Прифаќање на страдањата и молитвата
 
 
 
 
 

Прифаќање на страдањата и молитвата (05.07.2012)

Еден од начините кој нѐ води кон светото тихување е, согласно со силата, прифаќањето на страдањата, кои го симболизираат носењето на крстот, кој, според заповедта, го прифаќаме. Прво, на почетокот, најважни се: постот, бдеењето во согласност со силите, тихувањето и откажувањето од помислите и делата на овој свет. Меѓутоа, над сѐ ова е молитвата која треба цврсто да ја исполнуваме, и која треба, во согласност со нашите сили, да биде постојана. Колкава е нејзината важност – тоа Павле го истакнува – зашто и во овој век, молитвата треба да живее во словесните битија, кои ги создаде Бог.

За делото на молитвата, Отците кажуваат дека многу е важна упорноста, бидејќи оваа добродетел многу заморува поради многукратната и голема добивка која ја донесува. Затоа, не смееме да го „ослабнеме срцето“, туку треба да „сакаме, бараме и тропаме“ за нашиот подвиг да биде „во знаење“ и да се удостоиме со Божјата помош. Молитвата е чисто дело на умот. Умот кој ќе се навикне на невнимание и расеаност, не сака да се ограничи и да се врзе за монолошкиот начин на молитва. Во него се натрупуваат забранетите слики, кои се поддржани од фантазирањето, и на тој начин, го рануваат умот со старите навики. Го имаме, исто така, и нашиот најзлобен непријател, кој ни се спротивставува и се бори со нас, секој пат кога сакаме да застанеме на молитва. Старите навики, воопшто, како дел од овој свет, претставуваат пречка за идниот живот.

Меѓутоа, трпението, со помош на Божјата благодат, ги победуваат сите катастрофи, ако сме постојани и ако го бараме тоа. На почетокот, како и кај секој труд, секогаш се појавуваат тешкотии. Но, знаеме од искуството, поттикнати од нашите духовни отци, дека е потребно секогаш да се трудиме во изговарањето на името на нашиот Спасител, дури и ако умот е расеан. Трпението раѓа навика која нѐ спасува од напорот, на кој претходно бевме присилени. Но, и нашиот седобар Спасител, кон Кого прибегнуваме со трпение, не може да не нѐ види нас кои топло Го повикуваме. Оној Кој „додека сѐ уште бевме грешници, умре за нас“, „ќе ја исполни волјата на оние кои се плашат, и нивната молба ќе ја исполни, и ќе ги спаси“.

За оние кои сакаат да влезат на покајничкото бојно поле, особено го подвлекуваме значењето на вниманието. Нашите страшни непријатели, не доцнат да ги повратат страстите и навиките, кои порано беа присутни во нас, само ако вниманието на нашиот ум малку се измори. Кога ќе ги чуеме нашите искусни Старци дека треба да се молиме дури и ако нема благодат, се збунуваме, бидејќи не ја знаеме силата на нивните зборови. Кога полека ќе влеземе во полето на покајанието, почнуваме да го разбираме значењето на молитвата. Оној кој внимателно се труди во невидливата борба, стекнува искуство и полесно може да го добие она што „умот на неговиот непријател не го познава“. Благодатта добиена без искуство, тешко е да се задржи.

Искусните Отци расудуваат дека во добродетелите најлесно напредува душата која се одликува со покајание, ако се бори правилно и со побожност. На другата страна е душата која непреднала, но поради мрзливоста се вратила на поранешниот живот. Оваа втората, после својот пад, ќе добие многу противници во своето настојување да ја поправи направената грешка. Падот е предизвикан од невниманието и со тоа е навредена Божјата благодат, која ја ослободила човечката душа од поранешниот нечист живот, па таа не се враќа лесно како соборец. Тогаш, заедно со обесхрабреноста, настапува незадоволството, кое доаѓа од очајот. А незадоволството е гневен и неискусен водач, кој води во несигурно.

 

Старец Јосиф Ватопедски