Духовен живот
 
 
 
 
 

Духовен живот (15.07.2012)

Духовен човек, вистински христијанин е оној кој со своето крштение, и после, кога ќе порасне, со своето срце Му дал завет на Бога дека секогаш ќе биде покрај Него и со Него. Духовниот човек е подвижник, кој испливал од животот, кој се истакнува меѓу мноштвото луѓе и кој со сета своја брзина на душата ита за да го освои небото и со тој труд да може да го здобие и „грабне“ небесното Царство. Духовен човек е оној кој со светол поглед и вистинска сила го насочил кормилото на својот кораб право кон Бога и брза да се качи на него. Не е само „добар човек“. Духовниот човек знае дека му се потребни крепките крилја, а тоа се крилјата на Светиот Дух. Значи, духовниот човек во својот живот треба да направи сѐ за да го привлече, придобие Божјиот Дух, бидејќи Светиот Дух, Самиот Бог ги има даровите на духовниот живот. И како што кажува св. Григориј Ниски, тој голем орел на духот и христијанскиот живот, „разделувањето“, распределбата на „царските дарови“ од Светиот Дух се случуваат во Црквата, во Светите Тајни. Така, духовниот живот ни се дава во закрила на Црквата. А неговата прва особина е искуството во Тајните.

Првиот дар е Крштението и во негово продолжение Миропомазанието. Потоа, секојдневата Тајна на нашата Црква, Исповедта: таа ги чисти нашите срца од гревот и пред нас поставува нов човек (духовник), кој нѐ води кон небото – без него не можеме ништо да направиме. Потоа, Божественото Причестување. Како што, кога Светиот Дух ја посети Пресветата Дева Богородица, Божјиот Логос слезе, се воплоти во Нејзината утроба и се роди Христос, токму така и во нашата душа треба да дојде Светиот Дух за да дојде до лично зближување, односно до тоа со христијанскиот живот Христос да Го направиме свој. И тоа се случува единствено со Светите Тајни, пред сѐ, со Крштението и Миропомазанието. Без ова не постои христијански живот. Што и да направиш, дури и ако својот живот го дадеш на сиромашните, без Крштение и Миропомазание нема можност да се спасиш.

А во продолжение тоа се Исповедта и Божественото Причестување. Онаа мала честичка, која ја примаш на Светата Причест, која ја внесуваш во тебе и речиси не ја ни чувствуваш, е целиот Христос, целата Света Троица, а заедно со Нив и целата Христова Црква и сите Свети. На Светата Причест се причестуваш со таа мала честичка и не добиваш, како што лажно му кажуваш на своето дете, златен заб, туку целото небо со Света Троица и сите светители на нашата Црква. Тоа е Божественото Причестување. Имаш еден сад полн со брашно, додаваш малку квасец и сето брашно станува тесто. Примаш честичка од Божествената Причест и ти, човек, веднаш стануваш тесто, стануваш она што е смислата на Божествената Причест - стануваш бог! Затоа древните христијани се причестувале секој ден. Ние, пак, се причестуваме на секои петнаесет или дваесет дена и мислиме дека сме ја завршиле својата должност, дека сме во ред, дека сме направиле извонредни дела, а тие се причестувале секој ден, бидејќи знаеле што е Божествената Причест.

Така светотајното искуство значи тајно соединување со Христос, учество во животот на Црквата по патот на Светите Тајни.

Послушајте ме. Вкусете и ќе видите колку е лесно секој ден и секој час таинствено да се соединуваш со Христос: ти и Христос!

Дали некогаш вашето внимание го привлекле малите, невини деца, кога пред нив ќе ставите нешто што им се допаѓа? Тогаш тие веднаш широко ги отвораат очите, како синото небо, ги подаваат рацете, плескаат со дланките и скокаат од радост. Тоа ќе го направите и вие кога ќе ја почувствувате благоста од таинственото соединување со Христос. Ќе се сетите на мене кога ќе го почувствувате тоа. Вашите срца ќе ги преплави чувство на радост, па така и вие, заедно со св. Симеон Нов Богослов ќе извикате: „Кажете ми, о залудни, дали го знаете ова? Кој од оние кои се здобиле со Христос имаат потреба од нешто друго, од добрата на овој век?“ Кажете ми, заслепени луѓе, кои живеете во лага, ако вие познавате некој кој во своето срце Го сместил Христос, дали на тој човек му е потребно нешто од сето она што постои на земјата и на небото?

Старец Емилијан