За духовната борба (11.07.2012)
1. Колку побрзо се здобиеш со некоја добродетел, толку побрзо и ќе ја изгубиш. Доколку поспоро и понапорно ја спечалиш, таа ќе биде попостојана. Тоа е слично на тиквата која расте високо и му вели на чемпресот: „Погледни колку пораснав за само неколку дена! Ти си овде со години и воопшто не си пораснал!“ „Да“, одговара чемпресот, „но ти сѐ уште не си видела невреме и бранови, жештини и студови!“ По некое време, тиквата се исушила, а чемпресот останал таму каде што бил.
Истото се случува и со духовниот човек. Тој останува ист и во невреме и во мирни периоди. Зошто? Затоа што долг временски период создавал стабилност. Кога на почетокот го напуштил светот, неговата духовна состојба била непостојана. Меѓутоа, како што поминувало времето, Божјата благодат постепено дејствувала на неговото спасение и го ослободувала од страстите. Според тоа, човекот мора да се присилува денес, за утре Божјата благодат да дејствува самата од себе. Тогаш нема повеќе да има потреба да се присилуваме на добри помисли. Благодатта која останува внатре во тебе, без твој напор, ги внесува во твојот ум. Ќе имаш, така да кажам, чувство за сеќавање на смртта, или некое друго корисно чувство. Кога ќе се будиш и кога ќе ги отвориш очите, наместо да се чувствуваш поспано, ти ќе бидеш одморен и ќе напредуваш. Ќе поминеш низ целото таинство на созерцанието и ќе речеш: „Како се случи тоа, кога јас сѐ уште се будам? Како дојде до тоа? Сеедно, Божјата благодат дејствува самата од себе, а тоа е резултат на вкоренетата навика.
Истото се случува и со гревот: без разлика дали е буден или спие, грешникот постојано мисли на злото. Кога гревот е потпомогнат од лошата навика и ѓаволот, тој се претвора во постојано зло. Исто е и со доброто: добрата навика, потпомогната со Божјата благодат станува втора човекова природа.
2. Околу сомнежот дека некој можеби има лошо мислење за тебе или дека лошо зборува за тебе, светите Отци кажуваат дека тоа е лага на умот. Лага на устата е кога јас, на пример, наместо да кажам дека имам педесет драхми, велам дека имам сто. Лага на однесувањето е кога, на пример, велам дека закаснив на служба бидејќи вчера многу работев, наместо да кажам дека закаснив заради својата мрзливост.
3. Постот е исклучителна добродетел. Тој ги потиснува телесните нагони и ја крепи душата за борбата против затруеноста која доаѓа преку сетилата, притоа обезбедувајќи ѝ лек за секое претходно труење. Постот овозможува и постојано чистење на умот. Тој ја отстранува секоја нечиста помисла и внесува здрави, побожни, свети помисли, кои го просветлуваат умот и го загреваат со поголема ревност и духовна топлина.
4. Колку и да нѐ заплашува тиранинот на нашата душа, измачувајќи нѐ со злобата и зависта, ќе дојде време кога Бог ќе ѝ суди на неговата злоба и ќе им даде одмор на сите кои го носеле тешкото бреме.
Чедо мое, биди трпелив. Да го понесеме и ние трнливиот венец на животните страдања, како што тоа го направи нашиот прапример Исус. Трњето нека продира длабоко во нашата глава и таа болно нека крвари. Таа крв нека ја разубави и прослави одеждата на нашата душа, за таа да не се засрами кога ќе се појави пред Христос и ќе ги здоледа другите души, преисполнети со слава и чистота. Биди трпелив: зимата на страдањата ќе помине, и тогаш прекрасната пролет ќе го донесе миомирисот на Божјата благодат.
5. Со силата на својата душа, бори се за љубовта на нашиот Хистос. Ѓаволот деноноќно се труди да нѐ направи свои слуги и да нѐ направи недостојни за нашиот Свет Бог. Меѓутоа, ние мораме да се стремиме да станеме слуги на нашиот распнат Христос и така да го понижиме ѓаволот, а да ја прославиме Љубовта, Која Својата сесвета крв ја пролеа заради нас.
Бори се храбро. Не се плаши, бидејќи пред себе ги имаме своите големи браќа, ангелите, кои се борат заедно со нас. Тие се неспоредливо појаки од демоните. Значи, биди храбар. Крепи се со вистинското самопознание, затоа што вистината го штити борецот како најмоќно оружје.
6. Секогаш моли се со возљубената Исусова молитва. Повлечи се во себе со посредство на безмолвието и читањето. Погрижи се за својата душичка. Живеј подуховно во својот дом. Бог ја набљудува твојата состојба и часот на благодатта чудесно ќе отчука кога Тој ќе одлучи.
Кога смирено се молиш, липај: „Каква е користа ако човекот го придобие целиот свет, а на својата душа ѝ наштети“. Сатаната ги користи сите начини за да го спречи вознесувањето на душата. Блажен е оној кој ќе му избега и ќе го исмее.
Мудрољубиво размислувај за ништожноста на минливите работи и за веродостојната постојаност на животот на небото, каде што живее Победничката Црква, чекајќи и молејќи се за Воинствената Црква, која денес води сурова борба, бидејќи ќе ни бидат потребни вистинските догми на нашите свети Отци и огнената вера во Христос. Тоа е времето кога ѓаволот ќе ги измами „ако може, дури и избраните“.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски