За покајанието (20.07.2012)
Оној кој сака да се спаси треба секогаш да има срце подготвено за каење и смирување: „Жртвата пред Бога е смирен дух, срцето кое е смирено и се кае, Бог не го отфрла“. Во таквата смиреност на духот човекот лесно може безбедно да поминува покрај итрите замки на ѓаволот, чии сили се насочени кон тоа да го смутат човековиот дух и во тој смут да посеат какол, според зборовите во Евангелието: „Гоподару, нели добро семе посеа на својата нива, од каде овој какол? А тој им рече: ‘Непријателот го направи тоа“.
Почетокот на покајнието се раѓа од стравот Божји и вниманието над себе, како што кажува св. маченик Бонифациј: „стравот од Бога е татко на вниманието, а вниманието е мајка на внатрешниот спокој. Стравот ја буди заспаната совест, која прави, душата да ја согледа својата недоделканост, како во некоја чиста и незаматена вода – така се раѓаат никулците и се шират корењата на покајанието.“
Ние низ целиот живот со своите гревовни падови го нажалуваме Божјото величество, па затоа сме должни, со смирение да молиме од Господ простување на своите долгови. А може ли благодатниот човек, после падот, да се подигне преку покајание? Може! Според псалмопејачот: Ме туркаа силно, за да паднам, но Господ ми помогна (Пс. 117, 13). Кога св. пророк Натан го разобличи Давид, тој се покаја и му беше простено. За ова погоден е и примерот на еден пустиножител, кој одејќи по вода, покрај изворот падна во грев. Но, кога се врати во келијата, тој стана свесен за својот грев и пак почна да води подвижнички живот, како и претходно. Ѓаволот го смутуваше, предочувајќи му ја тежината на гревот и трудејќи се да го одвлече од подвижничкиот живот. Но, Христовиот војник беше непоколеблив на својот пат. Тогаш овој случај му беше откриен на некој блажен Отец од Господ, Кој му заповеда да го прослави овој брат заради таквата победа над ѓаволот.
Кога искрено се каеме за своите гревови и Му се обраќаме на својот Господ Исус Христос со сето срце, Тој ни се радува, приредува свеченост и на неа љубезно ја покажува паричката, која повторно ја пронашол, односно Својот царски лик и подобие (во нас покајаните). Подигајќи ја на плеќи заблудената овчичка, Тој ја носи кај Својот Отец. Во живеалиштето на сите радосни Бог ја населува и душата на човекот кој се покајал, заедно со оние кои не ни избегале од Него. И затоа, да не бидеме мрзливи и брзо да се обратиме кон нашиот милостив Владика, и да не паѓаме во лесноумност и очај заради своите тешки и небројни гревови. Очајот е најпотполна радост за ѓаволот. Тој е грев кој води кон смртта.
Покајанието за некој направен грев, помеѓу останатото, се состои и во тоа човекот повеќе да не го прави истиот. Како што за секоја болест постои лек, така и за секој грев постои покајание.
Свети Серафим Саровски