Старец Арсениј Исихаст (07.08.2012)
Прво, треба да му бидеш послушен на својот чесен Старец. Тоа го сака Бог. Си го успокоил својот Старец, си Го успокоил Господ. Послушанието кон Старецот е Божја заповед. Послушност – живот, непослушност – смрт. Послушност – смирение, непослушност – гордост. Си го нажалил својот Старец? Си го нажалил Господ. Заради една непослушност Адам излезе од рајот. Потруди се, колку што можеш, да имаш солзи и Бог ќе се грижи за тебе, и твојата благочестивост нема да згасне. Твојот ангел постојано ќе те води. Слушни, мое детенце, што вели нашиот Христос: „Сакате Мене да Ме најдете? Читајте го Светото Писмо, јас сум внатре“. Пророкот Исаија вели: „Во стравот од Тебе, во утробата сме зачнати“. Односно, Светиот Дух Го примивме. А нашиот Христос повторно преку пророкот Исаија вели: „Кому ќе му ги дадам Моите добра? На кроткиот и смирениот и на оној кој трепери од Моите зборови“. Кога нашиот Господ проповедал, после тоа заминувал во гората, или на друго место и се молел. Што велиш, детенце мое, дали молитвата Му била неопходна на Христос? Не, молитвата не Му била неопходна; нам ни покажал пример за да го подражавеме. Постојано да се молиме. Молитвата да ни биде сопатник. И апостолот Павле вели: „Молете се непрестајно“. Нашиот Христос вели: „Секогаш имајте Ме Мене во своите мисли и во искушенијата ќе бидам со вас“. Амин. За љубовта. Дали ги гледаш, мил мој, степените кои ги посочил апостолот, ученикот на љубовта? 1. Рекол да се љубиме едни со други; 2. Дека љубовта е од Бога; 3. Дека оној кој љуби е роден од Бога; 4. Дека оној кој љуби го познава Бога; 5. „Бог е Љубов. Амин“ – последниот и највозвишен степен. Поради Христос, таа му станува храна на гладниот, а на жедниот, пријатен пијалак. На голиот, облека и на изморениот, одмор. На оној кој се моли, одговор, а на нажалениот, утеха. Амин. Крајот од секоја тага е радоста, а од секој труд, одморот. Од секој срам, славата. Семето паднато на каменот е молитвата на злопамтивиот. Амин. Добрата совест се наоѓа со молитвата, а чистата молитва преку сосвеста. Колку, пак, што внимаваме, толку умот се просветлува, а доколку не внимаваме, нѐ опфаќа темнина. Простувањето на гревовите е слобода од страстите. Амин. Бидејќи тие две работи, верата и љубовта, се неразделни меѓу себе, едната со другата се надополнуваат, и една со друга се потврдуваат, и една на друга се одлика, и таму каде ја нема едната ја нема ни другата, и таму каде е едната ја има и другата. Амин. Старец Арсениј Исихаст (собрат на Старец Јосиф Исихастот)