„Не се плаши, Јас сум со тебе“
 
 
 
 
 

„Не се плаши, Јас сум со тебе“ (25.06.2012)

Се случува, мајката да го теши детете, велејќи: „Не се плаши, јас сум со тебе“. Ете така и нашиот Творец, милосрдниот и човекољубив Бог, Отецот на изобилието и на секоја утеха, ѝ се обраќа на верната душа, која се наоѓа во искушенија и маки: „Не се плаши, Јас сум со тебе!“ „Јас сум Создателот, Спасителот и Искупителот, Јас сум твојот Помошник и Застапник. Јас сум Тој Кој сѐ држи во рака, на Кој сѐ Му се покорува – Јас сум со тебе!“ Така Господ бил со Својот верен син Ное и го спасил од сесветскиот потоп. Бил со Лот и го спасил од казната. Бил со Своите слуги Авраам, Исаак и Јаков, чувајќи ги во нивните лутања кон ветената замја. Тој бил со праведниот Јосиф, чувајќи го во искушенијата и страдањата, а потоа го прославил. Господ бил со израелскиот народ за време на неговото ропство во Египет. Тој со моќната рака го извел од таа земја, го разделил Црвеното Море и го спасил од фараонот. Бил со нив во пустината и ги хранел со чудесната мана, поразувајќи ги непријателите пред Неговото лице и ги повел во гората на Своите светињи. Бил со тој народ и во ветената земја и го спасил. Бил со Својот помазаник Давид и го спасувал во различни искушенија и гонења, и го спасил Својот слуга од неговите непријатели. Бил со Јона во морската длабочина и го спасил од утробата на китот. Бил со трите момчиња во вавилонската печка, ја изгасил силата на огнот и ги научил да пеат благодарна песна. Бил со Данаил во јамата, ги затворил устите на лавовите и го спасил од таму. Бил со апостолите, со мачениците и ги спасил од ужасните мачења. Бил со оние во пустината, оние кои живееле во пештери и ги спасил од замките на сатаната. Бил и ќе биде, до крајот на векот со Своите верни слуги, според Своето ветување: „Јас сум со вас во сите денови, до крајот на векот. Амин“. О, најсладок е Твојот глас: „Искрено си ветил дека ќе бидеш со нас до крајот на векот, Христе...“ Ете зошто Неговите верни слуги, чувствувајќи го Неговото присуство и живата утеха, радосно пеат: „Господ е наше прибежиште и сила, помошник во маките, кои нѐ снајдоа... Господ – мое осветување и мој Спасител; од кого да се плашам? Господ – заштитник на мојот живот; од кого да се плашам?“ Христијанину, само биди Божји, а Бог Своето не го остава. Верувај во Него како во Бог со сето срце, угодувај Му со вера и правда; целата надеж полагај ја на Него и повикувај Го во своето срце. И каде и да си, во какви било искушенија и неволји да се наоѓаш, Тој е секогаш со тебе, гледа на твојот подвиг и со невидливата рака те утешува и ти помага. Дури и против тебе да се свртат сите лоши луѓе, заедно со демонските полкови – тие нема ништо да добијат! „Господ ќе те спаси од секое зло, Господ ќе ја спаси твојата душа“. „Не ме оставај, Господи, Боже мој! Не се оддалечувај од мене. Побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителу мој!“ „Господи сило, биди со нас, зашто освен Тебе, друг Помошник во искушенијата немаме! Господи сило, помилуј нѐ!“ Свети Тихон Задонски