се обожи, имаше не само основна, туку и неопходна и незаменлива улога во нашето спасение.

Според св. Никола Кавасила, големиот богослов од 14 век, Пресвета Богородица немаше да Му ја принесе на Бога својата послушност и слободна волја, ако не Му одговореше „Да“; Божјото Воплотување немаше да биде возможно, бидејќи Бог (во кој било друг случај) ќе ја нарушеше слободата која му ја подари на човекот. Бог не би можел да се воплоти да не постоела таква пречиста и пренепорочна душа, како што била Богородица. Таа целосно ја принела Својата слобода, Својата слободна волја, целата Себеси на Бога, за да Го прими во Себе и да ни Го донесе.

О, колку Ѝ должиме на Пресветата! Затоа Црквата Ѝ укажува голема чест и почит на Богородица. Св. Григориј Палама, сумирајќи го светоотечкото богословие, вели дека Пресветата зазема место веднаш после Пресвета Троица, дека таа е бог (по благодат) веднаш после Бога – го поврзува создаденото со несоздаденото, или – „прва меѓу спасените“, како што кажува еден друг богослов на нашата Црква. Св. Никодим Светогорец, еден нов просветлен учител на Црквата, богослови дека светлината која произлегува од Пресветата ги просветлува, дури и ангелските чинови. Затоа Црквата ја величи Пресветата како „почесна од Херувимите и непоредливо пославна од Серафимите“.

Воплотувањето на Логосот и обожувањето на човекот е најголемата Тајна на нашата вера и нашето богословие. И тоа е она со што нашата Православна Црква секојдневно живее преку своите Свети Тајни, својата химнографија, иконите, односно во полнотата на својот живот. Дури и архитектурата на православните цркви ја потврдува оваа вистина. Куполата на црквите каде што се изобразува Христос Седржителот го симболизира слегувањето на Небото на земјата – вистината дека Бог стана човек и дека се насели помеѓу нас, како што пишува св. евангелист Јован.

Бидејќи Бог стана човек преку Пресвета Богородица, ние Ја изобразуваме Богородица во олтарната апсида за да покажеме дека Бог преку Богородица навистина слегува кај луѓето на земјата. Богородица е „Лествицата со која Бог слегува“ и „Лествица која нѐ изведува од земјата на Небото“, во Неа се сместува несместливиот Бог, заради нашето спасение, Таа е „Поширока од Небесата“.

Потоа, Црквата ги изобразува обожените луѓе – оние кои, заради тоа што Бог стана човек, станаа богови по благодат. Оттаму во нашите православни цркви можеме да Го изобразуваме, не само воплотениот Бог Христос и Неговата пренепорочна Мајка Богородица, туку и сите светии. На сите ѕидови во црквата ние ги изобразуваме делата (плодовите) на Божјото Воплотување: светите и обожени мажи и жени.

Според тоа, кога ќе влеземе во православната црква и ќе ги видиме прекрасните фрески и икони, тогаш ние стануваме причесници на следново искуство: го поимаме Божјото дело, направено заради човекот, како и целта на нашиот живот. Сѐ во црквата го потврдува Божјото Воплотување и човековото обожување.

 

Архимандрит Георгиј Капсанис