За причестувањето со Светите Христови Тајни
 
 
 
 
 

За причестувањето со Светите Христови Тајни (01.07.2012)

Тајната на Светата Причест ја воспостави Самиот наш Господ Исус Христос. Тој Своето Тело го нарекува Леб на животот. „Моето Тело е вистинска храна и Мојата Крв е вистински пијалак“. И Господ нѐ предупредува: „Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата Крв, нема да имате живот во себе“.

Оној кој се подготвува за причестувањето со Светите Христови Тајни мора да има чиста совест, да нема непријатели, да биде ослободен од гнев, расеаност, смут, мрзливост, па со длабоко покајание на духот и во потполно сознание за својата недостојност, со страв и вера да пристапи кон Светата Чаша.

Свети Теофан Затворник за Пресветата Тајна Евхаристија зборува како за најсилна победничка на непријателите: „Чуј го ова и причестувај се со Светите Христови Тајни колку што е можно почесто, секогаш кога ќе имаш дозвола од својот духовен отец“.

Свети Василиј Велики: „Добро е и многу корисно да се причестуваме со Светите Тело и Крв Христови... Всушност, да се причестуваме четири пати секоја недела: во денот на Воскресението (Господовата недела), во среда, петок и сабота, како и во другите денови кога има поголеми празници...“

Кога го прашале преподобниот Серафим Саровски: „Колку често треба да се пристапува кон Пренебесната Тајна Причест?“, тој одговорил: „Што почесто, тоа подобро. Кој се причестува со Светите Тајни, ќе се спаси, а кој не се причестува – не. Благодатта која се дарува на Причеста е толку голема, така што, колку човекот и да е недостоен и грешен, ако со смирение и свест за својата грешност Му пристапи на Господ, Кој нѐ искупува сите нас, дури и да е од глава до пети покрен со рани и гревови – ќе биде исчистен со Христовата благодат, ќе биде сѐ посветол и посветол, и на крајот ќе се просветли и спаси“.

Светиот праведен Јован Кронштатски: „Чудесно, секој ден се обновувам со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови, дури до денес, до 70 години од мојот живот, и како да не стареам, со делувањето на благодатта останувам свеж и силен во душата и телото! Секојдневно со стравопочит служам Литургија и се причестувам со Светите Тајни; еве ги плодовите од причестувањето: очистување, осветување, обновување, победа над страстите, душевен мир...

Немој да се лутиш на оние кои сакаат почесто да се причестуваат со Светите Тело и Крв Христови, туку сакај ги и радувај се заради нив пред Бога, бидејќи Тој ги привлекува нивните срца, кои ја почувствуваа благоста од општењето со Него во овие Тајни.

...Ѓаволот со сите свои адски напади се труди да ги одврати христијаните од Путирот на животот, наведувајќи ги да бидат маловерни, ладни и невнимателни кон оваа најголема Тајна на христијанската вера за да ги држи луѓето во оковите на гревот и смртта“.

Причестувањето со Светите животворни Христови Тајни донесува плод во подготовките и чувањето на добиеното: треба да се сочува мирот со ближните, да се живее во молитва, во воздржување од прејадување, чување на јазикот од празнословие, непрестајно тежнеење кон чист живот преку постојано покајание; да не се надеваме на себе, туку да имаме цврста надеж во Бога и Неговата милост.

Во спротовно причестувањето е за суд или за осуда.

Свети Јован Кронштатски за Светата Причест кажува:

„Па Исус им рекол: ’Јас сум Лебот на животот: кој доаѓа кај Мене нема да огладне, и кој верува во Мене никогаш нема да ожедне. Туку, ви реков: И Ме видовте, и не верувате. Сѐ што Ми пратил Отецот ќе дојде кај Мене; и оној кој доаѓа кај Мене нема да го избркам надвор’.

Од посочените зборови на Спасителот е очигледно дека Тој им заповедал на верните и оние кои се ревносни во христијанскиот живот често да се причестуваат со Неговите Тело и Крв – секојдневно, доколку можат, поради условите на својот живот, да бидат подготвени да ѝ пристапат на Чашата на животот. Ако секојневно тежнееме кон пропадливата земна храна, би требало уште повеќе да бидеме гладни и жедни за вечните Тело и Крв на Началникот на животот – Господ наш Исус Христос.

Меѓутоа, има многу лаици и меѓу образованите и меѓу неучените, па дури и меѓу учените монаси и свештеници, кои го сметаат за неумесно и грешно причестувањето на благочестивите мирјани секоја недела и секој ден. Тоа е против заповедта и изобилството на Господовата љубов, Кој сака верните што почесто да се причестуваат со Неговите Пречисти Тело и Крв. Амин“.

Душата која ја вкусила благоста на Божјата Љубов целата се препораѓа и станува поинаква, и Го љуби својот Господ, и со целата своја сила тежнее кон Него, деноноќно.

„Тело Христово примете, бесмртниот Источник вкусете Го!“

 

Старец Сава Псковско-Печерски