За стомакоугодувањето и воздржувањето (12.06.2012)
Потребата за храна и вода е вродена во нашата телесна природа и умереното задоволување на оваа потреба е дозволено и неопходно. Преминувајќи ги границите на умереноста, стомакоугодувањето станува стрешен и понижувачки порок, кој според св. Јован Лествичник се јавува во следниве видови:
- Ненаситност, која не може со ништо да се насити;
- Чудна сластољубива потреба за различни вкусови;
- Невоздржлива и зависна лакомост во поглед на омилената храна;
- Нескротливо и неконтролирано прејадување.
Почеток на целото зло е заситувањето на стомакот, како и возбудувањето на телото за време на спиењето, бидејќи тие ја распалуваат блудната сладострасност.
Еве список на пороците кои ги предизвикуваат овие страсти: блудот, бездушноста, сонливоста, морето од помисли, поројот за сквернавење, бездната од непознати нечистотии, мрзливоста, зборливоста, претераната слобода во говорот, претераното смеење, шегата, немилосрдноста, тврдоглавоста, бесчувствителноста, восхитеноста, надменоста, дрскоста, горделивоста, а после нив следат нечистата молитва и дивите помисли.
Колку полесна храна и пијалак се употребува и во помали количини, толку пофин и полесен станува и духот. Прејадувањето и сластољубието нѐ врзуваат за земјата и ѝ ги отсекуваат крилјата на душата.
Стомакоугодувањето ја предизвикува страшната борба со телесната сладострасност (похотта); ситоста – уживањето; презаситеноста – нечистотијата; а постот – целомудрието.
Од лебот и водата нема штета!
Постот бил првата заповед за нашите прародители, а прекршувањето на постот – причината за нивниот пад. Поради она што било причина за падот, подвижниците почнале да се трудат во стравот од Бога. Од тоа почнал и Спасителот, бидејќи постот е оружје против ѓаволот, со него Тој ги поразил ѓаволот и пустината.
Секогаш кога сме вооружени со постот се разгорува ревноста. Кој живее со постот има непоколеблив ум и е спремен да им се спротивстави и да ги победи сите страшни страсти. Кој се одрекува од постот, тој заборава зошто се случил гревовниот пад на првите луѓе (поради невоздржувањето) и на кое оружје против гревот и искушенијата укажал Спасителот кога престојувал во пустината, постејќи 40 дена и ноќи. Тој не знае или не сака да знае дека човекот најчесто отпаѓа од Бога заради невоздржувањето, како што било и со Содом, Гомор и современиците на Ное, зашто секој човечки грев се појавува поради невоздржанието.
Кој се одрекува од постот, тој си го одзема од себе, а и од другите, оружјето против сопствената многустрасна плот и против ѓаволот. Не е Христов војник оној кој го фрла оружјето и доброволно се предава во заробеништво на своето сластољубиво и гревољубиво тело, тој е слеп и не ги гледа односите помеѓу причината и последицата на работите.
Постот како умртвување на телото, умртвување на стариот човек во себе, претставува бескрвно мачеништво.
Всушност, во што се содржи постот и како да се научиме да постиме?
Постот е присилување на природата и отфрлање на она што ѝ се допаѓа на устата. Вистински пост е кога јадеме малку, користиме едноставна храна и се пазиме од стомакоугодување.
Прво треба да се откажеме од храната која здебелува, па потоа од онаа која распалува и на крај и од онаа која е вкусна.
За ручек јади колку што можеш, а за вечера воздржи се. Храната треба да се зема пристојно, со страв од Бога и ништо не треба да се јаде од лакомост, туку кога имаш природна потреба, и тоа така да после јадењето и пиењето да не чувствуваш желба за јадење. Таа доволност без претерување е начело (принцип) на Светиот Пост.
Во среда и петок постете без исклучок.
Воздржувањето за секого треба да биде одредено според неговата телесна сила. Треба да се избегнува прекумерниот пост кој изнемоштува, дури и во моменти на телесни искушенија.
Во случај на ненамерно претерување и невнимателно невоздржување не треба да се тагува заради прекршувањето на постот, туку треба со труд да се надокнади.
Во случај на изнемоштеност на телото од подвизи или болест, треба да се намали постот. Телото кое е измачено од подвизите или болестите треба да се крепи со умерено спиење, храна и пијалак, без оглед на времето. Исус Христос, после воскреснувањето на Јаировата ќерка заповедал „да ѝ дадат да јаде“.
Вистинскиот пост остава свој печат врз целото надворешно и внатрешно однесување кај подвижникот. Воздржувањето не се ограничува само на храната и пиењето, туку и на разговорите, спиењето, облеката и на сите сетила – во сето ова треба да постои мера за воздржување.
На правилниот пост потполно му е туѓа суетата и изнемоштеноста. Во постот треба храбро и благоразумно да се чуваме од секое човекоугодување, да се избегнува осудувањето на оние кои не постат, како што и тие кои не постат не треба да ги укоруваат оние кои постат.
Телесниот пост се олеснува со постепено навикнување на воздржувањето, но тој нема никаква полза без духовниот внатрешен пост. Духовниот пост е период на духовни напори: зголемена молитва, зголемено милосрдие, скротување на страстите, смирување со непријателите. Постот е духовна храна за душата, тој е како оаза во пустина за изморениот патник кој останал без вода.
Дочекајте го постот со радост: „Сега е вистинското време, денот на спасението“.
Св. схи-игумен Сава Псковско-Печерски