За послушанието (27.07.2012)
Послушанието е тајна која се открива само со Светиот Дух.
Послушанието како одрекување од својата волја и разум, губење на своето јас, може на прв поглед да се покаже како ропство, како самоуништување спротивно на Божјата замисла за човекот кој е надарен со слободна волја. Но кај оние, кои со вера го следеле учењето на Православната Црква и го извршиле таквото одрекување во духот на тоа учење, послушанието се открило како голем неискажлив дар одгоре.
Послушникот е орел кој на своите крилја се подигнува во височината. Тој е свесен за својата безбедност и за сето она кое на другите им е недостапно и страшно. Со доверба, со подготвеност, со љубов, со радост, предавајќи ја својата волја и секој суд над себе на духовниот отец, го отфрлаш тешкиот товар на земните грижи и вкусуваш од она на кое е невозможно да му се одреди цената – чистотата на умот во Бога.
Вистинската слобода е таму каде што е Господовиот Дух. Целта на послушанието, како и на христијанскиот живот воопшто, е стекнувањето на Светиот Дух.
Една од главните пречки за достигнувањето на таа состојба, на која нѐ повикуваат Христовите заповеди е нашиот егоизам.
Послушанието е пат кон победата над последицата од првородениот грев во нас.
Отсекувајќи ја својата волја пред Бога, предавајќи се на Божјата волја, стануваме способни да го вселиме и носиме во себе дејството на Божјата волја.
Усовршувајќи се во послушноста кон Бога и ближните, ние се усовршуваме во љубовта.
Кој доброволно ги доверил својата волја и расудување на духовниот отец, тој опитно ја вкусува несовршеноста на својот ум и радосно се уверува дека дошол до изворот на водата, која тече кон вечниот живот.
Послушникот кој се предава во доброволно ропство, за возврат добива вистинска слобода.
Добриот послушник го чувствува присуството на Светиот Дух, Кој на душата ѝ донесува не само длабок мир, туку и несомнено чувство за „преминот од смрт во живот“.
Односите помеѓу Старецот и послушникот имаат свет карактер.
Послушникот се поучува да ја исполнува Божјата волја и со тоа се причестува со Божествениот живот.
Старецот не ја заробува волјата на послушникот со својата човечка волја и затоа трудете се да не го поттикнувате Старецот да заповеда.
Подвигот на Старецот е потежок од подвигот на послушникот заради неговата одговорност пред Бога. Меѓутоа, одговорноста пред Бога ќе ја понесе Старецот само во случај кога ученикот го извршува послушанието. Кога, пак, нема послушност, целата тежина на одговорноста за своите постапки ја носи самиот послушник, губејќи го сето она што се постигнува со послушанието. Целта на Старецот не е во тоа да го ослободи ученикот од одговорноста, туку во тоа да го научи послушникот на вистинскиот христијански живот и вистинската христијанска слобода.
Монаштвото е чистота на умот, која не може да се достигне без послушност. Без послушност нема монаштво. Надвор од монаштвото може да се достигнат големите Божји дарови сѐ до маченичкото совршенство, но чистотата на умот е посебен дар на монаштвото, непознат за другите патишта, а монахот ја вкусува таа состојба не на друг начин, туку преку подвигот на послушанието.
Старец Сава Псковско-Печерски