Молитвеното богословие во Црквата (29.07.2012)
Црквата најдобро се изразува себеси преку молитвениот живот. Молитвата е нејзин став и нејзин јазик кон Троичното Божество, Кое во најголема можна мера ни се покажало преку Воплотениот Бог Логосот. А за боголикото, и оттаму богонаклонетото создание – човекот, нема ништо поприродно и попотребно од тоа постојано да биде во метаниски молитвен сремеж кон Бога, доброволно да се претвори во молитвена стрела на бесмртното боготежнеење. Затоа и најбеглото загледување во бескрајниот океан на црковната молитвеност го исполнува човековото создание со бесмртен небесен миомирис, со тој животворен воздух, кој ни кажува колку на човековата природа ѝ е потребна Тајната на Црквата. А црковната Тајна отсекогаш е вечна и безгранична, бидејќи е Воплотување на втората Личност на Пресвета Троица и никогаш не може целата да влезе во човечките поими, во нивните зборови, изрази. Всушност, сѐ тоа е пелтечење за Божјата Сетајна. Единствено верата внатре во нас, верата со сите свети таинствени добродетели ја открива во нашата душа чудесната Тајна и ликот на Богочовековото тело – Црквата.
Поради Богочовечката бескрајна Тајна на Црквата, светоапостолското и светоотечкото учење за Црквата отсекогаш е метаниски смиреноумно и молитвено. И во ексиологијата, и во христологијата, и во сотирологијата, и во сѐ што се однесува на Богочовекот Исус Христос и Неговото Богочовечко тело – Црквата, бесмртно важи, за сите и за сѐ, живата богомудра вистина и благовест на светиот Златоуст: „Смиреноумието е темел на нашата философија “, богочовечката фолософија, апостолската, светоотечката, православната. Ако на тоа се додаде боговдахновената благовест на св. Максим Исповедник: „Без смиреноумието, вистината е слепа“, се добива потполната православна гносеологија. Притоа, молитвеното богословие ни ја открива оваа севистина: Светата Евхаристија е полнота на Црквата; таа е врв над сите врвови, полнота над сите полноти. Таа е Живиот, Сесовршен Богочовек Христос, секаде присутен со Својата Богочовечност и полнота во Црквата, низ сите векови. Со неа и во неа се доживува целиот живот на Богочовекот Христос, на земјата и на небото. Во неа: Тој е сѐ, Тој е Тој – „Кој принесува и Се принесува, Кој прима и Кој се раздава“; Тој е и Спасител, и Крстител, и Жртва, и Победник над смртта, и Воскресник, и Вознесител, и Бог и Човек – Богочовек; Тој е и Црква низ сите векови и низ целата вечност. Тој: „совршен Бог“ и „совршен Човек“, совршен Богочовек; Тој – Севистина, Тој – Сељубов, Тој – Сеправда, Тој – Семудрост, Тој – Седобро, Тој – Серадост, Тој – Божество, Тој – Сежртва, Тој – Сеархиереј, Тој – Сѐ за човечкото создание во сите светови. Тој таков, секогаш таков во Светата Евхаристија; секогаш таков за секој причесник, и во секој причесник. И преку тоа: Тој – наше осветување, наше преобразување, наше спасение, наше охристовување, наше обожување, наше обогочовечување, наше отроичување, наше сѐ, сѐ, сѐ. И тоа се доживува во Богочовечкото тело – Црквата, преку причестувањето со Светите Евхаристиски Тело и Крв на Спасителот. Се доживува и постигнува. Како Христово тело – Евхаристијата е Црква, и Црквата е Евхаристија: бидејќи со неа и во неа ние сме во соборно содејство со сите светии, а пред сѐ, со Пресветата Богомајка, Која ни го роди телото на Господ и нашиот Спасител Исус Христос, и со тоа ја роди Црквата.
Сите останати богослужења во Црквата на Спасителот се подготовка за Светата Евхаристија, патишта кои водат до целта на човечкиот живот: евхаристичкото соединување со Спасителот Христос. И воопшто, целата молитвеност на Црквата служи за тоа. Тоа е главното чувство на секој вистински член на Црквата. Нема сомнеж, во Црквата се живее преку молитвата; молитвата е нејзиното срце, нејзиниот јазик, нејзиниот живот, нејзиниот... богоживот.
Преподобен Јустин Ќелијски