За исповедта
 
 
 
 
 

За исповедта (19.07.2012)

Големиот Старец Паисиј од Њамц вели: „Исповедта на мислите кај духовникот е темел на духовниот живот и надеж за спасение, на сите“ (Романски старечник).

 

Отци, браќа и љубени верници.

Една од големите духовни должности, како за монасите така и за мирјаните е исповедта на гревовите. Затоа во продолжение сакам да зборувам во врска со таа Света Тајна. Пред сѐ, треба да се потсетиме дека пред Господ сите сме грешни, едни повеќе, други помалку. Тоа ни го покажува Божјото Писмо, кое вели: „Сите многу грешиме“. „Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме себеси и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ исчисти од секоја неправда“ (1 Јов. 1, 8-9).

Свети Симеон Солунски ни покажува дека сите луѓе се должни да ги исповедаат своите гревови: архиереите, свештениците, монасите, мирјаните (За тајната на покајанието).

Еве што подразбира Светата Исповед:

а) Исповедта треба да се извршува пред духовникот;

б) Исповедта треба да биде потполна, односно да ги опфати сите гревови кои се направени, од детството, или од последната исповед, и да не се крие ништо од направеното;

в) Исповедта треба да се направи доброволно, според сведоштвото на Светиот Дух: „И своеволно ќе се исповедам пред Него“;

г) Исповедта нека биде со понизност, бидејќи „срцето кое е смирено и се кае, Бог не го отфрла“;

д) При исповедта не треба да ја насочуваме вината кон никого, дури ни кон паднатите ангели, ни кон луѓето, ни кон кое било друго Божјо создание, велејќи дека заради нив направивме грев, туку само себеси да се осудуваме и да кажеме дека ние сме причината за своите гревови, и никој друг. За тоа отец Јован Златоуст вели: „Сакаш ли да осудуваш, осуди се самиот себеси“. Св. Јован Лествичник, кажувајќи дека треба самите да се осудуваме за време на исповедта на гревовите, вели: „Кажи и не се срами: моја е вината, отец; моја е раната; заради мојата мрзливост дојде до тоа, не заради туѓа. Никој не е крив за тоа, ни човек, ни дух, ниту телото, ниту некој друг, туку мојата мрза“;

ѓ) Исповедта нека биде праведна, односно да ја кажеш вистината, како сѐ си направил, но името на личноста со која си згрешил да не ја кажеш. Искрено кажи сѐ, знаејќи дека Бог ја љуби вистината, според сведоштвото на Светото Писмо, кое вели: „Постои срам кој предизвикува грев и постои срам кој донесува слава и благодат“. Тој срам што го поднесуваш на исповедта ќе те спаси од срамот кој сите ќе нѐ стигне во страшниот ден на Божјиот суд, како што кажува св. Јован Лествичник: „Бидејќи не може без срам да се спасиме од срамот“;

е) Исповедта нека биде одлучна, односно пред духовникот да ја донесеме големата одлука повеќе да не грешиме, имајќи ја како помош Божјата благодат, и да посакаме илјада пати да умреме, отколку и понатаму да грешиме по сопствена волја. Затоа Божјите Учители на Црквата кажуваат: „кој нема да ја донесе таа одлука, со едната нога е кај духовникот, а со другата кај гревот; се исповедаат со устата, а со срцето смислуваат како повторно да направат грев, стануваат налик на песот, кој се враќа на својата блуеница, како и на свињата, која откако ќе се избања и исчисти, повторно се прпелка во калта“. Таквиот само по навика се исповеда, бидејќи доаѓа Рождество Христово или Воскресение, или е во опасност од смртта.

Во Старечникот читаме дека некој голем испосник видел како душите слегуваат во пеколот како што снегулките паѓаат кога е зима, затоа што не се исповедале вистински, со одлучност повеќе да не грешат. Затоа св. Василиј Велики вели: „Нема корист од исповедта, ниту се исповеда оној кој на исповедта кажува само дека згрешил, а и понатаму греши и не го мрази гревот. Бидејќи не се исповеда оној кој кажува: ’Згрешив’, и потоа живее во гревот, туку оној кој прави како што кажува псалмот: ’го спознав гревот и го намразив“. Бидејќи, каква е ползата од лекарскиот преглед, кога човекот го прави она што му штети на неговиот живот? Така, не е од никаква полза простувањето кое го дава духовникот на оној кој и понатаму прави неправда. Целото твое покајание се содржи во тоа да одлучиш да го промениш својот живот.

 

Старец Клеопа