Зошто е неопходна исповедта? (02.08.2012)
Исповедта е првиот елемент на покајанието. Нејзиното значење го гледаме во приказната за блудниот син: „Ќе станам и ќе отидам при татка си, па ќе му речам: ’Татко, згрешив против небото и пред тебе, и веќе не сум достоен да се наречам твој син“ (Лука 15, 17-18).
Со зборовите „ќе станам“ го тој покажува своето исправување од претходниот пад, раскинувањето на врската со претходно, беззаконски направениот избор и грев. Со признанието „згрешив“, моли за прошка. Следниот елемент на вистинското покајание е смирението, кое ја уништува страста во која егоизмот и гордоста на заслепениот наоѓаат прибежиште. „И не сум достоен да се наречам твој син!“ Доброволното признание за тоа дека веќе ја нема таа врска со таткото е неопходен доказ за свеста за својата постапка и враќањето на човекот во неговата природна состојба.
Различни места од Светото Писмо укажуваат за неопходноста од исповед, како на практичен доказ за покајанието. Со исповедта човекот го открива својот пораз, предавството и откажувањето од своите обврски, поради што и дошло до падот и пропаста. Тој ја сфаќа својата вина и со самото тоа ги отстранува причините и сѐ она што го довело до падот, а потоа конечно се враќа кај Отецот со Кој ја прекинал врската заради гревот и престапот.
За секоја постапка и за секој престап човекот поднесува двојна вина: телесно и чувствено, заедно со душата и со умот, од каде и започнува падот. Покајанието без исповед е невозможно, како и исповедта без покајание. Тоа се безусловно две неразделни средства кои водат кон спасението.
Основната причина за човечката заблуда е лажното расудување, кое го донесува умот. Покајанието значи враќање на умот кон правилното расудување и правилниот начин на размислување, за да нема место за неразумните принципи. Бог според Своето човекољубие го прифатил такво враќање на човекот во состојба на духовна рамнотежа и го направил покајанието најголемо добро за нашата природа, после изгубената рајска богоподобност.
Не треба да се пренабрегнува покајанието, зашто според зборовите од Писмото: „кој се раѓа чист од нечистото? Никој“.
Кој е во состојба да ги опише големината на Божјото човекољубие и добрина во однос на човекот, кога Бог го прима, доколку тој Му се обрати со покајание, без оглед на тоа колку големи биле неговото предавство и престапот?
И кој може да ги опише бедата и заслепеноста на заблудениот човек, кога тој го уништува и отфрла дарот, кој го повикува отстапникот и предавникот во закрила на Љубовта и татковата прегратка, спасувајќи го од вечната и страшна осуда?
Всушност, кога Божјото човекољубие не би ни го дало покајанието, тогаш ништо не би ни дал ниту домостројот на нашиот Спасител, бидејќи поради изопаченоста која делува во нас, ние би уништиле сѐ, целиот живот живеејќи во гревови и престапи. И затоа никој од Адамовите потомци во својот живот нека не ја пренабрегнува ползата од тој најголем дар на покајанието, за да не плаче безвредно во идниот живот.
Плачот и солзите (во овој живот) се најважно и најкорисно оружје на вистинското покајание и оние кои правилно се кајат, никако нека не отстапуваат од него.
Старец Јосиф Ватопедски