Умерениот и разумен пост – темел и глава на сите добродетели (14.06.2012)
Постот не може да ги умртви телесните страсти толку, колку (навиката за) оскудното внесување храна. Некои, еден период постат, а потоа не можат да ѝ одолеат на слатката храна.
Многумина постот и другите сурови подвизи ги започнуваат над своите сили, а потоа, заради неумереноста и непостојаноста (во подвигот) стануваат малодушни и почнуваат да бараат убава храна и одмор за да го закрепнат телото. Ваквата постапка значи да се изгради и веднаш потоа да се сруши, бидејќи така телото, поради воздржувањето кое оди заедно со постот, на некој начин бара уживање и утеха, а уживањата ги распалуваат страстите. Ако некој си определи одредена мера – колку скромна храна да зема дневно, ќе има голема корист. Исто така, што се однесува до количината на храната, доволно е да се утврди колку е потребно за одржување на силата – таквиот може да извршува секакво духовно дело.
Ако некој пости повеќе од тоа, подоцна (телото) ќе бара одмор. Умерениот подвиг е најдобар, бидејќи и светите Отци со мера внесувале храна и во сѐ имале мера; во подвизите, во телесните и келијните потреби, и во времето во кое живееле секоја работа ја употребувале со мера, според одредено умерено правило. Затоа светите Отци не препорачуваат да се започнува со пост кој ги надминува силите и води кон истоштеност.
Нека ти биде правило да јадеш секојдневно и цврсто држи се до тоа. Ако некој претерано пости, како после ќе се воздржи од прејадување и заситување? Никако!
Неумерениот почеток потекнува или од суета или од неразумност. Воздржувањето, како едно од добродетелите е насочено кон зауздување на телото; гладот и жедта му се дадени на човекот за чистење на телото, чување од помислите кои осквернуваат и од блудната сладострасност. Секојдневното скромно земање на храна претставува пат кон совршенството и никој кој јаде секој ден во одредено време нема да се понижи, ниту ќе претрпи духовна повреда.
Умерениот и разумен пост е темел и глава на сите добродетели. Како против лавот и лутата змија, така треба да се бориме против ѓаволот во телесната немоќ и духовната неволја. Ако некој сака умот да му биде отпорен на помислите, со постот нека го исчисти своето тело. Без постот ни свештеничката служба не се извршува. Како што дишењето е неопходно, така и постот. Кога постот ќе влезе во душата, го убива гревот кој лежи во неа.
Свети Пајсиј Величковски