Секојдневна духовна храна
 
 
 
 
 

Секојдневна духовна храна (05.08.2012)

Неопходно е да се гледа на повозвишената страна на сѐ, не на пониската, горе, а не долу, да се насочува погледот кон небесното Царство, а не кон деталите на земниот живот. Поточно: ситниците на земниот живот мораат да бидат во втор план, а тоа стремење кон небото мора да биде исполнето со ревност, одлучност и постојаност.

Постојаност – тоа е квалитет, добиен со помош на посебен режим на духовниот живот, втемелен на хранењето со мудроста на светите Отци. Со други зборови, духовниот живот мора да се темели на усвојување, впивање на тоа што Боговдахновената мудрост на светите Отци го предложува во своите дела.

Од друга страна, таа постојаност се добива со помош на молитвата. Сите основни молитви дошле до нас преку богослужбените текстови. Се разбира, на различни места и во различни услови, молитвите се практикуваат согласно на можностите, во поголем или помал степен.

Постојаноста вклучува редовно читање на духовна литература, на пример, за време на трпезата, бидејќи ни е потребна постојана инјекција против духот на времето. Ние постојано мораме да ја внесуваме таа духовна храна, која ни е оставена во црковните служби и читања, за да можеме да се бориме против духот на светот, кој нѐ притиснува и кој постојано се труди да нѐ потчини.

Ако само еден ден не ја примиме таа инјекција од зборовите на Светото Писмо и светите Отци – тоа значи дека световното почнува да преовладува во нас. Наскоро ќе забележиме дека сѐ повеќе и повеќе почнуваме да размислуваме за световното; и како повеќе размислуваме, така го губиме духовниот разум.

Таа инјекција, секојдневна духовна храна, е надворешната страна на делото, а внатрешната страна е духовниот живот. Духовниот живот не подразбира „живот во облаците“ и кажување на Исусовата молитва или извршување на некои телесни движења. Тој се содржи во откривањето на законот на духовниот живот во таков поредок, во кој тие се применуваат од одереден човек, во одредена ситуација, соодветно на условите. Тоа се постигнува со многугодишно внимателно читање на светите Отци, со забележување на нивните цитати, кои ни се гледаат како најважни за нас.

Ние го проучуваме тоа за што тие зборуваат, до степен кој на нас ни одговара, и во случај на неопходност наоѓаме паралелни места и кај други свети Отци, ги споредуваме, разгледуваме, подлабоко ја сфаќаме смислата, итн.

Ако сакате да најдете готов и напишан рецепт за некоја ситуација и со таа цел да почнете да ги проучувате светите Отци, вашата намера е осудена на неуспех. Навистина, постојат неколку насоки кон делата на светите Отци, но тоа не е патот кој води во духовниот живот.

Морате постепено да влезете во него, примајќи го учењето на светите Отци во таа мера, во која можете да примите, навраќајќи се на истите текстови после одредено време, сфаќајќи ја нивната смисла подлабоко и на крајот на краиштата, доаѓајќи до јасно сфаќање, во кој облик духовниот живот може да се примени на вас. Ако така постапувате, тогаш при читањето на еден ист свет Отец, постојано ќе наоѓате нешто ново.

Проникнувајте во неговите дела, сѐ подлабоко и подлабоко.