За покајанието (22.07.2012)
Со цел да придонесе за неопходното разбирање на моќта и важноста на покајанието, Старец Амвросиј велеше: „Какви времиња се пред нас! Порано, кога некој искрено ќе се покаеше за своите гревови, тој ќе го сменеше својот начин на живот и ќе живееше непорочно. Но, сега често се случува, за време на исповедта, личноста да ги исповеда своите гревови, и после да продолжи да живее по старо.“
Старецот кажа уште една поучна приказна. Ѓаволот во облик на човек седел и ги нишал нозете. Гледајќи го со духовните очи, Старецот го прашал: „Зошто ништо не работиш?“ Тој одговорил: „Па немам што да работам освен да ги нишам нозете, бидејќи луѓето сѐ прават подобро од мене“.
„Постојат три услови за спасение според св. Јован Златоуст:
а) Не греши;
б) Ако си грешел, покај се;
в) Оние кои се каат на вистински начин, мораат да ги носат своите бремиња, кои ги снаоѓаат.“
„Се случува“, знаеше да каже Старецот, „иако нашите гревови се простени преку покајанието, нашата свест да не престанува да ни ги претставува. Како споредба, починатиот Старец Макариј знаеше да го покажува својот палец, кој многу одамна му беше исечен; болката одамна помина, но лузната остана. Токму така е и после покајанието, лузните остануваат, односно, укорите на совеста.“
„Иако Бог им ги простува гревовите на оние кои се каат, секој грев бара очистувачка казна. На пример, откако Христос му рече на покајаниот разбојник: ‘Уште денес ќе бидеш со Мене во рајот‘, неговите колена ги прекршија. А што мислите, како било да се виси само на сопствените раце, три часа, со скршени чашки? Тоа значело дека тој мора да се очисти преку страдание. Очистувањето на оние грешници, кои умреле веднаш после покајанието, се врши преку молитвите на Црквата, а оние кои сѐ уште живеат, мораат да се очистат преку промена на својот начин на живот и милосрдноста, која би ги покрила нивните гревови.“