За Божествената Литургија и Божественото причестување (10.06.2012)
Величествена е Божествената Литургија! Кога Бог ќе погледне на Својот смирен слуга, тој мора силно да ја почувствува величественоста на Литургијата! Колку таа им помага на оние кои се спомнуваат на неа! Колку Бог го почитува човекот, издигнувајќи го на секоја Литургија меѓу ангелските чинови и хранејќи го со Своите сесвети Тело и Крв!
Сѐ ни е дадено. Што ни недостига, било телесно или духовно, минливо или вечно? Ништо. Ако секојдневно ни го дава Своето обожено, свето Тело и Крв, што е повозвишено од тоа? Се разбира, ништо. Во какви таинства Бог го удостои човекот да служи, иако е создаден од земја! О, небесна, непроценлива љубов! Една капка од оваа Божествена љубов ја надминува секоја телесна, световна љубов под сонцето!
Непроценлива е ползата од Светата Литургија, од спомнувањето на имињата на упокоените итн. Се разбира, ова им користи само на оние кои се покајале, кои покажале знаци на некои добродетели, но заради невниманието, негрижата и одолговлекувањето немале време да го замесат добродетелниот леб. Преку изобилието на Божјото милосрдие, црковните молитви, молитвите на поединците, човекољубивите дела... се дополнуваат недостатоците кај таквите луѓе.
Св. Кирил Ерусалимски вели дека од секоја Литургија, голема полза имаат сите кои се спомнати и за кои се посредува.
„И како што Мојсеј ја подига бронзената змија во пустината, така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат“ (Јован 3, 14). И како што сите кои биле каснати од змија се исцелувале погледнувајќи на бакарната змија, така и секој христијанин, кој верува во Христа и брза кон Неговите животоносни рани, јадејќи го Неговото Телo и пиејќи ја Неговата Крв, ќе биде исцелен од каснувањето на змијата – гревот. Со оваа најсвета храна му се дава живот за преобразување во нова твар, односно во нов живот, согласно со Неговите свети заповеди.
О, колку е од суштинско значење и полза за нас, да пристапуваме на оваа Небесна трпеза, која ни ја обезбедува натприродната тајна на светиот олтар! Покрај него невидливо стојат ангелите. Свештеникот, кој во тој момент е попочитуван и од ангелите, со најголема страхопочит Го жртвува пренепорочниот Агнец. Ангелите сослужуваат, а верните пристапуваат да ги јадат и пијат Телото и Крвта Христови. „Тело Христово примете, живот бесмртен вкусете“ за да живеете во Христос и да не умрете во гревот.
Според зборовите на апостолот, човекот нека се преиспита, а потоа нека јаде и нека пие од чашата, бидејќи кој недостојно јаде и пие, својот суд го јаде и пие... Зашто кога самите себе би се преиспитувале, не би биле казнети. А кога Господ ни суди, нѐ кара... (1 Кор. 11, 28-32).
Кога некој сака да се сретне со царот, тој со денови се подготвува за тоа, односно прави сеопфатни подготовки поврзани со облеката, говорот, пристапот, однесувањето итн., за да предизвика благонаклонетост кај царот и така да го добие она што го бара. Согласно со неспоредливата разлика помеѓу двата цара, секој христијанин мора да се подготви за Светата Причест, со што би добил милост и простување. За да го добијат она што го сакаат, оние кои му пристапуваат на земниот цар, често се украсуваат со итрина, ласкање и неприродност. Напротив, светоста, смирениот дух и душевната едноставност, кои се многу поскапоцени од минливото злато, мораат да бидат одлика на верниот христијанин, кој Му пристапува на Царот над царевите, бидејќи Тој гледа на внатрешниот човек. Да се подготвиме и ние со чист разум и трудејќи се да ги умртвиме своите страсти, заедно со светите апостоли чисто да пристапиме на Тајната вечера, да се причестиме со нашиот сладок Исус, за да живее во нас, во бесконечноста на вековите.
На Божествената Тајна треба да ѝ пристапиш со големо умиление, покајние и свест за своите гревови. Голема е милоста на Бога, Кој снисходи за да влезе во тебе, не одвраќајќи Се заради многуте твои гревови. Напротив, со Својата безгранична љубов и благонаклонетост Тој доаѓа за да те посоветува и да те удостои да станеш Негово чедо и наследник на Неговото Царство.
На секоја Божествена Литургија, повторно го оживуваме Страдањето на Крстот и животоносното Воскресение на нашиот Исус, нашето слатко избавување и Светлината за нашите затемнети души, со кои се спасува секоја грешна душа. Ако во Стариот Закон, во сенката на она што следува, крвта од биковите и јарците и пепелта од јунчињата ги чистеле престапниците, колку повеќе Исусовата Крв, со која се причестуваме пред светите олтари во светите православни цркви, ќе нѐ исчисти нас од секој грев и ќе ги загрее нашите души со боготежнеење за нашиот најсладок Исус!
Во Црква би требало да стоите со страв и побожност, бидејќи таму невидливо е присутен Самиот Христос, заедно со светите ангели. Тој, внимателните и побожните, ги исполнува со благодат и благослови, додека невнимателните ги осудува како недостојни.
Потруди се да се причестуваш што е можно почесто. Го имаш моето разрешување тоа слободно да го правиш, затоа што Светата Причест е непроценлива помош за оние кои се борат против гревот.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски