За постот (11.06.2012)
Постот не е нешто ново, туку богатство на Отците. Сѐ што е старо, достојно е за почит. Почитувај ја древноста на постот, со оглед дека е стар колку и човештвото. Постот е озаконет во рајот. Тој е првата заповед која ја добил Адам: „Не јадете од дрвото за спознавање на доброто и злото“. „Не јадете!“ претставува озконување на постот и воздржанието. Да се воздржеше Ева од плодот на спомнатото дрво, ние денес немаше да имаме потреба од постот, бидејќи „здравите немаат потреба од лекар, туку болните“. Ние страдаме заради гревот. Да се исцелиме со покајанието. Меѓутоа, покајанието без постот не е целосно. „Нека е проклета змијата... Трња и чички ќе ти пораснат“. Заповедано ти е да поднесуваш страдања, а не да живееш во задоволства. Со постот оправдај се пред Бога. И самиот начин на живот во рајот имаше образ на пост, не само затоа што човекот беше сличен на ангелите, вподобувајќи им се во умереноста, туку и затоа што оние кои се хранеле во рајот, воопшто не размислувале за она што подоцна го измисли човечкиот разум: ниту за пиењето вино, ниту за жртувувањето животни, ни за сѐ она што го замаглува човечкиот ум.
Ние сме исфрлени од рајот затоа што не постевме. Значи, да постиме за повторно да се вратиме таму. Зар не гледаш дека Лазар со помош на постот влезе во рајот? Немој да ја поддржуваш непослушноста на Ева, немој повторно за советник да ја прифатиш змијата, која ти предлага да јадеш, грижејќи се за телото. Немој да се оправдуваш со болеста и изнемоштеноста на телото, бидејќи не се оправдуваш пред мене, туку пред Оној Кој знае сѐ. Кажи ми дали можеби не си во состојба да постиш. Меѓутоа, ти можеш целиот живот да се прејадуваш и со бремето на сѐ она што си јадел да си го уништуваш телото. Многу добро знам дека лекарите на болните не им налагаат разновидна јадења, туку избегнување на храна и гладување. Ако можеш едното, како се оправдуваш дека не можеш другото? Што е полесно за утробата: после умереното јадење да има мирна ноќ или да лежи обременета од обилната храна (подобро кажано, не да лежи, туку да се превртува, бидејќи е преоптоварена и вознемирена)? Зар ќе кажеш дека на кормиларите им е полесно да го спасат коработ кога е натоварен со товар, отколку кога е лесен? Бродот кој е преоптоварен ќе го совладаат и мали бранови. Меѓутоа, доколку на него има товар со дозволена тежина, тој лесно ќе се движи низ брановите и ништо нема да го спречи да плови по водата. И човечките тела, обременети со постојано прејадување, лесно се совладани од болестите. Меѓутоа, ако се користи едноставна и лесна храна, се избегнува злото кое се очекува од болестите и веќе присутните тегоби се одбиваат како налетот на бурата. Тврдејќи дека на болните повеќе им доликува насладувањето, отколку умерената храна, ти се држиш до мислењето дека мирувањето е потешко од бегањето и дека спокојот е потежок од борбата. Силата која го устројува животот лесно го преработува она што е умерено и скромно, правејќи да го усвои оној кој се храни. Меѓутоа, бидејќи не е во состојба до крај да ги свари богатите и разновидни јадења, таа ги претвора во болести.
Всушност, добриот пост не го ограничувај само на воздржувањето од храна, бидејќи вистинскиот пост е воздржување од злото. „Отстрани ја секоја врска со неправдата“. Прости му ја навредата на ближниот и прости му ги неговите долгови. „Не постете со осудувања и кавги“. Ти не јадеш месо, но го јадеш братот. Ти се воздржуваш од вино, но не се воздржуваш од навреди. Ти ја дочекуваш ноќта за да вкусиш храна, а го губиш денот во осудување. „Тешко на опијанетите без вино“. Раздразливоста е пијанство на душата, кое избезумува како и виното. И тагата е пијанство, бидејќи го потопува разумот. И стравот е пијанство доколку се појави таму каде што не треба, бидејќи е речено: „Од стравот од непријателот избави ја мојата душа“. И воопшто, со право, со пијанство може да се нарече секоја страст од која разумот излегува надвор од себе.
Свети Василиј Велики