Злопамтењето – духовен рак
 
 
 
 
 

Злопамтењето – духовен рак (13.06.2012)

Придржувајќи се до зборовите на светите Отци, ние секогаш се потсетуваме дека постот не е само воздржување од мрсната храна, месото и млечните производи. Некои верници многу строго се држат до овој пост, и тоа е добро, но не е доволно.

Должни сме физичкиот пост – одрекувањето од храната – секогаш да го дополнуваме со она што претставува негова суштина, односно она најважното во него, а тоа е одрекувањето од злото. Треба да се пости со целото свое битие, така што сѐ: и очите, и умот, и устата, и рацете, и нозете да се воздржуваат од злото. Ако успеете овој душевен пост да го усогласите со телесниот, тогаш тоа е она што Бог го сака од нас. Меѓутоа, ако ние го држиме само телесниот пост, а за другиот – душевниот не се грижиме, тогаш нашиот пост ќе биде бескорисен, односно – ние работиме, но не добиваме плата.

Треба добро да размислиме за ова, бидејќи секој од нас чувствува потреба за Бога. Се случуваат и такви околности во животот, кога луѓето навистина не можат да ни помогнат и тогаш ние со својот ум и срце се вознесуваме кон небото липајќи: Господи, помогни ми! И Господ ни помага, доколку одиме по Неговиот пат. Меѓутоа, ако ние го правиме само она што го сакаме, а притоа, тоа е зло, и ако зборуваме она што не треба и лошо постапуваме, тогаш Бог не обрнува внимание на нашата молитва, како што за тоа кажува св. апостол Јаков (Јак. 4, 3). Вие не добивате помош и останувате нечуени бидејќи лошо се молите. Барате или она што не ви е корисно, или од Оној Кој до скоро Го презиравте. Ти молитвено Му се обраќаш на Бога, тогаш кога Тој ти треба, а потоа повторно се враќаш на својот вообичаен живот, и тоа најчесто грешниот.

Затоа би било добро да се посвети внимание на страстите кои го преплавуваат и нарушуваат нашиот внатрешен живот. Ако ние сме конфузно расположени, тогаш ги збркуваме и оние околу нас, и често нашиот живот се претвора во пекол. Тоа се однесува на целиот наш земен живот: скандалите во семејството, на работа, секаде; сите можни конфликти кои се последици на: амбицијата, гневот, нервите итн. И затоа во овие посни денови, оној кој е во состојба да го држи телесниот пост, треба да го држи, и тоа многу добро, но тој подвиг треба да биде пропратен и со душевниот пост, како и со внимание кон сето она што го вознемирува нашиот внатрешен и надворешен живот.

Гневот претставува една од страстите кои дивеат во нашиот живот, а караниците и конфликтите одат рака под рака со нив, понекогаш навлегувајќи многу длабоко. Како последица на гневот, ако не успееме истиот ден да се смириме со оние со кои сме се скарале, во нас се вселува многу опасна страст – злопамтењето. И ти го носиш тоа злопамтење во себе; не можеш да се молиш, а во умот си во постојан дијалог со оние со кои си се искарал. Тука е и оној другиот кој, исто така, е лут на тебе и чувствува гнев. Тој еден миг гледа настрана, потоа го симнува погледот долу, тешко му е или непријатно да те погледне бидејќи си ги повредил неговите чувства, а и кај тебе е исто.

Оваа страст која се нарекува злопамтење е ѓаволски плод на гневот. За неа би сакал да ви го цитирам св. Јован Лествичник. Овој голем духовен психолог и монах, кој живеел во 6 и 7 век од нашата христијанска ера, ја изанализирал човечката душа и личност како ниту еден денешен психијатар, истакнувајќи ги најсуптилните нијанси во внатрешниот живот на луѓето, заради што и бил внимателен кон таа страст (злопамтењето), за која ние сега зборуваме. Започнувајќи ја Поуката 9, тој пишува: „Сите добродетели личат на Јакововата лествица, а грешните страсти на оковите кои паднаа од Петар, врховниот апостол, бидејќи сите добродетели се поврзани една со друга, го вознесуваат кон небото оној кој сака тоа да го постигне, а страстите, потиснувајќи се една со друга, сите заедно влечат кон пропаст“ (гл. 1). Заради тоа што ти правиш зло, лажеш, мрзиш, крадеш и практикуваш многу други страсти, сите тие се стегаат како окови околу тебе и ти почнуваш да личиш на прав роб. Доколку постапуваш добро и правиш добро дела, како што велат светите Отци, тогаш твојата внатрешност се ослободува од овој отров на страстите. Почнуваш сѐ повеќе да светиш, стануваш помирен, чувствуваш дека се молиш и дека Некој те штити, како и дека Го имаш Господ до себе, подготвен во секој момент да ти помогне.

„Затоа и кажува неразумниот гнев, дека злопамтењето е едно од неговите родени деца. Заради тоа, бидејќи сега тоа е на ред, ќе зборуваме за него (гл. 1). Злопамтењето е последицата до која доведува гневот. Тоа е плод на гневот, чувар на гревовите, омраза кон праведноста, пропаст на добродетелите “(гл. 2), бидејќи како што ракот ги разјадува ќелиите на нашето тело, така злопамтењето ги проголтува добродетелите и добрите дела, како нашите, така и на другите луѓе.

„Омраза кон праведноста, пропаст на добродетелите, отров за душата, црв во умот, посрамотени молитви“... Зошто посрамотени? Затоа што ти Му се молиш на Бога да ти прости, а самиот не простуваш! И би требало да ти е срам да молиш Бог да ти прости, а ти во исто време да си му лут на својот ближен. „Прекратување на молењето“ – затоа што кога се молиш, ти бараш Бог да го запре твоето молење. Немаш право да ти се прости, ако самиот не простуваш.

