Како да се достигне потребната нерасејаност на молитвата? Подготовка за успешно извршување на молитвата
 
 
 
 
 

Како да се достигне потребната нерасејаност на молитвата? Подготовка за успешно извршување на молитвата (25.07.2012)

Ми пишувате дека никако не можете да управувате со мислите, дека постојано ви бегаат и дека молитвата воопшто не се одвива онака како што би сакале; а преку ден, заради работата и средбите со други луѓе, речиси и воопшто не си спомнувате за Бога.

Тоа не може одеднаш. Треба доволно да се потрудите за мислите колку-толку да се потсмират; а тоа што вие сте очекувале дека само треба да се започне и сѐ е веднаш тука – ништо од тоа. Па успех е и што сѐ ова сте почнале го применувате и да се сметате за лоши. Бидејќи тоа и претходно постоело, а сега не само што го приметувате хаосот во мислите, туку и се вознемирувате заради тоа и изјавувате дека би сакале да ги доведете во ред. Повелете и понатаму распалувајте го во себе тоа незадоволство и трудете се да се поправите.

Веќе ви пишував дека постојаната и непрекината работа на себе претставува неопходен услов за успех во духовниот живот. Сигурното смирување на мислите е Божји дар, но тој дар не се дава без голем сопствен труд. Само со сопствениот труд ништо нема да се постигне, ниту Бог ќе ви даде нешто ако не се потрудите со целата сила. Тоа е непромелив закон. Прочитајте во 19-та беседа од св. Макариј Велики за тоа дека христијаните треба да се принудуваат себеси на секое добро. Таму пишува дека треба да се принудуваме себеси на молитва, ако ја немаме духовната молитва, и дека во тој случај ако Бог види дека човекот напорно се подвизува и ги совладува своите мисли, на таквиот ќе му ја даде вистинската молитва, собрана, задлабочена, кога умот неотстапно стои пред Бога. А штом за време на молитвата умот почне неотстапно да живее во Бога, после тоа нема повеќе да сака да се оддели од Него, зашто со тоа е поврзана благоста, која кога човекот ќе ја вкуси, повеќе нема да сака да проба ништо друго.

А што треба да се прави? За тоа веќе неколку пати ви зборував: не треба да им се дозволи на мислите слободно да лутаат, а кога случајно ќе избегаат треба во истиот миг да ги вратиме назад, укорувајќи се и тагувајќи поради тоа. Св. Јован Лествичник за тоа вели дека треба да се непрегаме со сета сила и да го заклучиме својот ум во зборовите на молитвата.

Најдобро од сѐ е да се оди во црква, бидејќи таму молитвениот дух брзо ќе се развие, затоа што во црквата сѐ е насочено кон тоа; но за вас тоа не е баш лесно изводливо. Затоа потрудете се дома да се навикнете на нерасејаната молитва и останатото време да го поминувате со Бога, колку што можете. Учејќи се на молитвата, не заборавајте да проникнете во секој збор и да го почувствувате, бидејќи така ќе го заковате своето внимание на тие зборови од молитвата и ќе го загреете молитвеното чувство.

Еве што уште треба да правите. Немојте да се молите веднаш после домашните грижи, разговори и обврски, туку прво малку подгответе се за неа, трудејќи се прво да ги соберете своите мисли и да ги насочите на вистинското место, пред Бога. Разбудете го во себе чувството за потреба од молитвата, токму во тој миг, бидејќи можно е да нема друг. Исто така, не заборавајте да ја обновувате совеста за своите духовни потреби, а пред сѐ, за вашата најважна потреба: средувањето на мислите во текот на молитвата, за да најдете мир во Бога. Кога срцето ќе биде свесно и кога ќе ја почувствува таа потреба, тогаш тоа самото нема да ви дозволи да залутате на нешто друго, туку ќе ве натера да се молите на Господ токму заради нив. Пред сѐ, што посилно треба да ја почувствувате својата потполна беспомошност: дека ако Го нема Господ, целосно ќе пропаднете. Ако некому му се заканува несреќа, а тој пред себе го има лицето кое е во состојба во истиот миг да го спаси, ќе се врти ли ваму-таму? Не, туку ќе падне пред него и ќе го моли. Така ќе биде и со вас за време на молитвата, кога ќе ѝ пристапите чувствувајќи колку сте слаби и со свест дека нема кој друг да ве спаси освен Единствениот Бог.

Сите ние имаме една мана, што на секоја друга работа ѝ пристапуваме со одредена поготовка, колку и да е неважна, а со молитвата постапуваме во лет и брзаме што побрзо да ја кажеме, како тоа да е некое инцидентно дело, а не најважното од сите. И како тогаш за време на молитвата да има собраност на мислите и чувствата? Затоа таа и се извршува како во хаос. Не! Треба да се одречете од таа грешка и ни под никаков изговор да не дозволите да бидете лесномислени во поглед на молитвата. Морате да бидете убедени дека таквиот однос кон молитвата претставува злосторство, и тоа најголемо. Молитвата сметајте ја за првенствено дело во својот живот и така држете ја во своето срце. Тогаш, така и пристапувајте ѝ – како на првенствено дело, а не како на нешто споредно.

Трудете се. Бог нека ви биде помошник. Гледајте да го исполнувате она што ви се кажува. Ако го исполнувате, брзо ќе го видите плодот. Потрудете се да ја почувствувате благоста на вистинската молитва, а Бог ќе ве поткрене и инспирира за постојана и внимателна молитва. Господ нека ве благослови!

 

Свети Теофан Затворник