Не треба да очајуваме дури и ако повеќе пати згрешиме
 
 
 
 
 

Не треба да очајуваме дури и ако повеќе пати згрешиме (31.07.2012)

Дури и ако не си онаков каков што треба да бидеш, не смееш да очајуваш. Доволно е што си згрешил. Затоа што уште повеќе би грешел кон Него, сметајќи Го, во своето незнаење, за немоќен. Дали Тој Кој заради тебе сѐ премудро создал, не може да ја спаси твојата душа? Доколку овој факт, како и Неговото Воплотување, само ја зголемува твојата осуда, тогаш покај се. Тој ќе го прими твоето покајание, како што го прими и покајанието на блудниот син и блудницата. Меѓутоа, ако не можеш да се покаеш, ти грешиш од навика, дури и тогаш кога не го сакаш тоа, покажи ја кроткоста на цариникот. Тоа е доволно да го осигура твоето спасение.

Бидејќи, оној кој греши и не се кае, но не очајува, со самото тоа се смета себеси за најбеден и нема да си дозволи никого да осуди. Пред сѐ, ќе се воодушевува на Божјото милосрдие и ќе Му благодари на својот Добротворец, а може да добие и многу други благослови. Иако е таков човек, заради своите гревови потчинет на ѓаволот, тој сепак, заради стравот од Бога, нема да го послуша својот непријател, кој ќе се обидува да го фрли во очај. Заради тоа тој има удел во извршувањето на богоугодно дело. Таквиот човек е благодарен, трпелив, има страв од Бога, не суди, и нема да му се суди. Сѐ се тоа значајни добродетели. За истото зборува и св. Јован Златоуст, кога зборува за пеколот. Тој смета дека пеколот дури ни е и од поголема корист отколку небесното Царство, бидејќи многу, од страв од него, се удостојуваат со Божјото Царство. Пеколот нѐ исполнува со страв, Царството нѐ заштитува со љубов, а во двата случаи нѐ спасува благодатта.

Ако оние над кои се нафрлиле многу душевни и телесни страдања, истрпат до крајот и не се предатат на невнимателноста и очајот, ќе се спасат.

 

Свети Петар Дамаскин