Како Светата Православна Црква Ја почитува Божјата Мајка?
 
 
 
 
 

Како Светата Православна Црква Ја почитува Божјата Мајка? (08.06.2012)

Од апостолските времиња па до наши дни, сите оние кои вистински Го сакаат Христос, Ја прославуваат Онаа Која Го роди, воспита и се грижеше за Него додека беше Дете. Ако Неа Ја одбра Бог Отецот, на Неа слезе Светиот Дух, Бог Синот се всели во Неа, Ѝ беше послушен во детството и се погрижи за Неа додека висеше на Крстот, тогаш нели е должен да Ја величи секој кој Ја исповеда Пресвета Троица?

Уште за време на Нејзиниот живот на земјата, Христовите другари, апостолите, Ѝ укажувале големо внимание и биле многу приврзани кон Господовата Мајка, а особено евангелистот Јован Богослов кој, исполнувајќи ја волјата на Нејзиниот Син, Ја зема кај себе и се грижееше за Неа како за мајка, од моментот кога Господ му рече од Крстот: „Еве ти Мајка“.

Евангелистот Лука наслика неколку икони со Неа, некои заедно со Предвечниот Младенец, а некои без Него. Кога тој ги донел и Ѝ ги покажал на Пресветата Дева, Таа ги одобрила и рекла: „Благодатта на Мојот Син нека биде со нив“, и ја повторила песната која била испеана во домот на Елисавета: „Го велича мојата душа Господа и се израдува мојот дух заради Господ, мојот Спасител“.

Всушност, Дева Марија во текот на Својот земен живот се засолнувала од славата, која како на Божја Мајка Ѝ припаѓала. Повеќе сакала да го минува животот во тишина, подготвувајќи се за заминување во вечниот живот. До последниот ден од Својот земен живот, Таа се трудела да се покаже достојна за Царството на Својот Син и за време на смртта се молела Тој да ја избави Нејзината душа од лошите духови, кои ги пресретнуваат човечките души на патот кон небото, пробувајќи да ги дофатат и да ги одвлечат со себе во пеколот. Господ ги исполни молитвите на Својата Мајка и во часот на Нејзиното заминување Самиот Тој слезе од небото со мноштво ангели и ја прими Нејзината душа.

Затоа што Божјата Мајка молела да може да се раздели со апостолите, Господ околу Нејзината смртна постела ги собрал сите апостоли, освен Тома. Со невидлива сила, тој ден, тие беа донесени во Ерусалим од сите краеви на светот во кои проповедаа, и присуствуваа на Нејзиниот блажен премин во вечниот живот.

Со свечени погребни песни апостолите го погребаа Нејзиното пречисто тело. После три дена тие го отворија гробот за уште еднаш да Ѝ се поклонат на Божјата Мајка, заедно со апостолот Тома, кој тогаш пристигна од Ерусалим. Но не наоѓајќи го телото во гробот, со двоумење се вратија дома. Тогаш, со блескава небесна светлина, во воздухот им се јави Самата Богородица и им рече дека Нејзиниот Син Ја прославил и дека Таа воскресната, стои пред Неговиот Престол. И уште им вети дека секогаш ќе биде со нив.

Апостолите со голема радост Ја поздравија Богородица и почнаа да Ја почитуваат не само како Мајка на нивниот сакан Учител и Господ, туку и како своја небесна Помошничка, Покровителка на христијаните и Застапничка на целиот човечки род пред Праведниот Судија. И секаде каде се проповедало Христовото Евангелие, почнале да Ја прославуваат и Неговата Пречиста Мајка.

 

Свети Јован Шангајски и Санфранциски