За духовната жетва
 
 
 
 
 

За духовната жетва (09.08.2012)

Кај нас, токму сега е времето за жетва, но жетва во нас самите нема! Всушност, за нас не постои само видливата жетва, туку и умната и духовната. Во годишниот циклус, за секоја жетва постои соодветно време. Денес, кога стоиме во внатрешноста на храмот, се воздигнуваме со умот над ова место, ја положуваме надежта на Господ и го преместуваме умот на небото, размислувајќи за умната и духовна жетва. Возљубени, ќе кажеме нешто за ова, оттаму давајќи ви појдовна точка за спасение. И навистина, секој пат кога ќе дојде тој дел од годината, кога ќе настапи тој период, гледам како многу луѓе брзаат надвор од градовите и трудољубиво работат на жетвата, на берењето и собирањето на плодовите. Тогаш во мене се јавува мислата дека постои и жетва на луѓето, жетва која ги коси од овој привремен и минлив живот и ги пренесува во друг, иден и вечен живот. Како тогаш оној кој жнее безживотно класје или најмува други за оваа работа, кој собира плодови или ги купува од оние кои ги берат, па ги собира во амбарите, не помислува за таа идна жетва? Како не се грижи, кога ќе дојде времето за тоа, да се покаже достоен пред Земјоделецот на нашите души и да биде примен во небесните амбари и заедници? Зар сите се наведнаа кон земјата, како што се наведнати телата на оние кои самите ја обработуваат земјата, па ни глава можат да подигнат, ниту својот разум да го издигнат над земјата?

Браќа, жетвата и семето не постојат само во телесна, туку и во умна смисла, и не само во умна, туку и во духовна. Исто така, постои и никнување и собирање на плодовите, како што постои и обработка на земјата и нивите. Оваа нива ја обработува Бог, како што им вели апостолот на Коринтјаните: „Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива“. И Самиот Господ им рекол на Своите ученици: „Јас сум лозата, вие сте прачките, а Мојот Отец е лозарот. На друго место, повторно за Самиот Себе вели: „Излезе сејачот да го сее своето семе“.

Оние кои правилно веруваат во нашиот Господ Исус Христос и својата вера ја покажуваат преку делата, оние кои внимаваат на себе, или преку исповед и покајание се очистуваат од гревовите, оние кои прават добри дела, кои се спротивни на гревовите, а тоа се: воздржувањето, целомудрието, љубовта, давањето милостина, правичноста, вистинољубивоста; се оние кои, кога ќе воскреснат, ќе го чујат гласот на Самиот небесен Цар: „Дојдете благословени од Мојот Отец, примете го Царството, кое ви е подготвено од почетокот на светот“. Тие на тој начин ќе се зацарат со Христос, ќе го наследат небесното и вечно Царство, и ќе живеат вечно во неискажливата и бескрајна Светлина, која никогаш нема да ја прекине ниедна ноќ, и ќе живеат заедно со сите светии во вечноста и непоимливата наслада од Аврамовите прегратки „каде нема никаква болка, тага и воздишка“.

Кога станува збор за безживотното класје, значи, постои една жетва, а кога станува збор за словесното класје, а под тоа го подразбираме човековиот род, постојат две жетви: едната е онаа за која веќе зборувавме, односно онаа која ги одвојува луѓето од неверувањето и ги собира во верата оние кои ја примиле евангелската проповед. Нејзини жетвари се Господовите апостоли и нивните наследници, а со текот на времето и учителите на Црквата, за кои претходно Христос рекол: „И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечниот живот“. Оваа плата од Бога ја примаат учителите на побожноста, бидејќи ги собираат верните за вечен живот. Другата жетва претставува преминот на секој од нас, преку смртта, од овдешниот живот во идниот. Оваа жетва за жетвари ги нема апостолите, туку ангелите, кои во некои работи се попривилегирани од апостолите, затоа што после жетвата ги избираат и одвојуваат лошите од добрите како каколот од пченицата и добрите ги праќаат во небесното Царство, а лошите ги фрлаат во огнениот пекол.

Да бидеме, како што сме и сега, избран Божји народ, свет плод, Црква на Живиот Бог, одвоена од сите зли, безбожни и неблагочестиви, за во идниот век да бидеме одделени од каколот и приброени меѓу оние кои се спасени во Самиот наш Господ Христос, Кој е благословен во сите векови. Амин!

Свети Григориј Палама