Да Го молиме Бога, Неговата волја да се исполни во нашиот живот
 
 
 
 
 

Да Го молиме Бога, Неговата волја да се исполни во нашиот живот (18.06.2012)

Нашите молитви не се исполнуваат затоа што не сме достојни. Човекот мора да биде достоен за да моли. Ние не сме достојни бидејќи не го љубиме својот ближен како самите себеси. Што кажува Самиот Христос? „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и прво смири се со брат ти, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Мат. 5, 23-24). Пред да застанеш на молитва, оди смири се со својот брат, замоли го да ти прости, за да бидеш достоен. Ако тоа не се случи, нема да можеш да се молиш. Ако си недостоен, нема да можеш ништо да направиш. Кога сѐ ќе доведеш во ред и ќе се подготвиш, тогаш оди и принеси го својот дар.

Достојни стануваат оние кои сакаат и копнеат да станат Христови, кои се предаваат на Божјата волја. Скапоцено е да се нема сопствена волја, тоа е сѐ. Слугата нема своја волја. Отсекувањето на својата волја може да се постигне на еден едноставен начин – со помош на љубовта кон Христос и со посредство на исполнувањето на Неговите заповеди. „Кој ги знае Моите заповеди и ги исполнува, тој е оној кој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и Сам ќе му се јавам“ (Јован 14, 21). Неопходен е подвигот: Нам ни претстои борба „против господарите на темнината на овој свет“ (Ефес. 6, 12). Ние мораме да стапиме во битка со „лавот кој рика“ (1. Петар 5, 8). Не смееме да дозволиме во борбата да победи лукавиот.

Затоа се неопходни солзите, покајанието, молитвата, милостината, молењето со вера во Христос, а не со маловерие. Само Христос може да нѐ спаси од мачната самотија. Молитва, покајание и милостина. Ако немате пари, дајте макар чаша вода. И знајте дека што повеќе се осветувате, толку повеќе ќе бидат исполнети вашите молитви.

Да не Го присилуваме Бога со молитвата. Да не молиме од Бога да нѐ избави од сѐ и сешто, од болестите и сл., или да ги реши нашите проблеми. Туку да молиме од Него сила и цврстина да поднесеме сѐ. Како што Тој со добрина тропа на вратата на нашата душа, така и ние треба добродушно да молиме за она што го сакаме. Ако Господ не одговара, да престанеме да молиме за тоа. Ако Бог не ни го дава она за што упорно молиме, тогаш Тој има Своја причина. Господ, исто така, има Свои тајни. Ако веруваме во Неговата добра промисла, ако веруваме во тоа дека Нему Му е познато апсолутно сѐ во нашиот живот и дека секогаш ни посакува добро, зошто да не се потпреме на Него? Да се молиме едноставно и мирно, без страсти и на сила. Знаеме дека минатото, сегашноста и иднината, сето тоа е познато, разголено и откриено пред Бога. Како што кажува апостолот Павле: „И нема работи сокриени од Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4, 13). Да не изнудуваме ништо. Таквиот напор донесува штета, а не добро. Да не тежнееме да го добиеме она што го сакаме, туку сѐ да препуштиме на Неговата волја. Бидејќи што повеќе копнееме кон нешто, тоа сѐ повеќе се оддалечува од нас. Значи, неопходни се трпение, вера и мир. Дури и ако заборавиме нешто, Господ никогаш не заборава, и ако тоа е корисно, Тој ќе ни го даде тоа што ни е потребно, тогаш кога ќе биде неопходно.

Во молитвата да бараме само спасение на нашата душа. Зар не рекол Господ: „Барајте го најпрво Божјото царство... а останатото ќе ви се даде“ (Мат. 6, 33; Лука 12, 31)? Лесно, многу лесно Христос може да ни го даде она што го сакаме. Погледнете тајни. Тајната никако не се состои во тоа постојано на ум да го имаме барањето на нешто конкретно. Тајната е во тоа човекот некористољубиво да моли за своето соединување со Христос, не велејќи: „Дај ми го ова или она...“ Доволно е да се каже: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Господ нема потреба да знае што ни е потребно. Тој тоа го знае неспоредливо подобро од нас самите и ни ја дава Својата љубов. Задачата се состои во тоа, на таа љубов да се одговори со молитва и со исполнување на Неговите заповеди. Да се молиме да се исполни Божјата волја. Тоа е најкорисно и најбезбедно за нас и за оние за кои се молиме. Христос сето тоа ќе ни го даде во изобилие. Кога постои макар и најмал егоизам, нема ништо.

За да ни се открие Христос внатре во нас, нашето срце мора да биде чисто.

Старец Порфириј Кавсокаливит