За смирението (14.07.2012)
Во денешно време има малку Старци кои вистински ја познаваат Божјата љубов кон нас, кои имаат искуство во борбата со лошите духови и кои знаат дека треба да се победуваат со Христовото смирение.
Господ многу го сака човекот и му ги дава даровите на Светиот Дух. Но, душата многу ќе се намачи додека не научи да ја чува благодатта.
Првите години по примањето на Светиот Дух, си мислев: Господ ми ги прости гревовите – благодатта сведочи за тоа. Што ми треба повеќе од ова? Но, не треба така да се размислува. И иако ни се простени гревовите, сепак треба да се потсетуваме и да жалиме за нив. Само така ќе го зачуваме покајанието. Јас не правев така и престанав да се каам, и многу пропатив заради демоните. Бев во недоумица, што се случува со мене. Од каде дојдоа овие лоши помисли, кога мојата душа Го познава Господ и Неговата љубов? Меѓутоа, Господ се сожали на мене и Самиот ме научи како треба да се смирувам: „Држи го својот ум во адот и не очајувај“. Ете, со тоа се победува ѓаволот. А кога со умот ќе излезев од пламенот, лошите помисли одново се појавуваа.
Оној кој како мене ќе ја изгуби благодатта, треба храбро да се бори против ѓаволот. Знај дека сам си крив за сѐ: падна во гордост и славољубие и Господ милостиво ти дава да спознаеш што значи да бидеш во Светиот Дух, а што во борба со демоните. На тој начин, душата преку опитот станува свесна за злото кое донесува гордост. Тогаш таа бега од славољубието, од човечките пофалби и од помислите. Душата почнува да оздравува и да се учи да ја чува благодатта. Како ќе знаеме дали душата е здрава или не? Болната душа е горда, додека здравата го сака смирението, како што ја научил Светиот Дух. А и ако не го знае тоа, таа сепак се смета себеси за полоша од сите.
Смирената душа се учи од искуствата. Господ и секој ден да ја воздигнува на небото и да ѝ ја покажува целата слава небесна во која живее, и љубовта на серафимите и херувимите, и сите светии, таа ќе вели: „Ми ја покажуваш Својата слава затоа што ги сакаш Своите созданија. Но, Господи, подари ми плач и сила да Ти заблагодарам. Тебе Ти припаѓа слава на небото и на земјата, а јас, Господи, треба да плачам поради своите гревови“. На друг начин нема да ја зачуваш благодатта на Светиот Дух, која Бог ја дава без никакви претходни заслуги од наша страна, туку единствено заради Својата милост.
Господ ја покажа големата милост кон мене и ми даде да разберам дека целиот живот треба да се плаче. Таков е Господовиот пат. Ете, сега пишувам, жалејќи ги луѓето кои се горди како и јас и кои поради тоа страдаат. Ова го пишувам за да се научите на смирение и да најдете мир во Бога.
Некои велат дека порано било така и дека сега тоа застарело. Но, кај Господ никогаш ништо не ја менува својата вредност. Ние сме тие кои се менуваме, стануваме лоши и ја губиме благодатта. На оној кој бара, Господ сѐ му дава, и тоа не заради тоа што тој заслужил, туку затоа што Бог е милостив и нѐ љуби.
Јас ви го пишувам ова, зашто мојата душа Го знае Господ.
Преподобен Силуан Светогорец