За прелеста (17.07.2012)
Живеејќи на Света Гора, чувствував дека се наоѓам под заштита на Отците и Божјата Мајка и сите светии. Затоа спокојно можев да расудувам за тоа како да го разберам зборот „прелест“. Рускиот збор „прелест“ е сосем различен од грчкиот збор πλάνη, но се работи за една иста појава. Разликата е во тоа што грчкиот ум е философски и тој за богословските поими размислува философски. На пример, покајние (на грчки μετάνοια) е „промена на умното гледање“ (преумување), а прелест (πλάνη) е „заблуда“. Русите го сфаќале покајанието како душевно чувство. Тоа е „жалење за направеното“, за она што сме го рекле или направиле, кога Му велиме на Бога: „Прости ми!“
Зборот „прелест“ го означува она што не доаѓа од Единствениот Вистински Бог, но измамнички ни се причинува како големо и свето, и ние го отвораме нашето срце за таа грешка. Кога светите Отци зборуваат за прелеста, тие зборуваат од своето искуство. Ние не можеме да ја избегнеме прелеста - не зборувам за целиот наш живот, туку за посебни животни случаи.
Зборот „прелест“ го сфатив вака: (прелест е) кога некоја духовна појава ќе ме привлече кон неа и јас ќе ѝ го отворам срцето, после што можам да дознаам дали сум згрешил или не, и преку покајанието да ѝ се вратам на вистината...
Секој пат кога ќе направиме или ќе паднеме во некој грев, од кој било вид, или степен – со мислите, срдечен, телесен – ние сме жртва на прелеста. Ние и го првиме гревот затоа што тој нѐ привлекува.
Во тропарот за мачениците постои израз „ѕвезда непрелесна“. Тој израз стана битен за мене. Во состојбата кога целосно Му се предаваат на Бога, мачениците стануваат „непрелесни ѕвезди“, односно ѕвезди „потоплно вистински, во кои нема ниту трага невистина“.
Ви зборувам за тоа, затоа што до денес, прелеста е можна насекаде – и на Света Гора, и во Грција, и во Франција, и кај нас. Но, како да бидеме сигурни дека сето она што го прифаќаме, а што ја надминува нашата мера на поимање, е потоплно вистинито? Каде е тој критериум, кој можеме да го избереме за да утврдиме дали се наоѓаме во прелест или, пак, на вистинскиот пат? Така во молитвата кон ангелот-чувар се вели: „Ангелу Божји, мој свет чувару, сочувај го мојот живот во стравот од Христа Бога, умот мој зацврсти го на вистинскиот пат“. Излезот е во делот : „умот мој зацврсти го на вистинскиот пат“, или како што се вели во псалмот: „Твојот добар Дух нека ме води по прав пат. Покажи ми го патот по кој да одам, бидејќи кон Тебе ја подигнувам својата душа“...
Една од најголемите опасности лежи во нашата способност за горделивост. Во животот не треба да си замислуваме дека Бог е со нас и дека ние Го гледаме: треба да бидеме свесни дека Бог нѐ гледа нас. Таквиот пристап ќе нѐ спаси од застранувањето и замисленоста (од типот): „јас сум пророк“, „јас сум апостол“, „јас сум светител“, „јас сум ваков; јас сум таков“. Ние се подвизуваме слободни од секое високо мислење за себеси и она што Бог сака. Тој тоа го прави преку нас; без нас. Ви зборувам за тоа како треба да се живее за да се избегне прелеста. И – живеејќи во страдална состојба на целото наше битие (духот, умот, срцето, телото), потполно страдајќи во битката да не згешиме – ние и не знаеме дека со тоа соучествуваме во Христовите страдања... Но, Бог може тоа да ни го признае како соучество и тоа може да ни го пресмета, следејќи го Своето расудување, а не нашето. Нашиот пат е постојано да се смируваме, а Бог ќе го вознесе и прослави (човекот). Затоа не треба самите да се превознесуваме. Треба да се живее со целосно смирение и свесност. А ако Бог и подари нешто, тоа се случува во таков облик, што ја поразува секоја човечка горделивост. Меѓутоа, тоа е од Бога, а не од нас.
Според тоа, ве молам, мили мои браќа и сестри, подвлечете го и запомнете го ова целиот ваш живот: нашето дело е постојано да се смируваме. За тоа Господ кажува: „секој кој се понизува, ќе биде воздигнат“. А само Бог може да воздигне (човек). Во спротивно, се добива слика која е различна од нашата горделивост: помислуваме дека сме се воздигнале кон Бога, а всушност не сме се ни помрднале од местото на кое сме... А ако не се откажеме од гордоста, Самиот Бог ќе ни дојде... Мојата задача е тешка и одговорна, и би сакал својата должност кон вас да ја исполнам, навистина беспрекорно. И, ве молам, она што денес ви го зборував да го запишете во вашите срца и во вашиот умови, и тогаш ќе чекорите по вашиот пат со смирение и цврстина. А неизбежно ќе има часови, седмици, години... кога ќе живееме без чувство за дејството на Светиот Дух во нас. Тоа се важни периоди. Тогаш треба да ја покажеме нашата верност и љубов кон Бога: без да имаме чувство на дејство на благодатта (во себе), да живееме како благодатта да е со нас. Во книгата за Старец Силуан пишувам за тоа дека тој размислуваше вака: „Ако верно ги исполнуваме Божјите заповеди, ќе настапи време кога благодатта ќе дојде и ќе остане во нас засекогаш“.
Значи, не треба да се брза. Некои Отци на Света Гора, дури после повеќе од четириесет години ја примиле големата благодат и дури тогаш ја спознале, во очи смртта. И тоа е највистинскиот пат. Значи, работите се случуваат вака: благодатта на совршенството се дава или на самиот почеток, или во средината, или на крајот. А кога (благодатта) се дава на крајот, тоа е најцврстата состојба. И ние ќе трпиме долго, во текот на целиот живот, како да сме на самиот почеток.
Старец Софрониј