За Исусовата молитва
 
 
 
 
 

За Исусовата молитва (27.07.2012)

Единствената смисла на Исусовата молитва е покајанието! Ние се молиме: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот! Ова значи покајание. Со други зборови, ако се молиш без покајание значи дека во себе ја вгнездуваш гордоста и дека си на погрешниот пат. Зошто Му се молиме на нашиот Господ Исус Христос да нѐ помилува? Затоа што сме грешни. Според тоа, оваа молитва треба да ја изговараме само со покајание. Ако во тебе има гордост, макар и малку, Господ нема да те помилува. Лукавиот го знае ова, бидејќи тој падна заради гордоста. Затоа тој преку гордоста ги сее страстите во срцата на сите луѓе во светот. Непријателот ни шепнува: „Слава Му на Бога! Ти си монах. Не си како останатите луѓе. Грешен си, но не си како останатите луѓе“. Во ова е големата духовна штета и пропаст за христијанинот. Колку се поголеми даровите кои си ги примил, без разлика дали си епископ, свештеник, ѓакон, монах, лекар, професор, инжињер и сл. треба да се сметаш за поголем должник на Бога и погрешен од останатите луѓе. Ако св. апостол Павле, кој бил вознесен до третото небо и ги чул тајните за кои „окото не ги видело, увото не чуло, ниту на човекот на ум му паднало“, се смирува себеси, велејќи: „Христос дојде во светот да ги спаси грешните од кои првиот сум јас“, зошто тогаш ние, острастените и полни со гревови, се гордееме? Колку повеќе ќе се исчистиш од гревовите и ќе Му се приближиш на Бога, во Божествената Светлина појасно ќе ги видиш своите страсти и гревови. Ги гледаш во нивната вистинска големина и количина, а ја гледаш и темнината на своето срце.

Ако се сметаш себеси за погрешен од сите луѓе, дури и од демоните кои непрестајно поробуваат и присилуваат на секакво зло, тогаш ќе те посети Светиот Дух. Гордоста е многу штетна за духовниот живот! Затоа св. Јован Дамаскин во каноните на Пресвета Богородица вели: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, помилуј ме грешниот; најгрешниот од сите луѓе“. Тој ова не го кажал туку така, туку благодарејќи на смирението, тој се смета себеси за најнедостоен и полош од секој човек. Ако вака се смируваме, седобриот Бог може да ни помогне да го наследиме небесното Царство, бидејќи смирениот грешник е пооправдан пред Бога отколку гордиот праведник. Оној кој се украсува со секое добро дело, а ѝ робува на гордоста, Бог ќе допушти да падне во грев, за на тој начин да се смири. Затоа Господ ни ја остави приказната за цариникот и фарисејот. Фарисејот имал добри дела, но бил горделив, велејќи: „Јас не сум како останатите луѓе и како овој цариник. Заради гордоста, тој не го добил Божјиот благослов. А цариникот не се обидел ни погледот да го подигне, велејќи: „Боже, биди милостив кон мене грешниот!“ И поради своето смирение примил благослов од Бога. Така тој излегол од храмот оправдан и исполнет со благодатта на Светиот Дух.

 

Старец Дионисиј

 

Богољубивиот Старец е роден 1909 г. во Романија , а во 1926 дошол на Света Гора. Се подвизувал во романскиот скит Св. Георгиј. Тој е еден од последните монаси кој во текот на првата половина на 20 век бил во контакт со светите светогорски подвижници. Се упокоил во 2004 г. на 95 години. Бил монах 82 години од кои 77 поминал на Света Гора.