„... Отуѓена љубов, трн забоден во душата, непријатно чувство во кое со горливо насладување се ужива, грев кој не престанува, вечно буден престап на Божјиот закон, трајна злоба (гл. 2). Односно, оваа темна и одвратна страст, страста на злопамтењето, е една од оние кои се последици на другите страсти и кои сами не предизвикуваат (а можеби и предизвикуваат?) друга страст. Затоа немаме намера да зборуваме многу за неа“ (гл.3).

„Оној кој го совладал гневот, го уништил злопамтењето: додека е жив таткото, му се раѓаат и деца“ (гл. 4). Додека гневот живее во нас, живее и злопамтењето. Затоа, заедно со светите Отци и св. Јован Летсвичник на друго место кажува: „Кога се гневиш на некој за време на конфликтот, не му давај слобода на првиот збор – задржи го“. Ако ти, бидејќи си бесен и надвор од себе, го изговориш тој збор, ќе изговориш и друг, потежок од првиот, па потоа ќе додадеш уште некој поостар и конфликтот ќе се распали како огин или пожар. Тогаш ќе биде тешко да се изгасне. Од една страна конфликтот сѐ повеќе се заострува и усложнува, а од друга страна, гневот и омразата продолжуваат и ти не можеш уште истиот ден да го поправиш направеното.

„Кога ни после големите подвизи не си во состојба до крај да го извадиш од своето срце овој колец (колецот на злопамтењето), извини му се на непријателот, дури и само со зборови, за засрамувајќи се пред него од своето долготрајно лицемерие и мачен од совеста како од оган, да можеш совршено да го засакаш“ (гл.11).

„Ќе сфатиш дека потполно си се избавил од овој гнилеж, не кога ќе се помолиш за оној кој те навредил (внимание!), ни кога за злото ќе му возвратиш со добро или ќе го повикаш кај себе на трпеза, туку кога ќе дознаеш дека претрпел некоја душевна или телесна несреќа, ќе се растажиш и заплачеш за него како за себе“ (гл. 12). Ова е карактеристично за љубовта за која зборува св. апостол Павле во 13-та глава од Првото послание до Коринтјаните. Треба да сострадаш со оној кој страда, дури и ако тој е непријател. Ако сострадаш заедно со него и се молиш за него за време на големата неволја, тогаш ти си го излечил и него, а и самиот себе.

„Злопамтивиот безмолвник е змија која лежи во својата дупка, полна со смртоносен отров“ (гл. 13).

„Сеќавањето на Исусовите страдања лечи од злопамтењето, кое е изложено на голем срам пред Неговото трпение“ (гл. 14).

„Во дрвото, одвнатре труло, се појавуваат црви. А во оние кои се само привидно кротки и безмолвни, се крие траен гнев“ (гл. 14). Ти убаво се однесуваш и си насмеан, но не го забораваш злото кое доаѓа од твојата внатрешност. Псалмопејачот некаде пее: „нивните зборови омекнаа повеќе од масло, а тие (всушност) се стрели. Така што тој лажен мир во твојата душа е како некој вид на куртоазија... Ти се насмевнуваш, но секогаш си спремен да го забодеш својот нож во срцето на другиот.

„Кој го отфрлува гневот од себе, наоѓа простување. А оној кој се прилепува до него, се лишува од Божјото милосрдие. За да заслужат простување на гревовите, некои се посветија на напорните подвизи. Но, човекот кој не го помни злото стигнува на целта пред нив: ’Простувајте го и она малку што ви го должат луѓето и ќе ви се прости вашиот голем долг пред Бога“ (гл. 14-15).

Значи, тајната лежи во следново: да се смириме со своите непријатели уште истиот ден. „Да не зајде сонцето во вашиот гнев“, така нѐ советува Светото Писмо. Ако тоа не зајде во нашиот гнев, ќе успееме да се ослободиме од злопамтењето и односите меѓу мене и тебе (и другите) ќе се нормализираат.

„Заборавањето на злото е знак на вистинското покајание. А кој е злопамтив во своето срце и мисли дека се кае, личи на човек кој му се причинува дека трча во сонот“ (гл. 16). Можеби сте имале такви сонови, кога без причина трчате уплашени од некого, а кога ќе се разбудите сфаќате дека всушност сте во својот кревет. Таков е оној кој сака во себе да го држи злото и изгледа како да се кае и однадвор е кроток, но во суштина се храни со кавги. Тој е пример за оној кој му се причинува дека трча во сон.

„Сум гледал злопамтила кои советувале други да не го помнат злото и кои засрамувајќи се од своите сопствени зборови, се ослободувале и од своите страсти“ (гл. 17).

Полесно е да се зборува отколку да се работи.

„Никој нека не мисли дека оваа мрачна страст е безначајна. Таа често се вовлекува и во срцата на духовните луѓе“ (гл. 18).

И последниот пасус, накратко: „Тоа беше деветото скалило: оној кој го достигнал, смело нека бара од Спасителот Исус разрешување од гревовите. Амин“.

 

Архимандрит Софијан Богиу

 

Архимандрит Софијан (Богиу) се родил 1912 г. На 14 год. пристигнал во скитот Руг, каде 11 год. бил искушеник. Во 1958 г. бил уапсен и осуден на 15 год. заради учеството во духовното движење RugulAprins. Како иконописец фрескописал 25 храмови и манастири во Романија. Тој е еден од најпочитуваните романски духовници - го нарекувале „апостолот на Букурешт“. Отец Софијан се упокоил на 14 септември 2002 г. во манастирот Келдерушањ, на деведесет години.