За плачот (30.07.2012)
Пред нас стои прашањето: на кој начин можеме да се спасиме? Како одговор ќе ги наведам зборовите на нашиот блажен Отец Силуан: „Ти благодарам Господи и Создателу мој, што милостиво ја смири мојата душа и ми го откри патот по којшто оделе Твоите светители. Ти ги сакаш оние кои плачат и по пат на плачот сите светии оделе кон Тебе. Дај ми и на мене, милостив Господи, да одам кон Тебе по патот на Твоите светии, по патот на смирениот плач, кој ми го покажа“.
Во што се состои изопаченоста на современото општество? Погледнете каде водат сите тие школи! Штом човекот ќе дојде до високи академски звања, тој од височина, поточно со презир и непочитување гледа на сите оние кои се под него. Секој човек, кој се родил во овој свет, се возгордејува и поради своето најмало предимство на научен план. И од таа гордост се раѓа наклонетоста кон потчинување на послабите.
И така целата човечка историја доаѓа до навистина, кошмарни состојби. Земете ја нашата епоха. Техничките достигнувања, би требало, берем како што изгледа, да го направат човекот посреќен, да ја задоволат човековата желба да знае сѐ, да завладее со природните закони. Но, никогаш порано немало толку многу самоубиства како денес! И ниту една политичка стратегија не придонела за општествен поредок, кој би успеал да го спречи поробувањето на луѓе од страна на оние кои располагаат со средствата за предизвикување насилство.
А што ни покажа Господ? – „Кој сака да се спаси и да дојде при Отецот, нека врви по Мене“.
Во нашата епоха е потешко да се спасиш отколку порано. Порано сведоштвата за Бог, Кој прави големи чуда, биле секојдневна појава. Како Петар, простиот рибар без образование, одеднаш станал учител на човечкиот род? Господ му ја дал власта со своите молитви да воскреснува. Постои пророштво од светите Отци од четвртиот век за тоа дека во последните времиња, Бог ќе ги скрие тие сведоштва од луѓето, од Своите верни. Тој нема да прави чуда и тие ќе се чувствуваат како Бог да ги напуштил, како да се во состојба на понужување (испразнување - кеносис). А тоа е единствениот вистински пат – како што пишува преподобен Силуан – патот на солзите. Најважната борба е против гордоста. Сите кои сакаат да владеат над луѓето – грешат: тие не знаат дека власта е дадена од Бога. Самиот Бог не сака да владее над човекот, очекувајќи човекот да се ослободи – во слободата на својата љубов кон Бога – да стане бог.
Ние, значи мораме да дојдеме до состојбата кога човекот ќе почне да „Го гледа Бог, како што Тој Е“, не преку „научно“ изучување на богословските дисциплини, туку преку свет живот без грев.
И се молам да ги послушате зборовите на Старецот Силуан: „патот на светите е патот на љубовниот плач“. Каде што е љубовта, таму е плачот. А таму каде што нема љубов, таму нема ни плач: дури и во големите страдања и маки, на пример во време на војната, кога бевме сведоци на најразличните изживувања над поробените, кога садизмот стана секојдневна појава во целиот свет, и таму – немаше плач. Слушнав, дури и за ваков начин на борба: за да се надмине изживувањето од победникот, неопходно е да се мразат победниците. Таа омраза ја намалува болката, и тогаш победникот, не му може ништо на победениот. А Господ вели: „Сакајте ги своите непријатели“. Од таква љубов се раѓа плачот за грешните, за мачителите кои не го спознаа патот на спасението и патот кон вистинскиот живот, според Божјиот образ.
Старец Софрониј